САД да ја признае Македонија
На Џенет Бог, која го води одделот за Источна и Југоисточна Европа во
Стејт Департментот, & била соопштена грижата на македонските Американци за "неправедното
одложување" на признавањето на Македонија од САД. Исто така & била соопштена
и грижата која потекнува од антимакедонската кампања на грчкото лоби во
Америка. Ова го соопштил Васил Бабамов, претседател на Здружението за
македонско-американско пријателство.
Македонци купуваат бугарско државјанство
Се поголем број македонски државјани поднесуваат барања за добивање на
бугарско државјанство. Посредувањето за реализирање на ваков бизнис носи
добра заработувачка (250 до 750 евра) во Македонија и во Бугарија, иако
целата процедура реално чини околу триесетина евра.
Офанзива против организираниот криминал
Во извештајот на Советот за надворешни односи е заклучено дека високата
невработеност, криминалните групи, корупцијата на владите и континуираните
етнички и верски тензии можат да ги направат Босна, Србија, вклучувајќи ја и
покраината Косово и Македонија, деструктивни, дестабилизирајќи ги силите на
цела Јужна Европа.
Според Ројтерс, Американскиот Совет за надворешни односи предлага силите
на НАТО да останат до 2010 година со што би се извршила офанзива против
организираниот криминал.
Подобра соработка меѓу Македонија и Албанија
На дводневната регионална конференција за подобро разбирање меѓу
Македонија и Албанија што се одржа во Охрид беше констатирано дека односите
помеѓу овие две земји покажуваат знаци на подобрување, меѓутоа се уште има
простор за нивно продлабочување. Меѓу прашањата што во дискусиите на
конференцијата предизвикале внимание биле имплементацијата на Рамковниот
договор, но и барањето за остварувањето на правата на македонската етничка
заедница во Албанија.
Од друга страна, според скопскиот весник "Факти", Министерството за
одбрана на Албанија нема никакви сознанија во врска со изјавата на
македонскиот министер за одбрана Владо Бучковски, дека се очекува албанската
и македонската Влада да потпишат договор за заедничко воено тело кое ќе води
контрола за состојбата долж македонско-албанската граница.
Трансгранична соработка
На 17-тиот собир на СЕКИ-прокомитети кој се одржа во Македонија
констатирано е дека подобрувањето на економските состојби во регионот на
Југоисточна Европа е предуслов за стабилизација на целиот регион. Тоа ќе се
постигне со поинтензивна трансгранична соработка меѓу земјите членки на
СЕКИ-иницијативата, со олеснување на транспортот и трговијата, за што
постојат посебни проекти кои финансиски ги поддржува и Пактот за стабилност,
американската администрација и Светската банка.
Холандска неповратна помош
Кралството Холандија ќе додели околу 5,7 милиони евра неповратна помош за
проекти наменети за мали и за средни претпријатија. Оваа неповратна помош е
официјализирана со договор потпишан од министерката за развој и соработка на
Кралството Холандија, Агнес ван Арден.
Тендер за македонската Амбасада во САД
Според високи владини извори, Министерството за надворешни работи дало
согласност за објавување тендер за реновирање на зградата на македонската
Амбасада во Вашингтон.
Зградата на Амбасадата се наоѓа во еден од најлуксузните квартови на
Вашингтон - Калорама и е купена уште во 1995 година за 1,05 милион долари.
Во моментов зградата е во ужасна состојба и личи на вистинска руина, а први
почнале да протестираат соседите на кои секако им пречи изгледот и
состојбата на објектот.
Политика околу Дојранското Езеро?!
Наспроти обвинувањата од актуелниот министер за екологија, Љубомир Јанев,
дека во Дојранското Езеро нема протечено ни капка вода од хидросистемот оти
се уште не е завршен, екс-министерот за екологија, Марјан Додовски, го тврди
спротивното. Тој вели дека системот за полнење на Дојранското Езеро е
исправен, но на обвинувањата одговара со противобвинување. Додевски тврди
дека Владата продолжува со опструкции поврзани со Езерото со цел да го
оттргне вниманието на граѓаните од политичките проблеми и криминалот.
Враќање на иселениците
Божидар Рајковски, претседател на Друштвото на Матицата на иселениците во
Битола, обвинува дека Матицата на иселениците била плански разбиена, бидејќи
некои партиски структури сакале радикални промени во дијаспората.
Споредувајќи го фактот дека во мариовското село Витолиште по долго време е
родено бебе, а во Сиднеј, Австралија, во една година се раѓаат 80 деца со
корени од битолското Мариово, господинот Рајковски вели дека Матицата на
иселениците ќе мора да се врати повторно во цела Македонија.
|