ПОЛИТИКА

Полициските резервисти на улица, а терористите во Парламентот

ПОПОВСКИ ГИ ИГНОРИРАШЕ БРАНИТЕЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Не дојдовме да правиме проблеми, ниту да ја уриваме државата. Ние се боревме за неа, нашите другари загинаа, а многумина останаа инвалиди. Некои од нас ги напуштија работните места само за да ја бранат татковината. Државата сега не остава на цедило. Народот ќе им суди, а ние достоинствено ќе си заминеме, изјави претставникот на Координативното тело на бранителите на РМ, Стево Ристовски.

Стотици полициски резервисти, бранители на Република Македонија, на мунис неколку степени под нулата со часови мирно протестираа пред македонскиот Парламент во Скопје, барајќи власта да им ги исполни трите барања на кои веќе инсистираат подолго време: исплата на заостанатите плати и надоместоци, подмирување на пензиските и инвалидски трошоци и да имаат предност при вработување во МВР и во другите државни институции. Меѓутоа, и покрај добрата волја и добрата организираност на протестот, претставниците на полициските резервисти не беа примени од претседателот на Собранието на РМ, Никола Поповски.

Резервистите од сите градови на земјава прво запалија свеќа во Соборниот храм "Св. Климент Охридски" за покој на душите на загинатите бранители, нивни воени другари, каде што беше одржана и мала литургија, а потоа се упатија кон Собранието. Нивниот протест и обид за прием кај претседателот на Парламентот, Никола Поповски, заврши безуспешно. Делегација од бранителите се обиде да влезе во Парламентот, но не стигна подалеку од чекалницата. Оние што останаа надвор најавуваа дека насилно ќе влезат, доколку Поповски не сака да зборува со нивните делегати, а тогаш ќе мора да се соочи со сите резервисти.

Протестот пред зградата на Парламентот беше под силно полициско обезбедување, вклучувајќи ги и триесетината специјалци со заштитни панцири, штитови и автоматски пушки. По шест часа мрзнење на улица, разочарани и револтирани резервистите си заминаа, најавувајќи дека нема да се откажат од своите права и дека "Владата ќе мора да поведе сметка за оние што се најдоа на браникот кога & беа најпотребни на земјата".

Разочарани сме и длабоко повредени. Не очекувавме дека ќе бидеме игнорирани на ваков безобразен начин. Не дојдовме да правиме проблеми, ниту да ја уриваме државата. Ние се боревме за неа, нашите другари загинаа, а многумина останаа инвалиди. Некои од нас ги напуштија работните места само за да ја бранат татковината. Државата сега не остава на цедило. Народот ќе им суди, а ние достоинствено ќе си заминеме, изјави по повод протестот на бранителите на РМ Стево Ристовски, член на координативното тело на резервистите. Според него, голем дел од резервистите не успеале да стигнат на протестот "затоа што по директива биле спречени".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"