ледењето, проверувањето и
оценувањето (вреднувањето) се интегрални елементи на воспитно-образовниот
процес и секогаш биле тема која предизвикувала интерес и дискусија кај
наставниците, родителите и учениците. Најголемо внимание предизвикувале,
особено прашањата во врска со објективноста на оценките. Меѓутоа, во
последно време, откако во нашава земја започна процесот на внатрешно
иновирање на основното и средното образование, прашањата во врска со
оценувањето станаа побројни и покомплексни. Со Проектот "Описно оценување" е
опфатено и ЦОУ "Рајко Жинзифов" од населбата Драчево во Скопје.
Овој Проект ни дава еден поинаков пристап во следењето на ученикот. За
негово успешно реализирање потребна е поддршка од родителите, учениците и се
разбира наставниците чии обврски со ваквиот начин на оценување се многу
поголеми, вели психологот во ЦОУ "Рајко Жинзифов", Јорданка Радевска.
ПОТРЕБА
Наставниците од пилот-фазата "Чекор по чекор" (за која веќе пишувавме) и
Проектот "Активна настава-интерактивно учење" први ја почувствуваа потребата
од поинаков пристап во следењето на напредокот на учениците и оценувањето на
нивните постигања. Промената на начинот на нивното размислување во однос на
улогата на следењето и оценувањето настана како резултат на изменетиот стил
на поучување во наставата. Важноста на постигнувањето на когнитивните цели
не се става пред другите цели на наставата (социјално-емоционални,
психомоторни), а за наставниците стана, исто толку, важен процесот на учење,
колку и резултатите од тој процес.
Изменетиот начин на работа придонесе наставниците да согледаат дека им е
потребно да ги прошират своите сознанија во врска со следењето,
проверувањето и оценувањето на постигањата на учениците, истакна
Радевска.
Односно, промените на целите на наставата, изменетиот однос кон учењето,
поучувањето, знаењето и ограниченоста на постојните форми и начини на
оценување најмногу влијае за изменувањето на начинот на оценувањето.
Место оценки, учениците добиваат коментар во кој се посочува што точно
направил ученикот. Коментарот треба да започне оптимистички и да му даде
насока на ученикот како понатака да го подобри постигнатиот резултат,
констатира психологот Радевска.
КОНЦЕПЦИЈА
Концепцијата за аналитичко, описно оценување на постигањата на учениците
од прво, второ и трето одделение има соодветна педагошка структура, која
гарантира систематско и аналитичко следење, проверување и оценување (вреднување)
на напредокот на учениците во воспитно-образовниот процес, која го
поттикнува нивниот натамошен развој.
Постигањата на учениците во воспитно-образовниот процес континуирано се
следат, проверуваат, опишуваат и описно се оценуваат, наместо досегашните
бројчани оценки. Периодично - на крајот од тримесечјата и првото полугодие
се формираат микросумативни (синтетички) оценки. На крајот на учебната
година во прво и второ одделение се пишува завршна сумативна описна оценка
за постигањата во текот на годината. Во трето одделение се врши постепен
премин од описно кон бројчано оценување, а на крајот на истото одделение
учениците добиваат бројчани оценки, вели психологот на ЦОУ "Рајко
Жинзифов".
Првиот елемент на концепцијата за аналитичко, описно оценување е
спознавање на иницијалната (постојната, стартната) состојба. Тој се состои
од разновидни активности на наставникот за системски организирано прибирање
на податоци (информации) и нивно аналитичко-синтетичко интерпретирање и
оценување, а во врска со (пред)знаењата, вештините, способностите,
мотивацијата, интересите, социјализацијата и физичката и здравствената
состојба на учениците.
СУШТИНА
Следењето на напредокот на ученикот, наставникот го изведува како
континуиран плански процес од низа разновидни активности (набљудување,
надгледување, контролирање, надзирање, снимање, разговарање, испрашување,
бележење), при што се прибира, бележи, средува и обработува податоци и други
информации за текот (процесот) на реализација на планираните активности на
ученикот и за резултатите што ги постигнува во воспитно-образовниот процес.
Во процесот на "оценување" на постигањата на учениците наставникот ги
обработува (анализира, просудува, компарира, синтетизира) собраните податоци
од следењето и проверувањето и го идентификува напредокот на ученикот кон
постигнување на поставените цели, истакна Радевска.
За резултатите од Проектот според психологот Радевска говорат направените
анонимни анкети според кои е констатирано дека родителите се задоволни од "описната
оценка" и од добиените коментари за своите деца. Психологот, исто така,
реализирал и "естетско интервју" со учениците на почетокот и на крајот од
реализирањето на Проектот. Мошне е битен и моментот на преминот од описно на
класично оценување при што се прави постапен, внимателен премин во текот на
годината при што ќе се обезбеди исто разбирање на описната и нумеричката
оценка. Во текот на четвртото одделение наставниците и учениците ќе
практицираат добро бројчано оценување со што ќе се оспособат учениците за
оценување и самооценување и со бројки.
Радува фактот дека со овој вид на оценување и вреднување се поттикнува
внатрешната мотивација кај ученикот. Тука се менуваат и други релации како
што е комуникацијата меѓу учениците така што се менува и веќе нема "ѕвезда"
меѓу учениците. Секој треба да работи според своите способности и можности,
затоа индивидуализацијата може најдобро да дојде до израз преку овој начин
на проверување и следење на ученичките знаења, констатира психологот
Радевска.