ПОЛИТИКА

Македонија се дави во безредија

ЗАЛОЖНИЦИ НА ТЕРОРИСТИТЕ И БАНДИТИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • На неранимајковците им е дозволено да прават 'ршум, а кој може да ги спречи во опасната игра? Можеби во земјава ќе се најде некој луд или будала што сака да се кочопери и да им пркоси на "собирачите на данокот во крв"!?
  • Но, засега таков јунак над јунаците не се родил. И онаа мала тронка на јунаштина што ја имаше во душата кај бранителите, политичарите ја уништија. Затоа сега се чувствуваме дека сме изгубени, навредени и продадени.

Промената на поли- тичката гарнитуране донесе ништо ново за граѓаните. Тие и натаму се даваат во исти проблеми: беда, сиромаштија и безработица. На улица, на асфалтот владее законот на колтот, а ситуацијата дури и ни се влошува. Таа е надвор од контрола. Државата е немоќна да интервенира, да го спречи сопственото тонење.

Затоа постојано се живее во напнатост, исчекување и неизвесност, а последиците ни се мошне негативни и траорни. Ова глуво време е добро само за гробарите и за статистичарите. Тоа е нивно идеално време, профитабилно. На коњ се: терористите, бандитите и киднаперите, бидејќи имаат полни раце работа. Тие толку се офајдија од валканата работа што никој не може да им застане на патот. Портите им се ширум отворени, така што не се знае каде утре или денес ќе тропнат.

ДЕНГУБАТ

Последниот сериозен и трагичен настан што се случи во Битола при што од подметната експлозивна направа тешко настрада 53-годишната Зора Крстановска, говори за алармантната ситуација во земјава. Македонија стана вистинско Ел Дорадо. Стана заложник на сопствената немоќ да се соочи со тероризмот и криминалните банди што владеат со целокупната територија на државата. Македонските "десперадоси" го контролираат секој камен или педа во државава. Толку се чувствуваат силни што најверојатно се во можност да го урнат и новоформираното политичко милје во Парламентот. За нив сега не се предизвик албанските национални права и слободи, туку имаат за цел да ја урнат Македонија. Тоа тие го чувствуваат, бидејќи се сконцентрирани и во власта и во селата и во градовите. Во џбуновите се кријат полицајците и наредбодавците (политичарите). Едни со други се тешат, бидејќи разочараниот македонски народ нема кому да се исплаче.

Ако на неранимајковците им е дозволено да прават 'ршум, кој може да ги спречи во опасната игра? Можеби во земјава ќе се најде некој луд или будала што сака да се кочопери и да им пркоси на "собирачите на данокот во крв"!? Но, засега таков јунак над јунаците не се родил. И онаа мала тронка на јунаштина што ја имаше во душата кај бранителите, политичарите ја уништија. Затоа сега се чувствувме дека сме изгубени, навредени и продадени. Никој не не "есапи". Сите си прават "бајрам со умот", а оние малку умните фатија "усфет". Одамна се иселија од Македонија. Оние што останаа денгубат и со поднаведната глава ја одминуваат реалната вистина. Таа е толку заплеткана што никој не може да ја отплетка. Затоа имаме море проблеми. Меѓутоа, најгорлив е оној со безбедноста. Тој е ист како и ланскиот снег. Џабе велат дека ситуацијата ја држат под контрола. Таа нив ги влече за узди. Не треба многу да си паметен за да се дојде до овој заклучок. Тука треба решителност за да се спроведе акција на официјалните државни органи, полицијата. Можеме постојано да дрдориме и да филозофираме, ама кога амнестираните не сакаат да се покоруваат, тогаш нема фајде од зборот и од убедувањата. Треба стап, ред и спроведување на законот. Но, Законот не го слуша македонското лелекање. По грозоморното убиство на недолжниот Ванчо Јосифовски во Тетово, има нови страдалници. Да не им си во нивната кожа. Какво фајде имаше од повиците за мир и трезвени глави. Никакво. Ујдурмата продолжи. Нови убиства, но и киднапирања. Со единствена разлика што Албанци киднапираат Албанци. Очигледно на ножот се враќа со нож, на куршумот со куршум, на алчноста со алчности итн. Но, не е проблем во народната мудрост, туку во државата и оние што сакаат од неа да направат. Вака како што ја нагрдиле, нема долго да трае.

ИЗБЕГАА

Македонската црна хроника е побогата за уште неколку нови цивилни жртви. Меѓу нив е и битолчанката Зора Крстановска која влезе на црниот список само затоа што ја имаше таа зла среќа. Експлозијата се случила во дворот на семејната куќа на Крстановска во битолската населба "Казак Чешма" која е позната како средина во која живеат и Албанци и други националности. Од подметнатата направа таа остана без двете раце, а има и други сериозни повреди по телото и лицето што биле предизвикани од шрапнели. Несреќата се случила откако тешко повредената самохрана мајка во дворот пронашла предмет во форма на обична батериска ламба која од љубопиство ја зела и проверила дали работи. По овој срамен терористички чин нема да владее мир во населбата, а постои опасност повторно да се наруши меѓунационалната толеранција којашто лани беше нарушена.

Уште погрозоморен чин се случи во затворот во Тетово. Во внатрешноста на зградата на Општинскиот затвор во Тетово, во саботата на 7 декември, околу 13,20 часот со два истрела в глава од пиштол е убиен Јане Јанкоски (27) од тетовското село Фалише, надзорник во службата за обезбедување на Општинскиот затвор. Според првичните полициски сознанија, убиец е Хебип Амети (21) од селото Бродец, Тетовско, кој од пред нецела година е вработен со договор на дело во Општинскиот затвор во Тетово, како помошник- надзорник во истата служба за обезбедување. Убиството било извршено со цел од затворот да избега притворениот Фатмир Етеми (20) од селото Сараќино, кој е осомничен дека на 25 април годинава на стариот пат Скопје - Тетово, кај "Петрол-компани", со истрели од огнено оружје во возило БМВ го убил својот соселанец Златко Трајчевски, полицаец во резерва. По злосторството во Општинскиот затвор двајцата, Хебип Амети и Фатмир Атеми, се дале во бегство.

УБИСТВА И ГРАБЕЖИ

Досегашните истражни дејствија укажуваат дека потрагата по осомничениот сторител, неговиот колега Хабил Ахмети и притвореникот Фатмир Бафти, кој избегал веднаш по убиството, продолжува и дека и нема нови моменти. Но, затоа во Тетовско, по традиција продолжуваат грабежите на македонските куќи по шарпланинските села, се слушаат престрелките од огнено оружје, а забележани се и уцени, односно киднапирања на членови од богати албански семејства.

Деновиве едно лице било полесно повредено во главата во вооружена престрелка меѓу криминална банда и тетовско семејство, кое го поседува кафулето "Зебра". Претходно, тетовец рано наутро бил застрелан со куршум во главата по расправија со гостите и сопственикот на кафеаната "Лас Вегас" во селото Пирок, а во близина на тетовското Кале било пронајдено изрешетано тело на младинец од селото Ѓермо.

Последното убиство во Тетово се случило на 8 декемви пред кафеаната "Лас Вегас". Животот го загубил Бесник Мустафи (28) од селото Горно Палчиште. Тој бил убиен во расправија со газдата на кафеаната, од засега нерасчистени околности. Полицијата по увидот на местото на настанот, пронашла две чаури од куршуми, пиштол од чешко производство, кој легално го поседувал сопственикот на локалот Самет, и илегалниот пиштол "ЦЗ" на Бесник.

Телото на младиот тетовец, изрешетан од куршуми, било пронајдено во близина на тетовското Кале. Станува збор за Бурхан Асани од селото Ѓермо, за кого било утврдено дека бил убиен пред неколку дена, со повеќе истрели од огнено оружје. Неговиот труп го пронашол овчар, кај месноста наречена Ловчански Поток.

Но, тоа не е се. Деновиве повторно на мета на бандитите биле куќи на Македонци што живеат во шарпланинскито село Једоарце.

Сите 70 куќи во тетовското село Једоарце на 7 декември биле ограбени, а тоа што не можеле да го однесат, крадците го растуриле. Се претпоставува дека грабежот го извршила поголема бандитска група, која успеала насилно да влезе во сите куќи во селото. Месните жители, кои се многу револтирани и кои повеќе од една година трпат зулуми, уште еднаш побараа од државата ефикасна заштита на нивниот имот. Доколку Владата не одговори на нашите барања, ние ќе се самоорганизираме во селски стражи и ќе го браниме нашиот имот, потенцираат жителите на Једоарце.

Тие сакаат во едно од селата, Сетоле, Једоарце или Отуње, да се отвори полициска станица. Меѓутоа, тој предлог бил неприфатлив во Центарот за менаџмент со кризи, кој проценил дека нема потреба за такво нешто, а "нема ниту екипи за тоа". Цивилното население вели дека секојдневните напади и грабежи врз нивните домови едноставно наметнуваат потреба да се отвори полициска станица во едно од селата. Освен во ова село, арамии влегуваат и во другите шарпланински села во кои живеат Македонци, како што се Брезно, Варвара и Јелошник. Но, властите како да немаат слух за нивните барања. Затоа постои реална шанса жителите да се самоорганизираат и да им дадат отпор на крадците и на арамиите што координирано ги ограбуваат македонските куќи. Доколку продолжи ваквата инертност на државните органи и полицијата, тогаш лошата безбедносна ситуација може уште повеќе да се влоши, оценуваат Македонците во Тетовско. Тие веќе не можат да ги премолчуваат слабостите на власта "како што велат во Скопје". Од неа бараат брза реакција и цврста рака на теренот. Доколку тоа не го сторат, арамиите и натаму ќе бидат газди во безбедносниот вакуум на Република Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"