Владата ќе продава државни стокови резерви
За да се покрие буџетската дупка, Владата донесе одлука за продажба на
дел од производите од државните стокови резерви. Таму, како што неофицијално
се дознава, инспектори веќе почнале да ги анализираат спорните договори
направени од поранешната власт, бидејќи постојат сериозни индиции дека и
оваа институција нелегално трошела државни пари.
Станува збор за производи во вредност од 7,3 милиони евра, а во листата
за продажба се најдоа вишоците на масло за јадење, бел шеќер, ориз и оризова
арпа.
ЕСМ потрошило 8 милиони евра за донации
Електростопанство на Македонија, во минатите четири години за спонзорства,
донации, репрезентација и реклама потрошило околу 8 милиони евра. Само во
првите десет месеци од оваа година за оваа намена се доделени нешто под три
милиони евра државни пари. Раководството на ЕСМ го обвинува екс-менаџментот
на чело со Ламбе Арнаудов дека јавното претпријатие го претворило во
донаторско друштво кое давало пари на луѓе блиски на поранешната власт.
Портпаролот на ЕСМ, Сашо Новески, обелодени на кој начин биле доделувани
парите. Само на последната седница на Управниот одбор одржана по изборите
ЕСМ распределила повеќе од 72 илјади евра како помош на разни сојузи,
клубови, месни заедници и здруженија на граѓани.
"Пелагонците" бараат оставка на директорот
Поранешни работници, сега акционери, во Градежното претпријатие "Пелагонија"
во Велес бараат исплата на 11 заостанати плати и оставка на директорот Владо
Митевски. Тие тврдат дека Митевски пред три години дошол на директорското
место на незаконски начин, нанесувајќи & штета на фирмата од околу 4 милиони
денари само од создадени обврски кон шест фирми. Во овој период полза од
раководењето со Претпријатието, со кое инаку управувале и неговите татко,
мајка и сопруга како членови на Управниот одбор, имала единствено приватната
фирма на Митевски "Империја инженеринг".
Митевски не е акционер во "Пелагонија", а ги ставил татко му, мајка му и
жена му во Управниот одбор и тие управуваат со фирмата, велат
револтирано вработените.
Поскапување на нафтените деривати
На последната владина седница усвоена е одлука со која Законот за
трговски друштва, наместо на први јануари 2003 година, во сила стапува на
први јули идната година. Владата ги поскапе и нафтените деривати, чија цена
од 10 декември, на полноќ е повисока за еден денар од литар.
Обичниот бензин ќе се продава за 51 денар, суперот за 52,5, а безоловниот
за 49,5 денари за еден литар. Новата цена на дизел горивата е 38 денари за
"Д1", а 37 за "Д2". Екстра лесното масло од ноќеска ќе чини 28 денари.
Поскапувањето на нафтените деривати се должи на зголемувањето на цената
на суровата нафта на светските берзи.
Навала од барања за ревизија на приватизациите
"Во Министерството за економија има навала од барања за ревизија на
приватизациите во многу фирми. Сепак, Владата ќе ги ревидира само
приватизациите каде има елементи на криминално дејствување", изјави
министерот за економија, Илија Филиповски.
Криминал веќе е утврден во "Нова Македонија". За овој случај МВР поднесе
кривични пријави против пет лица, а индиции за криминални дејствувања
постојат и во други приватизации.
Во случајот на битолски "Лозар" ќе биде ангажирана ревизорска комисија за
да утврди дали е правилно извршено бодувањето на понудите.
Нови правила за увоз и промет со стоки
Владата воспостави нови правила на увоз и промет со стоки утврдени со
Договорите за слободна трговија со земјите со кои тие се склучени. Со
владина одлука се укинува дискреционото право на министер да дели
контингенти, а е прифатено и поделбата и увозот на стоки, предвидени со
Договорите за слободна трговија, да се врши по принципот "прв дојден - прв
услужен". Со земјите со кои не се допрецизирани условите на увоз на стоки се
предвидува формирање мешовити комисии за допрецизирање на трговските правила.
Увозот на стоки со повластен царински третман, односно царинските
контингенти кои се носат со одлука на Владата, исто така ќе се определуваат
со принципот "прв донесен - прв услужен".
Буџетска дупка од 5 милијарди денари
И покрај фактот што при гласањето на Ребалансот на Буџетот за годинава
беше утврдена дупка од 4,4 милијарди денари, најновите податоци до кои дошло
Министерството за финансии покажуваат дека финансискиот јаз во државната
каса изнесува најмалку пет милијарди денари. Ова, како што велат упатените
не е конечна бројка, бидејќи има големи изгледи "дупката" да се зголемува и
натаму. Причина за тоа е што на адреса на Владата секојдневно пристигнуваат
нови финансиски обврски, меѓу кои дел се последица на кризата, но најмногу
од нив се однесуваат на долгови кои ги направиле претходните владини кадри
кон приватни фирми, а за кои веќе стигнуваат судски решенија или тие се
очекуваат во следниов период. Од тие причини, велат изворите на "Утрински",
оваа нова "дубиоза" ќе мора да биде префрлена во Буџетот за идната година.
Тоа може да се случи и со дел од дефицитот за годинава.
Продадени 10 отсто од "Усје"
На Македонската берза на долгорочни хартии од вредност, на 9 ноември беа
продадени 10 отсто од акциите на Цементарница "Усје". Во блок-трансакција
беа продадени 56.378 обични акции на оваа Компанија, по цена од 3.105 денари
за акција. Како што се дознава, станува збор за купување на сопствени акции
од страна на постојните сопственици на "Усје". Во друга блок-трансакција, на
9 ноември на Берзата се истргуваа и 12.500 обични акции на "Жито Скопје" по
цена од 620 денари за акција, што претставува 1,52 отсто од основаната
главнина на друштвото.
"Стопанска банка" воведе брз трансфер на пари
"Стопанска банка" а.д. Скопје воведе брз трансфер на парични средства
меѓу кои било домашни клиенти кои немаат сметки во ниту една банка,
соопшти на прес-конференција генералниот директор на "Стопанска банка",
Глигор Бишев.
Ваквиот трансфер досега го вршеше само поштата преку уплатници што се
префрлаа од едно на друго лице. Оваа услуга е наменета и за физички и за
правни лица. Трансферот на средствата ќе трае најмногу пет минути, а
провизијата е пониска за 0,3 проценти од онаа што ја наплаќа поштата и
изнесува 0,7 проценти од износот на средствата.
На 18 овој месец, како што најави првиот директор на најстарата банка кај
нас, "Стопанска банка" ќе отвори нова експозитура која ќе биде лоцирана кај
централата на оваа Банка во Градски трговски центар во Скопје.
"Финекспо 2002"
Под мотото "Иднината е предизвикот", на 9 ноември на "Скопски саем"
свечено беше отворен првиот Меѓународен саем за финансии и деловни можности
"Финекспо 2002", на кој се претставуваат околу шеесетина фирми од областа на
финансиите. Целта на овој саем, како што соопшти организаторот, е на едно
место да се сретнат финансиската понуда и побарувачка во Македонија, да се
пласираат информации за можностите за инвестирање, потоа да се
популаризираат услугите на финансискиот сектор, како и да се промовираат
финансиските институции пред странските фирми и финансиери.
Тргување на Македонската берза на Интернет
Почнувајќи од 1 Јануари 2003 година, Македонската берза на долгорочни
хартии од вредност ќе почне со примена на Интернет-апликацијата
"Best @net", која е
наменета за инвеститорите, како и за компаниите кои се заинтересирани да го
следат тргувањето на пазарот на капитал кај нас.
Берзанскиот електронски систем на тргување, како што е целосниот назив на
новиот берзански производ, беше презентиран на саемот за финансии и деловни
можности "Финекспо 2002". Како што објасни директорот на Македонската берза,
Евгени Зографски, "Бест" овозможува директно следење на тргувањето што се
одвива на Берзата преку Интернет.
Регулаторна комисија за енергетика
Поаѓајќи од искуствата на најголемиот дел од земјите во Европа и во
светот, а согласно со предлогот на Европската комисија за изменување на
директивата за заеднички правила за внатрешен пазар на електрична енергија и
природен гас, во донесените измени на Законот за енергетика, главна новина
претставува формирањето Регулаторна комисија која во иднина ќе ги има сите
најважни ингеренции во оваа сфера.
Регулаторната комисија, како што е утврдено во измените, треба да биде
независна во своето работење, а тоа се планира да се постигне со утврдениот
мандат за членовите. Тие треба да бидат експерти во оваа област, односно да
имаат високо образование и да се стручњаци во областа на енергетиката, да
имаат најмалку десетгодишно искуство во овој сектор и да имаат препорака од
најмалку тројца експерти (доктори на науки или менаџери од енергетиката кои
имаат петгодишно искуство).
Доцни реализацијата на ИФАД 2 - кредитот
Реализацијата на кредитната линија ИФАД 2 се уште не е почната, иако
имаше најави дека таа ќе стартува од јули оваа година.
Најголемите проблеми за оддолжување на почетокот на реализација на овој
кредит за земјоделците, раководителот на овој Проект, Лидија Чадиковска, ги
лоцира во административната бариера во изборот на банки преку кои би одела
поделбата на кредитите, но и мешањето на ингеренциите на надлежните во
Проектот.
Во Министерството за финансии сакаат да го задржат ексклузивното право на
разговор со банките, без вклучување на аспектот на корисници кои ние ги
застапуваме, вели Чадиковска.
Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА
|