овек да збесне, колку сме ние
Македонците рамнодушни и апа- тични кон својата земја! Како да ја немаме. Ни
се смеат од страна и не подучуваат како да сме некое од подсахарските
племиња во Африка. А, Македонија "пука" од внатре.
Безредието на Балканот трае долго, многу долго. Македонија во тоа
безредие е како р'тот "Добра Надеж", ставена под хипотека на - злото...
Никако да престанат: делбите, заканите, несогласувањата, криминалот,
поткупот.
Историски, Македонија го доживува гротескниот момент на арамилакот. Цела
држава, ако сме држава, е во бунило. Зарем навистина можело толку лесно и
неказниво да се краде. Од каде потекнуваат корените на нашиот криминал? Што
е најважно и најтажно: сите кражби се "легални"! Барем така изгледаат кога
ќе им се тргне во пресрет да бидат откриени, а тие - покриени... Со
самоуправни одлуки, со управни договори, врамени дури и во позлатени рамки.
Ме воодушеви еден пријател со елоквенцијата за дејствијата на арамиите по
арамилакот: "... Тие, вели тој, главно уживаат во резултатите од својот труд!".
Погледнете што ни се случувало не многу одамна, а можеби ни се случува и
сега, оти ние навистина немаме просторно интегрирана земја, да можеме да ја
ставиме под контрола. Илјадници евра за ручеци, банкети, промоции и -
комоции... Милиони евра за сомнителни зделки во кои ни Господ не може да
продре, крајот да им го најде.
Дали навистина е ова најдоброто време за арамилак? "Левораките" секогаш
имаат чувство за тоа кога "добро се прави"!
Министерот Гошев во предизборната кампања беше поуверлив и пожесток во
нападите на неконтролираната појава на криминалот. Не бираше зборови да каже
дека тоа зло може да се искорени, а не само да се пресече, оти од дебелото
стебло ќе никнат нови, млади криминални гранки.
Мене како граѓанин ништо, ама баш ништо не ми значи кога еден ден, а знам
тоа ќе биде наскоро, Гошев ќе излезе пред јавноста и ќе зборува за "дупките
во Буџетот", оти јас секој ден заедно со армијата македонски граѓани живееме
понеизвесно и посиромашно.
И духовното разнебитување на една држава е мачно и тешко, но
материјалното е најмачно и најтешко. Засега компетентните место да ја чуваат
државата од распад, си гледаат само на гравушки што ќе ни се случи, ако ни
се - случи... Ненаменското и неморалното трошење на буџетските пари допрва
ќе не "удри по глава".
Во сите семејства кај што чесно се заработува секој денар веќе стасуваат
првите зимски главоболки. Толку заработката е "куса" и недоволна, како кога
сакаш да измериш должина од две метри, со само "едно метро" !
Најлошото во Македонија е - воопштувањето. Знаете, еден троши, еден краде,
еден злоупотребува, а сите ние сме заложници. Нема адреса, нема име, нема
сторител. Значи, сите сме ние одговорни за поединечниот криминал во кој ја
вовлековме државата.
Немам илузии дека сите сме - ангели. Ама криво ми е оти криминалците се
измешани со светците. Па толку една држава да биде немоќна да го отсее
каколот од пченицата, не сум сретнал.
Дванаесет години сме самостојна, суверена и независна држава. Кажете ми
која анкетна комисија проработила во законодавниот дом, за по нејзиниот
пример да тргнат и другите институции од системот!? Ми е страв, обидот со
депонирање на "имотните состојби" на политичарите да не биде само една
обична фарса. Дури тогаш државата македонска ќе престане да биде - држава.
А, без држава, тоа ти е како да си потпрен на ветар! Оти тогаш обичниот,
чесен и сиромав човек од жртва го трансформираш во виновник... Кутриот, не
знеал кому му го дава кормилото на државниот брод в раце!?