КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ВРТОГЛАВИЦИ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Идејата на Ѕинго, Трајанов и Циле Тупурковски за формирање окрупнет опозиционен трет пат наликува на онаа народната "по свадба тапани".
  • Оваа земја речиси во ниту еден момент не покажа машкост во справувањето со модерниот фашизам, ниту еднаш не покажа подготвеност енергично да ги неутрализира терористичко-криминалните банди.

Мнозинската етничка заедница во државава, како што ги толкува Македонците новонастанатиот Устав, од недела во недела се повеќе станува заложник на хартиите и списите кои активно се множат во рамките на спроведувањето на охридскиот Договор. Ретко кој претпоставуваше дека практичното реализирање на зацртаните обврски од охридското парче хартија е поболно од парафот ставен од страна на четворката плус Претседателот. Но, проблемот не лежи во имплементацијата на Уставот, бидејќи тоа е процес кој не трпи одложување доколку не се сака повторување на минатогодишното сценарио.

Сепак, одредени струи кои & припаѓаат на втората по квантитет етничка заедница во земјава пасивно работат на привремено одложување на усвоените проекти и нивна замена со активности надвор од постигнатиот компромис. Сето тоа свесно ги урнисува и онака кревките основи на привидниот мир и каква таква стабилност. Речиси сите преземени чекори во последниве два месеца од релевантните субјекти во земјава отскокнуваат од веќе договореното. Додека едни се обидуваат колку толку да го сопрат дезинтегрирањето на виталните државни елементи, други го прават сосема спротивното со офанзивни настапи на кои никој не им поставува препреки, трети пак, кои треба да бидат конструктивна опозиција, се однесуваат пасивно без грижа, ама баш за ништо што моментно се случува во државата.

ДРЖАВЕН ХАОС

Кога ќе се состават сите овие несродни опции, се добива институционален и државен хаос во кој загриженоста од бесперспективноста расте. Но, за да не биде сето ова општо нафрлено, неизбежно е да се анализираат поединечни процеси кои аргументирано ќе ја отсликаат целокупната ситуација од денешен аспект. Прво, драмата и хаотичната состојба околу образовните установи се уште трае и не само што не се разрешува, туку напротив се повеќе се продлабочува. Некој го подметна и го иницира случајот Шемшево и сега ги трие дланките од палењето на страстите меѓу мешаното население. Но, органите за спроведување на законите доследно треба и мора да ги почитуваат истите тие закони без подлегнување на притисоците кои доаѓаат од непознати и недостапни групи за органите на прогонот. Тоа пред се, зашто случајот Шемшево не беше проектиран со договорот од Охрид и како таков треба енергично да се спречи без елементи на компромиси, бидејќи времето на компромисите измина и доаѓа времето на обврски. А, зошто се одолговлекува целата работа и зошто на децата им се одзема една година од нивното образование, веројатно знаат само ресорите на Црвенковски и жедните за нови насилства и инциденти. Таквото одолговлекување ги натера жителите на уште неколку тетовски села со мнозинско албанско население да пристапат кон преименување на училиштата од македонски во албански заслужени интелектуалци. Кој ќе ја сноси одговорноста за ваквиот домино-ефект во никогаш нерешеното образование?

Второ, обидите за протуркување на екс-терористот Хисни Шаќири на потпретседателското место во законодавниот дом навистина почна да станува болно за јавноста, исто онака како што претпостави првиот спикер, Поповски. Категоричниот став на Коалицијата "За Македонија заедно" дека нема во ниту еден случај да дозволи поставување на лица директно инволвирани во судирите на места во извршната и законодавната власт, почнува да се колеба и ја нема цврстината од пред два или три месеци. Меката изјава на парламентарниот спикер дека назначувањето на Шаќири може да биде "болно за јавноста" јасно говори за состојбата во кој се затекнати. Од друга страна, пак, таквата упорна кампања на ДУИ претставува уште една шлаканица за и онака дотолчените опоненти ДПА, ПДП и НДП. Интелектуалниот слој молчи, или ретко се појавува преку одредени индивидуи. Што беше тоа достоинство и го има ли се уште некој? Љубителите на црниот хумор би додале: ако Шаќири биде заменик, тогаш Мирко Христов заслужува секретарско место, бидејќи Шаќири и Христов секогаш биле тандем (барем во фудбалот). Нејсе. Околностите не се ниту малку розови за да имаме сатиричен поглед кон нив.

Како трета акутна состојба од која загриженоста кај јавноста расте, иако има демократски елементи, е се посилниот офанзивен модел на врвот на ДУИ за освојување на минијатурниот процент етнички Македонци во деловите каде што не живее ама баш ниту еден Албанец. Модел несвојствен за државата уште од нејзиното конституирање пред шеесетина години. За да биде куриозитетот уште поголем, се надоврзува констатацијата на Агрон Буџаку дека неговиот политички субјект веќе се наметнал кај јавноста како трета политичка опција не само кај албанската, туку и кај македонската. Нешто што досега било несфатливо и неприродно. Но, во оваа земја речиси се се случува и повеќе не смее ништо да не изненади. Како пандан на сето ова доаѓа сега веќе задоцнетата идеја на политичките партии со македонски предзнак за формирање окрупнет опозиционен трет пат. Размилата на Ѕинго, Трајанов и Циле Тупурковски наликува на онаа народната "по свадба тапани". Но, Ахмети ги претекна, им ја зеде позицијата во политичката идеологија и не им остава простор за позитивен продор меѓу народните маси. Ете, Буџаку се пофали дека ДУИ е веќе трета опција во државата, па вака според реториката, заложбите на македонската губитничка тројка се веројатно залудни. Уште еден удар за раслоената македонска политичка свест. Вака и работата на Црвенковски и неговите истомисленици е значително олеснета. Наместо тој да се мачи во дотепувањето на ситните политички фигури од централна и крајно лева провиниенција, работата му ја доверува на својот коалиционен партнер со голем апетит за освојување македонски електорат. Колку демократско-социјалистичката тројка ќе успее да го одврати реформираниот терорист од тенденцијата да го освојува третиот пат во државата ќе се покаже набрзо, според некои предвидувања по новогодишните празници.

ПРОВИДНИ ТЕЗИ И СТРАТЕГИИ?

Во контекст на сите овие нови раздвижувања на македонската политичка арена интересна е се попасивната улога на нововостановената опозиција. Постапката пред законодавниот дом за нејзино дистанцирање од него цели три месеци некаде до февруари е крајно несериозен потег кој му штети на угледот на Парламентот. Незадоволство од учеството на екс-терористите во власта можеше да се изрази на разни начини, многу поконструктивно од наивниот потег на Георгиевски и Андов. Собранието влезе во период на активно донесување или менување на закони од витално и есенцијално значење за опстанокот на македонската држава. Отсуството на опозицијата не претставува ништо друго освен бегање од одговорноста кој се уште ја носат се до расчистување на замрсените клопчиња од последниот владејачки период. Изговорот на довчерашните патриоти дека влезот на командантите на ОНА во извршната власт е причина за нивното отсуство од Собранието, не е оправдлив. ДУИ ќе остане на тронот до 2006-та, ако не се случи нешто непредвидливо. Значи ли тоа дека ВМРО-вците и либералите бојкотот ќе го прават се дотогаш? Провидни тези и стратегии.

Од друга страна, пак, јавната дистанцираност на екс-владејачките гарнитури за определен период од политичките текови во државата за некого е оправдливо. Одредени аналитичари не гледаат нешто лошо во тоа па велат: "Најмалку тие во овој актуелен миг имаат право да коментираат за она што на почетокот го прави новоизбраната постава на Бранко". Држат ли овие констатации? Можеби. Низ сите пори на општествениот живот струјат разноразни девијации со огромни последици врз животот. Сепак, безбедносните настани во последниве дваесетина дена се кулминација на загриженоста кај народот, посебно поради фактот што претставуваат опасен метод на разбојниците поретко виден на овие простори. Свирепото убиство на надзорникот во тетовскиот општински затвор, Јане Јанковски, терористичкиот акт со фрлената батериска бомба во Битола која & ги отсече обете раце на педесетгодишната жена, секојдневните гранични насилнички акти насочени против интегритетот на нашава земја и на нападите врз безбедносните сили, се настани кои покажуваат оти кризата започната минатата година се уште не е завршена и покрај големите отстапки во корист на националните малцинства. Оваа земја речиси во ниту еден момент не покажа машкост во справувањето со модерниот фашизам, ниту еднаш не покажа подготвеност енергично да ги неутрализира терористичко-криминалните банди. Напротив, наместо тоа се правеа непоправливи грешки со недозволиви компромиси и отстапки на штета на државните и националните интереси. Тенденцијата на тоа продолжува и денес со премолчување на фактите и аргументите, со препокривање на валканиците и со наивни обиди да се демократизира нешто што подолго време е во аут. Констатацијата на политичките фигури дека секое насилство ќе престане со комплетната имплементација на охридскиот Рамковен договор не држи вода. Треба јасно да се разграничат моментите кои предизвикуваат и доведуваат до таков развој на состојбите. Новите потпалувачи на насилството не се од редовите кои го поддржуваат спроведувањето на новиот Устав, туку напротив ќе сторат се да не дојде до негово практично реализирање. На крајот на краиштата, под претпоставка да дојде до стопроцентна реализација на зацртаното, радикалните групи нема да се откажат од своите умоболни проекти за големи држави или големи протекторати. Оттука, ако Црвенковски како премиер во наредните четири години цврсто се држи на својата изјава дека "ништо помалку и ништо повеќе нема да се спроведе од она што е запишано во мировниот Договор", тогаш сигурно е дека државните безбедносни органи порано или подоцна ќе мора екстремно да се справат со заговорниците и налогодавците на урбаниот и софистициран тероризам. Секое пасивно поставување на позицијата и улогата на МВР и ресорот одбрана лесно ги поттикнува малубројните шизофренични групи продолжувачи на започнатото дело на Али Ахмети и натаму да атакуваат врз кревкиот мир и соживот на просторите во кризните региони. Во таков случај и утре и задутре и во блиска иднина повторно ќе слушаме за нечовечки методи со изживување и ликвидација на невини луѓе, а сторителите повторно како и досега ќе бидат непознати, невидливи и недостапни за чуварите на јавниот ред и мир.

Од сето ова наведено за нашето секојдневие, дотраените граѓани со право се прашуваат што е нормално и природно во нашево постоење и битисување? Кога ќе дојде денот на новото изгрејсонце и новата преродба, бидејќи вака не се може, вака веќе не се трга. Од ветувањата ништо нема, на луѓе со вратоврски веќе не им се верува. Дотрааја некогаш здравите институции и сега тешко се враќаат на нормален колосек. "Ќе се обидеме" - велат новите. Песимистите велат: "Од нас ништо не бидува". Но, се додека "народот не ја земе судбината во свои раце", а како што гледаме се уште не ја зел. Во меѓувреме, додека не дојде и тоа време, истиот тој народ му ја даде и последната шанса на големиот вожд. Сега очите на јавноста се свртени кон него и неговите. Ќе успеат ли да ги ублажат болките од вртоглавиците?


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"