КУЛТУРА

Стевче Стојковски, мисионер на македонската изворна песна

ПЕЕВ И СВИРЕВ МАКЕДОНСКИ ПЕСНИ ВО ЕГЕЈ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Стевче Стојковски свири на 12 народни инструменти меѓу кои: кавал, гајда, тамбура, зурла, шупелка, дудук, двојник, тапан итн. За него сите инструменти се подеднакво интересни, бидејќи како што вели совршенството на инструментот никогаш не се достигнува. Иструментите човек постојано ги учи и истражува и секогаш кога се истражува некој инструмент се открива нешто ново во него.
  • Мојот прв настап во Грција беше пред девет години кога отидов во Лерин. Пеев и свирев македонски песни. Луѓето ме дочекаа со солзи, бидејќи 80 години пред тоа никој не смеел да отиде и да пее на македонски во Лерин, село Овчарани. Претпоставувам дека оттогаш Грција ме регистрирала како непожелен за нивната земја - вели македонскиот кавалџија Стевче Стојковски, кому пред еден месец не му беше дозволено да ја премине македонско-грчката граница.

Познатиот македонски кавалџија Стевче Стојковски минатиот месец на граничниот премин "Евзони" беше спречен од грчката гранична полиција да влезе во Грција, иако, како што вели тој, имал едногодишна мултивиза, издадена од Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје. Тој требаше да учествува на фолклорен концерт на балканските музичари во Комитини во Република Грција, поточно во Тракија. На него, според информациите на Стојковски, учествувале учесници од сите балкански држави од Србија, Албанија, Турција, Грција, Бугарија, Романија и други.

Полицијата на граничниот премин "Евзони" како што ни изјави Стојковски, вербално го малтретирала и ги навредувала неговите национални чувства.

Не малтретираа без никакво образложение. Се изживуваа со нас, ни правеа стани - седни, па дојдете ваму, одете таму, одете кај шефот, си играа со нас, особено со мене, за подоцна да ми понудат да потпишам некаков документ дека сум непожелен граѓанин за Грција. Јас одбив да потпишам таков документ. Изнервирани од мојатата постапка, ми ја пречкртаа визата, ми го фрлија пасошот. Барав објаснување за ваквиот чекор, но не го добив. Колегите што патуваа со мене ги пуштија да ја поминат границата, но мене ме вратија, вели Стојковски.

Тој додава дека можеби причината за ваквото однесување на грчките граничари е поради неговиот прв настап во Грција.

Тоа беше пред девет години, кога отидов во Лерин. Пеев и свирев македонски песни. Луѓето ме дочекаа со солзи, бидејќи 80 години пред тоа никој не смеел да отиде и да пее на македонски во Лерин, село Овчарани. Претпоставувам дека оттогаш Грција ме регистрирала како непожелен за нивната земја, објаснува Стојковски.

По настапот во Лерин, Стојковски бил на концерт во Солун, во 1997 година, заедно со Бодан Арсовски. Иако и тогаш му правеле проблеми со визата, го пуштиле да ја премине границата.

ИНЦИДЕНТИ

Стојковски неколку пати досега без образложение бил враќан од грчката граница.

На 08.05. 2000 година Танцовиот оркестар при МРТВ беше поканет од страна на грчката радио-телевизија, на ниво на размена меѓу телевизиските оркестри, да одржи концерт во Солун, на којшто требаше да земам учество и јас со своја солистичка точка. Оркестарот доби групна виза (за 30 луѓе) од страна на грчкиот Конзулат во Скопје. На граничниот премин "Богородица" по неколку часа чекање ми беше соопштено дека нема да може да ја помине границата. Крајно омаловажувачки, дрско и со некоректен однос, без никакво образложение, бев вратен назад од страна на грчките гранични власти. За овој инцидент на 10 мај 2000 година го известив Министерството за надворешни работи и Владата, односно Секторот за меѓународно право и конзуларни работи со цел во иднина да немам вакви проблеми. Го известив и Хелсиншкиот комитет. Истото се случи и кога требаше да бидам дел од македонската културна делегација на 22.11. 2000 година, која на покана од вториот Фестивал на жени - креаторки од двете мориња (Медитеранско и Црно Море) требаше да одржи повеќе настапи во Солун на кои требаше да учествувам и самиот. Поканата беше испратена до тогашниот заменик- министер за култура, Благоја Чоревски, претставник на УНЕСКО за РМ. За жал, бев спречен и повторно ми се случи истиот немил настан. Повторно бев омаловажуван и измалтретиран, бев исмејуван, свирејќи на моите народни инструменти на граничниот премин Богородица. Но, сето тоа го издржав, мислејќи дека сепак на крај ќе ми биде дозволено да ја поминам границата. Исмејувањето на грчките граничари траеше два часа. Кога проработе нивната совест, ми беше речено да се вратам таму од кај што сум дошол, вели Стојковски.

Иако за овие настани ги информирал соодветните институции, до ден денес нема никаков одговор.

Откако ќе ги известам сите институции што ги штитат човековите права и правото на слобода на движење, ќе ги консултирам правните механизми со кои можам да барам извинување и отштета од Грција, објаснува Стојковски.

НАСТАПИ

Своето музичко образование Стевче Стојковски го започнал под водство на неговиот татко и дедо (исто така фолк музичари). Почнал да свири на шестгодишна возраст, а на седум години на неговиот прв настап на фестивал добил признание како солист на кавал. Во 1981 година, на осумгодишна возраст, ја направил првата снимка за МРТВ со оркестарот на народни инструменти на Пеце Атанасовски. Станува збор за "витолишко оро" кое било снимено по повод Нова година. Од 1981 кога ја направил првата снимка за споменатата телевизиска куќа, има направено преку 2.000 снимки. Од тогаш професионално се ангажира во музиката и има повеќе изведби на Светскиот интернационален фолклорен фестивал.

По пензионирањето на Пеце Атанасовски мене ми беше доделено да го заменам како полноправен член на Ансамблот на Македонското национално радио и телевизија. Исто така имав шанса да работам на музички проекти кои беа вклучени во театарот и филмот. На 01.03. 1997 ја добив големата чест - национална титула на независен фолклорен уметник музичар и музички инструктор. Во меѓувреме успеав да го исполнам мојот сон и да го составам мојот сопствен Ансамбл на национални инструменти и песни"Стефче Стојковски". Мојот следен сон е отворање на училиште за млади деца кои сакаат да научат да свират на изворни инструменти и со задоволство би им го пренел сето мое знаење, додава Стојковски.

Тој свири на 12 народни инструменти меѓу кои: кавал, гајда, тамбура, зурла, шупелка, дудук, двојник, тапан итн. Како инструменталист досега има доста постигнато во свирење и подучување скоро на сите претходно споменати балкански дувачки инструменти (кавал, шупелка, двојник, гајда, дудуче и зурла) и исто така има доста постигнато и со популарните традиционални инструмени тамбура, како и тарабука и тапан. За него сите инструменти се подеднакво интересни, бидејќи како што вели, совршенството на инструментот никогаш не се достигнува. Инструментите човек постојано ги учи и истражува и секогаш кога се истражува некој инструмент се открива нешто ново во него. Освен како изведувач и музичар во студио, има искуство и како инструктор на сите горе споменати инструменти, како и пеење на традиционални песни и традиционални балкански игри (ора).

Сега сум многу заинтересиан да го проширам моето искуство преку работа и едукација на музичарите во земјата каде мојот музички ментор, Пеце Атанасовски имаше обичај да предава и изведува, вели Стојковски.

Стевче Стојковски досега има издадено седум компакт дискови. Дел од нив се само инструментални. Во дел од нив тој ги преработува, односно ги освежува текстовите на македонските народни песни. Последниот диск е насловен "По горите македонски" и на него гостин е Сузана Спасовска. Тој вели дека нивните дискови не ги продаваат, поради плагијатство, туку ги подаруваат на оние кои навистина сакаат да ја слушаат нивната музика.

Почнавме како Ансамбл со шест луѓе за да достигнеме до 50 членови. Соработуваме со сите пејачи од македонската естрада и со сите ансамбли, додава тој.

Оваа група на Стојковски своите турнеи ги самофинансира. Деновиве Ансамблот настапува на Фестивал во Чешка по повод божиќните празници.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"