ВОЈНА

ОНА - Терористичка паравојска во Македонија (9)

ОВК СО ОНА И АНА ГО НАПРАВИЈА КОПИЛЕТО РАИ ВО МАКЕДОНИЈА

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Околу 500 илјади албански емигранти во Германија, Швајцарија, Белгија и во скандинавските земји, фактички го финансираат "лудилото на терористите" на тој начин што од гастербајтерите се прибира изнуден воен арач.

Голем дел од странските личности кои на ваков или онаков начин се директно или ин-директно инволвирани во валканите работи во Македонија во последниве неколку години и натаму остануваат непознаница, мистерија или недостапна информација за македонската и пошироката јавност. Кои биле тие? Каква улога имале? Со кого се поврзувале и соработувале?

Професор Бабановски во своето најново дело за последните збиднувања во нашава држава открива дел од енигматичните лица кои по активностите и дејностите што ги имале во Македонија се сведуваат под именителот на наркотрафиканти, криминалци, мафијаши, па се до терористи.

Некои од нив ги пренесуваме во ова продолжение од фељтонот кој е своевиден осврт на делото на гореспоменатиот автор.

ЦИЈАШИТЕ И ЛЕГИОНЕРИТЕ НА ЛЕКА ЗОГУ

Ќе го споменеме учеството на резидентот на ЦИА за Балканот, Дејвид Ворен, кој одредено време престојуваше во Скопје додека траеше војната во Босна и Херцеговина. Стана зет македонски. Оствари солидни продори во безбедносните структури на Република Македонија, кои воедно го воделе и како оперативна обработка. Откако ја воспоставил мрежата на Косово, југот на Србија (Врање, Бујановац, Прешево) во кумановскиот крај (Сопот- Табановце - Лојане - Ваксинце - Слупчане - Липково - Отља - Матејче - Орланци - Никуштак - Арачиново - Љуботен - Танушевци - Мелетино...) отпочнал да договара испорака на оружје од складиштата на поранешната "Штази" во ДДР и Чешка. Ненадајно исчезнал од Скопје, но не заборавил да го испразни банковното конто на невестата! Првите луѓе, со кои остварил контакти во Република Македонија, биле денешните челници на неколкуте политички партии кои со сесрдна помош на меѓународната заедница ја тероризираат Македонија и работат на создавање на нова албанска државна творба.

Албанците од Македонија му овозможиле на резидентот на ЦИА да оствари солиден продор и во редовите на Иранската разузнувачка служба во Скопје, Тирана и Софија преку кои таа ја напаѓала СРЈ.

Бази за нејзиното дејствување биле клубовите на странските студенти каде што се среќавале и се организирале Палестинците, арапските и муслиманските студенти под превезот на соработка и помош од земјите од Третиот свет - неврзаните. Иранската разузнувачка служба на територијата на Македонија и Бугарија успеала да се пенетрира и во одделни т.н. независни медиуми, особено оние со албански и муслимански предзнак. Покрај другото, интересна е и структурата на паравоената т.н. ОНА. Таа своите единици ги нарекува бригади и ги разликувала според географското подрачје: карадачка, шарска и дебарско-струшка. По сугестии на инструкторите од Пентагон (МПРИ) за да се закамуфлира територијалната припадност на единиците се пристапува кон одбележување со трицифрен број. Први се активирани т.н. 112 бригада во близината на Куманово и 113 бригада во близината на Тетово. Нивниот број е околу 400 борци. Доброто функционирање на снабдувањето со оружје е поврзано со силните финансиски извори што т.н. ОНА ги има во Германија, Швајцарија, Австрија и во други земји. Една од главните задачи на претставниците на т.н. ОНА во овие земји е собирањето на придонесите од Албанците кои живеат на Запад. Има знаци кои покажуваат дека постои присилно собирање на пари за фондовите, т.н. "такса за глава". Според оценките од Запад, финансиските средства собрани од Албаницте кои живеат во странство претставуваат само 10 проценти од приходите собрани пред и по војната на Косово. Таканаречената ОНА претежно ја сочинуваа Албанци од Македонија на возраст од 20 до 30 години, при што границата меѓу армијата и организираниот криминал е незабележлива, бидејќи герилците учествуваат во нелегалната трговија со оружје, цигари и со наркотични средства. Во редовите на т.н. ОНА учествуваа и поранешни борци од Косово и постои сомневање дека партиципирале меѓу 150 и 200 припадници на ОВПМБ. Радикалните политички групации од Косово им даваат политичка и финансиска поддршка на герилците, а една од нив е и партијата на Хашим Тачи. Сите овие сознанија ги има пренесено и германскиот весник "Франкфуртер Алгемајне Цајтунг". Во вооружените напади и провокации припадниците на ОНА користат лесно пешадиско оружје од германско, американско, кинеско, албанско и од југословенско потекло. Располагаат со автоматски и полуавтоматски пушки, рачни минофрлачи, противтенковски и противпешадиски мини, рачни бомби, противавионски митралези, снајперски пушки со голем дострел и со оружје за противвоздушно дејствување (ракети од типот 'стингер'). Таканаречената ОНА со оружје се снабдуваше од трговци од Косово, Хрватска, Босна и од Западна Европа. Главниот пат е од Црна Гора преку Албанија до Северна Македонија и Бугарија во најново време. Околу 500 илјади албански емигранти во Германија, Швајцарија, Белгија и во скандинавските земји, фактички го финансираат "лудилото на терористите" на тој начин што до гастербајтерите се прибира изнуден воен арач. Големи износи пари се слеваат под организираната трговија со луѓе и дрога, како од Косово, така и од Македонија. Еден од мафијашките "кумови" е Агим Гаши од Приштина, кој се смета за крал на дрогата во Милано и финансиер на ОВК. Клучна фигура на албанската мафија бил и Амарилдо Вриони, кој при апсењето признал дека оружјето наменето за Косово го плаќал со хероин. Најголемата риба што им паднала в раце на меѓународните истражни органи е "Принц Доброши", бос на целата трговија со херион во Средна Европа. Од неговите банковни сметки течат многу пари за т.н. ОНА, која оперира во Тетово и околината. Со парите што ги печали во авиопревозот, шверцот со цигари, дрога и проституција Беџет Пацоли ги финансира терористите на ОНА. Овие информации ги потврдува и германскиот весник "Ди Велт" од 27 март 2001 година.

"ЦРНИ СПИСОЦИ" ЗА НЕЛОЈАЛНИТЕ!

Врз основа на разузнувачките информации добиени од неколкуте пријателски земји, оперативните сознанија на македонските социјални служби и податоците на разузнувачките структури на НАТО кои биле анализирани на состанокот на воената ќелија во Монс, Белгија, кон крајот на јули 2002 година премиерот на македонската влада Љубчо Георгиевски ќе обелодени: "Терористичката организација под името 'Илирида' дејствува во Македонија... Организацијата е регистрирана под името 'Републиканска армија на Илирда', се проценува дека има околу 200 члена, а главна цел & е создавање Големо Косово". Официјалните институции на НАТО и ЕУ како и оние подзатскриените од Вашингтон, стационирани во Македонија со задача во името на ООН да го гарантираат и чуваат мирот на овие зовриени балкански простори побрзо да го минимизираат проблемот. Тие со медиумска кампања, настојуваат да објаснат дека "не станува збор за некоја заканувачка организација по безбедноста на Република Македонија со оглед дека истата (РАИ) броела само 20-40 луѓе". Така овие претставници на "меѓународната заедница" продолжуваат со задачата: Се што е во интерес на албанскиот фактор да се пропагира и предимензионира и обратно, кога е во прашање интересот на Република Македонија или загрозувањето на нејзината безбедност од страна на албанските борци за човековите права, да се минимизира, ако веќе не може да се попречи за истиот да не се пишува... Специјалните служби на соседните земји, како и разузнувачките и контраразузнувачките агенции на САД, ЕУ и НАТО, од проверени извори имаат добиени информации дека во почетокот на јули 2002 година во воената база на ОВК-КЗК кај Гњилане била разгледувана воената безбедносна состоја во регионот: Санџак, Црна Гора, Источно Косово - односно Јужна Србија, Македонија и Грција. Станало збор и за потенцијалите со кои располага ОВК во Софија... Било оценето дека Вашингтон и Брисел го менуваат својот став, настојувајќи да им се приближат на политичките структури во Белград и Скопје, дека актуелните политички, економски, социјални и воени состојби меѓу Албанците од анализираните подрачја се особено погодни за почнување на герилска, а потоа и фронтална војна во Црна Гора, Источно Косово - прешевскиот крај и Македонија... Со благовремено вооружено дејствување меѓународната заедница ќе биде предупредена да внимава како се однесува кон албанскиот проблем, кој може со помош на исламскиот фактор да израсне во втора Палестина... Во воените акции, покрај 5.000 вооружени борци од т.н. Ослободителна војска на Митровица, би учестувале ококу 2.500 Албанци припадници на француската Легија на странците под команда на Лега Зогу, 3.000 доброволци од КЗК и ОВПМБ, 800 доброволци на ударните групи на ШИК, кои се нарекуваат "Сири Шипоњеве" (орловско око) и 4.000 припадници на ОНА, АНА и РАИ. Во резерва би останале околу 2.000 истренирани и борбено подготвени припадници на ОНЧ во Грција. Акциите ќе ги координираат и ќе ги раководат членовите на Националниот фронт за ослободување и обединување на албанските територии. Строго доверливи извори говорат дека НФООАТ го раководи извршен комитет составен до 15 члена, а седиштето на истиот е во Тетово. Во фронтот влегуваат покрај наведените вооружени формации и припадниците на армијата на Илирида и Националните орли - припадници на косовските структури за разузнување и контраразузнување од Македонија... Воспоставени се оперативни врски со албанските тајни служби, чиј центар од албанската амбасада во Скопје се дислоцира во Тетово, потоа со Иранската разузнувачка служба преку претставници пенетрирани во муслиманските хуманитарни организации и центарот во Софија (со потцентарот во Скопје), остварени се континуирани контакти и со тајните ќелии на "Мукхабарата" (Тајната служба на Садам Хусеин) кои оперираат на Косово, во Албанија и во Бугарија, како и со екстремните радикални исламски организации од Пакистан, Судан, Египет, Алжир и Саудиска Арабија. Испланирани се неколку акции против припадниците на НАТО во составот на KFOR, особено диверзии, со пропагандно-психолошки цели, врз инсталациите и виталните објекти на базите "Бондстил", аеродромот Петровец, Бунарџик, Ербино, Призрен, Приштина... се со цел да се манифестира воената сила на албанскиот елемент "кој израснал во респектабилен воен партнер на Балканот". На состанокот во Гњилане било одлучено со вооружените акции во неколку градови на Албанија да се соборат од власта социјалистите и на нивно место да се доведат Лека Зогу и Сали Бериша. Било разговарано и за штетното дејствување на Ибрахим Ругова кој требало сериозно да се "предупреди"... Она што е особено интересно за безбедноста на Македонија е фактот дека се формирани воени единици именувани како "Шарски девизии". Тие оперативно би дејствувале на територијата на Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Гостивар, Тетово, Арачиново и Куманово. Националните орли, покрај разузнувачката и контраразузнувачката дејност имаат задача и изготвување на "Црни списоци" и ангажирање на ударните групи за ликвидација на сите Албанци кои покажале нелојалсност кон ОВК, како и оние кои поради различни мотиви им служеле на органите на армијата, безбедноста и полицијата. Особено остри мерки се предвидени против сите носители на политички и јавни функции, од албанските борци за слобода и обединување на сите албански територии на Балканот.

ОНА или Илирида, Легионерите на Зогу или националните орли на КЗК, како експозитура на SHISH во Македонија, припадниците на Исламската фундаменталистичка интернационала, олицетворени во функции на одделни амбасади во Скопје и хуманитарни организации со шпионски предизпозиции, се предмет на работа на нашите специјални служби. Нивните агентурни продори во сите овие структури се навистина за поздравување, но преточувањето во политичка и воена акција на разузнувачките информации, анализи и проценки е на недозволено, дури деструктивно ниво од страна на компетентните луѓе етаблирани во владините и други државни институции и служби. Затоа, првите луѓе на нашата држава и понатаму за најчувствителните прашања во врска со функционирањето на нашата држава ќе се информираат преку "брифинзите" организирани од страна на НАТО разузнувачите, странските весници и коминикеата на терористичките команданти кои преку ден седат во удобните фотелји на владините институции, а преку ноќ од снајперски гнезда пукаат по припадниците на АРМ и МВР. ОНА-нистите ја имаат на нишан нашата држава. Чкрапалото го повлекуваат некои мрачни сили задскриени зад превезот на "меѓународната заедница".

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"