МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Македонската заедница во Холандија ја започна својата афирмативна акција

ПРЕКУ КНИГАТА ДО ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Гоце ДУРТАНОСКИ

  • Делегација на Македонската заедница во Холандија срдечно примена во Библиотеката на Кралскиот универзитет во Гронинген.
  • Отворен засебен оддел "Македонија" во две категории: Македонски туризам и Македонска историја.

Од најсеверниот универзитетски град на кралството Холандија, Гронинген, во петокот на 6 декември Македонската заедница во Холандија ја започна својата акција "Преку книгата до вистината за Македонија" која опфаќа посета на најголемите универзитетски библиотеки во целата држава и која ќе трае до крајот на јануари 2003 година.

Донаторската акција се состои во книжен фонд, видео, аудио и ЦД материјали за Македонија од светски познати автори, а со цел да ја презентира и афирмира македонската нација и држава во Кралството Холандија.

АМБАСАДОР

Делегацијата на македонската заедница ја сочинуваа: госпоѓица Лиле Наковска, претседател на МКЗ "Свети Стефан" од Гронинген, господин Џон Тодоровски, македонски стопанственик и главен донатор на акцијата со книги и господин Љупчо Ѓорчески, член на претседателството на МКЗ "Бели мугри" од Ротердам.

Нашите претставници беа срдечно примени од господинот д-р А. Клукист и госпоѓа Анеке ван Ланген кои изразија благодарност до делегацијата на Македонската заедница за подарените книги со кои веднаш во главната библиотека на Универзитетот во Гронинген се отвори засебен оддел "Македонија" во две категории и тоа: Македонски туризам и Македонска историја. Сите наслови кои во иднина ќе бидат упатени до Универзитетската библиотека за Македонија ќе бидат надополнети во овие две категории на одделот "Македонија", а не како досега во одделот на "Грција" и "Југославија".

СОРАБОТКА

На средбата беше потврдена важноста на оваа акција, а беа допрени и точките за идна интензивна соработка помеѓу Македонската заедница и Универзитетот: делегирање на лице од Заедницата за отворен пристап и користење на архивот на Универзитетската библиотека, директната размена на научна литература помеѓу македонските универзитети и Универзитетот во Гронинген, размена на информации помеѓу студентите од Македонија и Холандија како и годишна презентација на македонската култура, јазик и историја при Кралскиот универзитет во Гронинген.

Меѓу насловите подарени на библиотеката се делата: "Во сенката на Олимп" од американскиот професор Јуџин Н. Борза, еден од најголемите познавачи на историјата за античките Македонци кои тврди дека не биле и не можат да бидат Грци, потоа "Полиња од жито, ридови од крв" од Анастасија Н. Каракасиду, "Античките Македонци" од Ј.С. Гандето, учебници за изучување на македонскиот јазик од странски автори како и голем број изданија во кои се претставени туристичките капацитети на државата.

Интерес беше пројавен и за книгата "Студии за античките Македонци" од д-р Наде Проева која минатата година беше промовирана во Амстердам и претставува прва македонска книга со ваква тема презентирана во странство. Првата копија на странски јазик од овој наслов на д-р Проева, нагласи делегацијата на Македонската заедница, како и други наслови за античките Македонци од македонски автори ќе бидат благовремено доставени до Кралската универзитетска библиотека во Гронинген.

Посебен акцент беше ставен на македонската археолошка ризница и Македонија како најбогат и најгусто концентриран археолошки простор во Европа како и презентација на македонската археологија при Кралскиот Универзитет во Гронинген.

Македонската заедница за Холандија изразува посебна благодарност кон македонската компанија "Продукти од Македонија" (Products of Macedonia) на Џон и Саскиа Тодоровски од Ворбург за финансирањето на оваа благородна донаторска акција.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"