Бучковски на Шапка

Министерството за одбрана и АРМ ќе направат се за да се врати нормалниот живот на Попова Шапка, порача министерот за одбрана, Владо Бучковски, при посета на оваа викенд-населба и на одделни позиции на Армијата на македонско-југословенската граница на делот кон Косово. Ова е прва посета на висок државен функционер на Попова Шапка по минатогодишната војна.

Кувајт донирал само за Албанците

Кувајт донирал пари за санација на куќи од прва и втора категорија, оштетени од воениот конфликт во Македонија, но под услов тие да бидат наменети за реконструкција само на куќи на муслимани, а не на "православци". Македонците од Тетовско се разочарани, бидејќи од 216 реконструирани куќи ниту една не е на Македонец.

Скандал во воената економија

АРМ има недостиг од свинско месо, поради тоа што поранешните раководители од МО без усул ги колеле свињите. За Божиќ војниците ќе бидат на пост. Како што утврдила армиската контрола, дел од свињите биле продадени, а дел поделен на вработените.

Малахова тврди дека е невина

Разрешената судијка од Основниот суд Скопје 2, Маја Малахова ги демантира наводите на претседателот на Републичкиот судски совет, тврдејќи дека не е виновна за стечаите.

Фирмите во стечај ги туркаат директорите и менаџерските тимови, а не судиите, констатира Малахова.

ОТЕ ќе го менува Такис Дагулис?

Досегашниот директор на МТС, која е втор потенцијален оператор во земјава, Такис Дагулис, наскоро ќе биде заменет со Никос Авгеринос, директор на бугарскиот мобилен оператор "Глобур" кој е исто така во сопственост на грчкиот национален оператор. Авгеринос се покажал како успешен во Бугарија.

Заинтересираност за студии во САД

Бројот на Македонците што студираат во САД изнесува 628, што е пораст од речиси 20 отсто во споредба со минатата година. Интересот за студии во САД е се поголем. Многу Македонци посакуваат американска диплома.

Денот на Свети Климент да биде празник

Со одбележувањето на верскиот празник "Свети Климент", Архиепископот г.г. Стефан потсети дека МПЦ со години бара овој ден да биде прогласен за празник, односно за неработен ден во Македонија.

Правото на Европа за сите е подеднакво

"Право на Европа имаме сите, а Европа е тука за сите Европејци. Но, Европа се уште не е готова. Пред нас имаме уште многу големи задачи. Некои земји кои ги исполнуваат одредените критериуми, повторно го доживуваат затворањето на отворената врата. Правото на Европа мора да се признае и почитува и да се создаде сигурност за сите народи подеднакво. Европа каква што ја посакуваме е Европа на солидарност, кога "големите" не ќе можат да газат преку "малите народи" - истакна синот на последниот австриски цар Ото фон Хабзбург на големата церемонија на која се прославуваше неговиот 90-ти роденден. Прославата ја организираше Меѓународната Паневропска унија, а се одржа кон крајот на минатиот месец во Виена.

Неговото царско височество, д-р Ото фон Хабзбург, е претседател на Паневропската унија. Тој е еден од најголемите познавачи на политичките, општествените и економските прилики во Европа, но и голем пријател на македонскиот народ и држава.

Во 2000 година д-р Ото фон Хабзбург беше промовиран во почесен доктор за политички науки на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Свечена честитка кон 90-годишниот јубилеј на големиот Европеец, д-р Ото фон Хабзбург Лотринген упати и Светскиот македонски младински конгрес (СММК), а од Претседателството на организацијата донесена е одлука на неговото царско височество Ото фон Хабзбург да му се додели највисоко Признание за афирмација на македонската историска вистина во светот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"