КУЛТУРА

"Есеи и литературно-критички толкувања" од Стојан Кочов

КРИТИЧКИ ОСВРТИ ЗА ВРЕДНОСТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЛА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Авторот Стојан Кочов при проучувањето и анализата се ограничил само на литературно-критичко толкување за суштината на македонските дела.
  • Во делото "Есеи и литературно-критички толкувања" толкувани се 37 дела од македонски автори кои се темелат на голем број веродостојни факти и аргументи од македонската историографија.

Есеи и литературно-критички толкувања" е најновото дело на Стојан Кочов во издание на "Матица македонска". Во книгата се опфатени критички осврти со вреднување и превреднување на дела од македонската современа литература. Познавајќи го негативниот историски детерминизам што делувал во егејскиот дел на Македонија по 1913 година, авторот Кочов посветил внимание на литературните и историски трудови што ја третирале оваа проблематика и по проценка на авторот пообјективно ја претставува пред македонската јавност.

Авторот во овој труд за конкретната проблематика обработува делови од делата на Божин Павловски, Петре М. Андреевски, Ката Мисиркова, Раде Силјан, Димитар Димитров, Лорин Данфорд, Лазар Лазаров, Стојан Киселиновски итн. Всушност, авторот со неговото дело ги забележува и препорачува тие дела што го изразуваат, штитат и афирмираат македонскиот национален интерес на пообјективен начин.

АРГУМЕНТИ

Својот труд Кочов го започнува со толкување на делото "Македонскиот конфликт" од Лоринг М. Денфорт, професор - антрополог од САД. За неговото дело, поточно за ставовите на проф. Денфорт, авторот Кочов потенцира дека тој со книгата "Македонскиот конфликт" втиснал посебен белег во историјата на конфликтот и со докази проговорил за "цената на нашето неинтегрално гледиште во македонската национална историја". Со цел за реално расветлување на сите темни дамки во нашата историја со помош на безброј факти и аргументи, проф. Денфорт се докажува како извонреден аналитичар на македонскиот конфликт и говори за горчливиот вкус, за дефинитивно сфаќање на вистината. Кај анализата на проф. Денфорт воочлива е неговата констатација дека политиката можела грдо да манипулира со достоинството на човекот. Тој како да го обелодени колективното замолчување на свеста кај Македонецот откривајќи и разглобувајќи многу релеванти фактори при што проговорил за нашиот однос кон историјата и со најсуптилна анализа извршил раслојување на наслаги кои го довеле во криза македонскиот национален интегритет. По прочитувањето на книгата на проф. Денфорт може да се издвои една карактеристична нишка која укажува дека Македонците под Грција биле долго време во карантин затворени во својот внатрешен маѓепсан лавиринт и за половина век почнало губењето на елементите на националното човечко битие што во суштина го дава белегот и посебноста на македонскиот конфликт. А во што се состои овој конфликт? Кочов објаснува дека проф. Денфорт не доведува до зародишот на конфликтот, а тоа е тројниот натпревар меѓу Србија, Бугарија и Грција за контрола на Македонија. Оваа книга покажува дека пред судот на историјата нема одбрана со молк, туку време е да се разјасни судбината на Македонците особено на оние кои се под Грција.

По анализата на делото на проф. Денфорт, Кочов преминува на коментирање на делото на Стојан Киселиновски "Статусот на македонскиот јазик во Македонија (1913 - 1987)". Авторот Киселиновски преку ова дело аргументите ги претставува како единствен начин на научен пристап кон нашиот македонски насушен јазик и отвора таков хоризонт на сознанија за корените на македонската цивилизација. Авторот низ селекција на времето на минатата историска објективност (балканска реалност) се доближил до можноста историски да го објективизира проблемот за статусот на македонскиот јазик во Македонија (1913 - 1987). Централно место во книгата заземаат обмислените миграциони движења меѓу Бугарија, Грција и Турција, прогонувањето на македонскиот јазик, но и за отпорот на македонскиот народ под Грција за заштита на македонскиот јазик.

Кочов во своето дело коментира уште еден труд на Стојан Киселиновски, а тоа е "Етничките промени во Македонија" каде што авторот ги анализира најзначајните развојни фази, односно објективните еволутивни етничко-историски процеси.

Понатаму, од делата на Петре М. Андреевски, писателот Кочов го издвојува "Небеска Тимјановна" во кое Андреевски ја одредува "магистралата на злото: Виа Костур - иркутскаја област", без идеологиско-идеализаторско претставување на стварноста, не со "нарачан херој", туку со активистката Небеска Тимјановна, учесник во Граѓанската војна во Грција. Во овој роман е проследен еден длабок мисловен процес и оригинален е по тоа што покажува пораст и опаѓање на активизмот и апсурдот е во тоа што активистите не се казнети од противникот, туку од самиот сојузник со кој до вчера гинеле за иста цел. Во романот активно присуствуваат речиси сите исполитизирани наивни активисти, без никаква обмислена национална стратегија, но идеологизирани примитивци и послушници. Писателот Андреевски открил еден комплициран свет, живот составен од крв, солзи и фијуци од куршуми.

Во "Есеи и литературно-критички толкувања" свое место најде и делото на Димитар Димитров "Уметност и човекување" во кое не се говори само за нашата горчлива реалност, туку и за проблемите на сите тоталитарни системи во светските познати процеси и како крајна цел повикува на исконската филозофија - човекување.

ТРАГИ

И книгата на Ристе Бунтевски - Бунте "Методија Шаторов - Шарло (политички ставови)" влезе во изборот на Стојан Кочов. Тој своите толкувања за оваа книга ги има насловено како "Шарло бил за македонското простумење, а не за политичко коленичење". Авторот Кочов како основен белег на оваа книга го наведува фактот дека открива значајни траги во политичката историја за горчливиот вкус на политичкото коленичење. Во неа зборуваат фактите и аргументите на историските процеси и покажува дека во Македонија историјата треба стратешки да се истражува за што е потребно и соодветно ниво на свест. Во спротивно (констатација на авторот) ќе ни се случува како во минатото еден куп на доразработена и фрустрирана историографска продукција. Авторот Бунтевски грижливо и професионално се придружува строго кон аргументите и фактите кои изобилуваат во неговата книга.

Во делото на Божин Павловски "Подвижни гробови" Кочов како централна порака во романот ја издвојува "Вистината не смее да се премолчи"! Писателот Павловски со силината на интегрален автор и со својата филозофија вградена во овој роман длабоко проникнува во корените на еден феномен кој ја следи трагичната историја на македонскиот народ низ векови.

"Граница" е дело на писателот Иван Чаповски кој посветил 26 години на литературата. Дејствието во книгата "Граница" асоцира на распарчувањето на македонскиот народ во минатото време кога како нож што расечува крвоток поставена е "границата", па се до настаните од Втората светска војна и најзаострена ситуација е приказната со најголеми конфликти и противречја - Граѓанска војна во Грција. Во сето толкување на поимот граница во текстот не е воопшто експлоатиран тој поим и во раскажаните факти не се убедливо фиксирани последиците од таквиот туѓински рез што е направен на срцето на Македонија. Секој дел требаше да си го сочува својот идентитет под најсуровите режими, особено во делот под грчката буржоазија која и ден-денес има деформирана политика кон Македонецот.

Констатацијата на Кочов при толкувањето на книгата "Македонија во француската политика на Балканот 1944 - 1957" од Лазар Лазаров е дека авторот како историчар тргнал од тоа дека "Историската наука има задача на секое општество да му го покаже огледалото на нејзиното минато за да му даде можност да се соочи со вистината. Но, истовремено и да потврди дека: полувековното минато не сме можеле така лесно да го менуваме, бидејќи во нашите македонски услови на овие историски прашања уште сме се однесувале како "слободни заробеници". Книгата на Лазаров, писателот Кочов ја нарекува "најжива книга" во која се елаборира минатото низ една сеопфатна анализа на изобилје од веродостојни факти.

Според Кочов, функцијата на монографијата на Никола Кичевски "Трсје и Трсјани" ја замислува како трајно огледало кое при чинот на отворањето како да одблеснува мисловниот и персоналниот континуитет на генерациите. Кочов понатаму вели дека Кичевски во фокусот на неговото иследување анализира и прави историска реконструкција на животот од едно време кога секој си ја барал својата крстосница во татковиот крај и посакува да ја наслика длабочината на дел од македонската трагедија. Со ова всушност Кичевски сака да им докаже со факти на оние што ја оспоруваат историската вистина за Македонците под Грција, особено со валидни аргументи и непосредни сведоштва за селаните и за селото Трсје, Леринско. Неоспорно е дека авторот вложил голем напор во изучувањето на изобилството од факти и аргументи и врз нивна основа го напишал делото.

Стојан Кочов во своето дело не запира само кај споменатите автори, туку тој ги споменува и Раде Силјан, Корнелија Пејова, Ѓорѓи Доневски, Никола Кљусев, Ристо Кирјазовски и уште многу други кои секако со своите дела дале голем придонес во македонската историографија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"