ЕКОНОМИЈА

Штрајковите и отпуштањата од работа како секојдневие

БУРА ОД РАБОТНИЧКО НЕЗАДОВОЛСТВО

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Во Македонија има околу 82.000 сиромашни семејства, односно околу 30 отсто од граѓаните се сиромашни, а во таа категорија ќе се вклучат и новите отпуштени работници од "Кјуби Македонија", "Телеком", но и од "Стопанска банка".
  • Кривични пријави против некои од "мучкарите" од НИП-от. Во вторникот по информативен разговор во МВР, на Никола Тасев му беше одреден притвор од 30 дена и сега се наоѓа во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Штрајкови, отпуштања од работа, немање со месеци плати кои и така се ниски, се поголем број на невработени, социјален колапс во новогодишниот пакет на Дедо Мраз.

Оваа година по се изгледа ќе биде обележана покрај другото и по многуте перипетии во некои претпријатија, масовната појава на штрајкови, а најново и со давањето отказни решенија во некои фирми. Економската бездна станува се подлабока, а ги повлекува и компаниите кои до вчера го носеа епитетот успешни!

Според статистиката, просечната нето-плата по работник во септември годинава изнесува 11.536 денари, што е номинално намалување за 1,1 отсто, а реално за 1,5 отсто во однос на претходниот месец.

Ако Владата не ја потпише социјалната спогодба помеѓу 15 и 20 декември, ќе се соочи со бран штрајкови и протести пред Собранието, најави синдикалниот лидер, Ванчо Муратовски.

ОТПУШТАЊА

Осигурителната компанија "Кјуби Македонија", во рамките на програмата за реорганизација, отпушти 210 работници, односно 20 отсто од моментално вработените. Во образложението од Компанијата, како причини за ваквата одлука се наведени превработеноста и финансиските загуби во последниве две години. Годишната сметка за минатата година била со загуби, а мошне е веројатно негативен финансиски резултат да биде евидентиран и годинава, појаснуваат во Компанијата.

Во планот на "Телеком", покрај предвиденото зголемување на приходите и слично, била зацртана и оптималната бројка на вработени која треба да ја има Компанијата по истекот на тригодишниот период, која е за 1.017 луѓе помала од сегашната. Тоа практично значи дека дотогаш "Телеком" треба да изнајде начини да се ослободи од исто толку вработени (сега во Компанијата работат над 3.000 лица). Според преставник на државата, тоа не значи автоматско отпуштање од работа или прогласување технолошки вишок, туку допрва ќе се изготвуваат програми во договор со Синдикатот. Притоа се смета дека покрај редовното пензионирање, веќе понуденото заминување со испратнина, ќе се оди на варијанта на одвојување на некои несуштински дејности како посебни фирми. Но, во загуба се и сите граѓани кои користат најскапи импулси во целиот регион.

Неофицијално, според последните шпекулации, поради воведување нова компјутеризација ќе се делат отказни решенија и во "Стопанска банка".

ПРИЈАВИ

Вработените во најголемата новинско-издавачка куќа "Нова Македонија" веќе подолго време не земаат плата, а исклучени се и од јавното греење. Нивниот штрајк, сепак, беше успешен, бидејќи следуваше ревизија и најверојатно поништување на договорот со словенечките газди. СВР Скопје официјално поднесе кривични пријави против Никола Тасев (27), претседател на Управниот одбор на НИП "Нова Македонија", кој поднесе оставка, Ѓорѓи Бошков (28), управител на "Нова Македонија прес" ДООЕЛ, двајцата од Кавадарци и Душко Аврамски (48) од Берово, заменик-директор на Агенцијата за приватизација на Република Македонија. Овие лица кривично ќе бидат гонети заради сторено кривично дело "злоупотреба на службена положба и овластување". Воедно, кривични пријави се поднесени и против Зоран Стојановиќ (46) и Гордана Кузмановска (27), двајцата од Скопје, за кривично дело - помагање. Од направениот увид во целокупната документација на НИП-от било утврдено дека осомничените Тасев и Бошков, потпомогнати од Стојановиќ и Кузмановска, во текот на септември годинава ја злоупотребиле службената положба, при што средствата дадени од тогашната Влада на Љубчо Георгиевски за исплата на плати на вработените во оваа издавачка куќа, место да ги употребат наменски, ги пренасочиле во корист на словенечката фирма "Југ сторитве". На овој начин на фирмата & овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од 134.056 милиони денари, пари со кои било извршено и купувањето на пакетот акции на НИП-от. Во врска со незаконската трансакција со пари во НИП-от неофицијално се подготвувале полициски кривични пријави за уште шестмина вработени во нашата најстара новинско-издавачка куќа.

Според законските прописи во текот на изборната кампања не смее да се отуѓуваат државни средства и капитал, а токму тоа е сторено со НИП-от. Во случајот се вмешани две банки и три македонски фирми, а најважен момент во истрагата се 134 милиони денари исплатени од Агенцијата за приватизација. Со парите требало да бидат исплатени пет плати за вработените во "Нова Македонија". Со нив странските сопственици го купиле пакетот акции, а трансферот бил извршен преку банки и три фирми. На сето ова екс-претседателот на Управниот одбор на "Нова Македонија", Никола Тасев, тврди дека приватизацијата на НИП-от е чиста. Во јавноста се шпекулира дека меѓународната потерница е за Тасев кој се наоѓал во Љубљана, според неговите искази на гости кај свои деловни пријатели. Сите обвинувања, според МВР, се поткрепени со цврсти докази.

ШТРАЈК

Поделени во два табора штрајкуваат вработените во велешката фабрика "Киро Ќучук". ССМ го прогласи штрајкот за нелегитимен, додека УНАСМ ги поддржува штрајкувачите. Надвор од фабриката својот револт го искажуваат незадоволните акционери и поранешни вработени, а внатре штрајкуваат вработените. Пред извесно време штрајкот во велешката фабрика имаше крвав епилог при што еден од вработените беше погоден во слабината и ногата и е пренесен на лекување во Скопје, а ранети беа и други тројца работници. Трагичниот настан се случил во моментот кога петмина припадници од обезбедувањето на директорот почнале да пукаат во толпата луѓе, при што настрадаа неколкумина. Според информациите, обезбедувањето отворило оган по наредба на актуелното раководство на чело со директорот Киро Камчев кого акционерите го обвинуваат дека ја злоупотребил функцијата со тоа што во изминатиот период со присила и уцени ги откупил акциите на вработените, а дадените на управување акции веднаш ги предал на Берзата со што заработил голем износ пари. Екс-директорот Ордан Николовски, кој беше обвинет дека е иницијатор на инцидентите во "Киро Ќучук", вели дека фабриката е во лоша финансиска состојба и дека е пред стечај. За обвинувањата директорот Киро Камчев вели дека им дал можност на вработените да се вратат на работа пред да се применат законски мерки за нелегитимен штрајк.

Познати се санкциите за вакви случаи. Наместо да наседнат на ветувањето на Ордан Николовски, вработените треба да се вратат на работа. За 3,5 години откога сум директор, работниците за првпат добија дивиденда. Купени се пет тешки камиони и пуштен е погонот во Чашка што беше затворен од Николовски. Вработив триста млади луѓе. Тие кај Николовски преку Младинска задруга добиваа 5.000 денари надомест. За девет години поранешниот директор не покажа поголема годишна добивка од 200 германски марки, тврди директорот Камчев.

Тврдењата на актуелниот и на екс-директорот се контрадикторни, а најголемите последици се на сметка на работниците. Штрајкот можеше да има и многу потрагичен крај, а повредените работници се уште закрепнуваат од повредите.

ПРОИЗВОДСТВО

За неколку недели се очекува производно активирање на рудникот "Саса".

Рудникот за олово и цинк "Саса", исто така, доби ново раководство по "мерка" на вработените. Заслугата се должи на постигнатиот договор на релација Рудници "Саса" - Топилница "Злетово", со активна партиципација на Министерството за економија.

За потсетување, рударите го започнаа својот штрајк со глад спуштајќи се 800 метри под земја незадоволни од двете неисплатени плати и немањето пари за репроматеријали за нормална работа на рудникот. Штрајкот најлошо се одрази на здравствената состојба на повеќе од сто рудари.

Задоволни сме од договореното, зашто остануваме со уверување дека Топилницата докрај ќе го почитува договореното. Нашиот штрајк беше од социјално-егзистенцијална природа, а тоа што штрајкувавме и за време на бившата и за време на сегашната власт е најдобар знак дека зад рударските протести не стоеше никаква политика, изјави Димче Стојменовски, синдикален лидер на "Саса".

Сепак, во случај да не се реализира договореното, рударите повторно ќе се симнат во рударските јами и ќе го обноват штрајкот!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"