На Miss World 2002 под FYROM?!

(Повод: Изборот за светска убавица 2002, Нигерија - Обединетото Кралство)

Изборот за светска убавица Miss World 2002 кој започна во Нигерија, а сега се пресели во Обединетото Кралство, со себе понесе повеќе од 200 жртви. Тоа не можеше да го покрие ниту пораката на Организациониот одбор на Miss World 2002 и претседателката Џулија Морли во која се вели: "Преку убавината до целта", а се мисли на човечките права што требаше оваа година да бидат главна цел на веќе пропаднатиот избор во Нигерија.

Пратеничката од Лабуристичката партија, Гленда Џексон, во Парламентот на Обединетото Кралство минатата недела изјави дека "по крвавата драма во Нигерија најдобро е натпреварот Miss World 2002 воопшто да не се одржи оваа година".

Неколку убавици, како на пример од Кралствата Белгија и Данска, како и убавицата од Австрија, го откажаа учеството и го бојкотираа овој галиматијас, но зачудува зошто нашата претставничка Јасна Спасовска беше заинтересирана да остане на изборот "до крај", иако ја имаше шансата под слоганот и мотото за човечки права да го откаже учеството поради дискриминацијата сврзана со употребата на референцата FYROM, односно ПЈРМ ("Поранешна Југословенска Република Македонија") која го нарушува угледот и достонството на македонскиот народ и државата Македонија.

Светскиот македонски младински конгрес (СММК) ваквите "презентации" на Македонија по светот ги смета како "неизживеаност и безвредна афирмација" што овојпат покрај убавината, Јасна Спасовска (и нејзиниот тим) може(а)ше да покаж(е)ат и малку ум и да одбијат да учествуваат на вакви спектакли кои го оспоруваат правото на сопственото име на државата Македонија!

Од Претседателството на

Светскиот македонски младински конгрес


Џафери ги менува ставовите по потреба!?

(Повод: Арбен Џафери за "Факти" - Албанците во Македонија не сакаат да се нарекуваат Македонци, Дневник, 29.11.2002, стр. 3)

"Албанците во Македонија никогаш нема да ја прифатат идејата за политичка нација и да се нарекуваат Македонци. ... Албанците надвор од матичната држава никогаш го немаат прифатено политичкиот концепт за нација, туку само етничкиот.... Политичката нација доведува до асимилација".

Ова се ставови што Арбен Џафери ги изнесува во колумна за весникот на албански јазик "Факти", пренесена во вчерашен "Дневник", претпоставуваме истиот Џафери којшто пред пет години го критикуваше етноцентричкиот концепт на македонската држава. Сега во колумната Џафери соопштува дека "Албанците надвор од матичната држава никогаш го немаат прифатено политичкиот концепт за нација, туку само етничкиот". Ги сменил ли Џафери ставовите? И со која цел?

Политичкиот и етничкиот концепт на нација теориски се два различни концепти кои претпоставуваат предуслови за дефинирање на нацијата. Антони Д. Смит нацијата ја дефинира како именувана човечка популација со заедничка територија, митови и историски сеќавања, масовна, јавна култура, со заедничка економија и заеднички законски права и должности на сите припадници. Нагласувајќи дека тоа е привремена и работна дефиниција за потребите на книгата "Национален идентитет", Смит напоменува дека ваквата дефиниција ја открива сложената и апстрактна природа на националниот идентитет.

Но, да се навратиме на "основната теза" на колумнистот за којшто сега е неприфатлива идејата за политичка нација и политичкиот концепт на нација и како нив ги објаснуваат теоретичарите. Тој посочува на филозофското разликување на рационалната и органската верзија на националистичката идеологија, што имплицира на разликата што ја прави Антони Д. Смит во споменатиот труд, меѓу "западниот" граѓански-територијален и "источниот" етнички-генеалошки модел на нација. Појдовната разлика меѓу двата модела, според Смит, вообичаено произведуваат одредени видови националистички движења, а тоа се "антиколонијалните" движења пред стекнувањето на независност и "интеграциските" по нејзино стекнување. Етничките и генеалошки модели на нацијата, според Смит, обично доведуваат до сецесионистички или дијаспорични движења пред стекнување на независност, а подоцна до иредентистички или "пан" движења ("Национален идентитет", стр.131).

Врз таа основа, докторот по социологија и историја на уметност и професор на Лондонскиот универзитет, Антони Д. Смит, ја гради привремената типологија на национализмите, земајќи ја предвид целокупната ситуација во којашто се наоѓаат конкретните заедници и движења како пред, така и по стекнување на независност. Нас не интересира типологијата за етничките национализми, според која движењата пред независноста, со концепт на нација во основа етнички и генеалошки, ќе настојуваат да се отцепат од поголемата политичка единица (или да се отцепат и соберат во назначената етничка татковина), па наместо неа да воспостават нова политичка "етнонација". Тоа, според Смит, се сецесионистички и дијаспорични национализми. Движењата по независноста, со концепт на нација во основа етнички и генеалошки, ќе настојуваат да се прошират вклучувајќи ги етничките "сродници" вон сегашните граници на "етнонацијата", со земјата што тие ја населуваат, или пак обликувајќи многу поголема "етнонационална" држава по пат на обединување на културно и етнички сличните етнонационални држави, каде што тој ги категоризира иредентистичките или "пан" национализми ("Национален идентитет", стр. 132).

Во авторскиот текст, објавен на веб-страницата на Американско-албанската цивилна лига на Џозеф Диогарди, лично Арбен Џафери го критикуваше и го напаѓаше етноцентричкиот концепт според кој била изградена македонската држава, што не бил прифатлив за Албанците од Македонија. Џафери, уште пред пет години се изјаснува дека на македонските Албанци не им се допаѓа токму моделот на Македонија како етничка држава!? На веб-страницата на којашто имигрантите Албанци од САД сами милуваат да се нарекуваат американски Албанци!?

Денес, на истиот тој Џафери, сега колумнист во "Факти", не му се допаѓа концептот на политичка Македонија, според којшто наводно Албанците ќе требало да се нарекуваат Македонци. Дали македонските Албанци со ваквите писанија свесно не потсетуваат на Платформата на албанската Академија на науки, на Начертанијата и Мегали идејата и на целите на Призренската лига?

Жанета Ќосе, новинар


Зошто не се попишуваа Македонците во дијаспората?!

Се појави напис во дневниот печат во Македонија на 14 ноември дека нашите амбасади и претставништва надвор се отепале кутрите да бараат Македонци надвор за да ги попишат, но одзивот бил мошне слаб?! Не е точно, барем во САД каде што јас живеам, дека македонската Амбасада/Конзулат или кое било македонско претставништво направило што и да е за да ја информира македонската емиграција дека може да се попише. И не само тоа, туку печатот од Македонија пренесе противречни вести дека сите што живееле надвор повеќе од една година не можат да се попишат (по ургирање на "меѓународната заедница"- ако им ургираат и за тоа, да се фрлиме сите во Вардар...!). Впрочем, како и во се друго, и во и околу Пописот се чини владее целосен хаос и дезорганизација. И потоа да не се чудиме како Македонците ги "снемува".

Секоја цивилизирана држава во светот си ги попишува сите тие кои потекнале оттаму, и кои се разбира сакаат тоа да го сторат, без проблем. Ако барем дел од сите Македонци (по потекло) однадвор добијат македонско државјанство (нешто за што не е против ниедна одредба на ЕУ, НАТО, ООН итн., итн., без разлика на какво било "ургирање" од какво било тело на "меѓународната заедница" која само гледа до кое ниско ниво нашите на власта ќе се симнат) и барем дел од истиве се попишат, ќе има најмалку 80 отсто етнички Македонци како жители на Република Македонија. Ама, ете, ниту волја има, а уште помалку организација, што мора само да потекне од самата држава Република Македонија, нашата матична држава. Можеби ќе се свестиме пред идниот Попис, освен секако ако дотогаш други "етнички заедници" (кои се попишуваат на ангро) веќе не станат мнозинство.

Борис Доцевски


Досие за кршење на човековите права на Македонците

Здружението НЕПОКОР започнува Проект за креирање на Досие за кршење на човековите права на Македонците. Проектот се состои од неколку фази.

Почетната фаза е креирање на Досие преку пишувани сведоштва (изјави) за кршењето на основните човекови права. Проектот ги вклучува сите Македонци на кои насилно им е одземен имотот, насилно се протерани од родните огништа, врз кои се вршат и биле вршени политички притисоци, на кои им промениле име, Македонци на кои не им дозволуваат слободно да се декларираат како Македонци, кои немаат право на школување на мајчиниот јазик, на кои не им е дозволено организирање на културни манифестации и други кршења на човековите права. Оваа фаза ќе трае континуирано и нема да зависи од другите фази.

Следната фаза, по прибирањето на одреден број докази, сведоштва, изјави во пишувана форма, Досието ќе биде предадено на преставништвото на Европската унија во Македонија, ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Обединетите нации и амбасадите на странските земји во Р. Македонија.

Ќе побараме мониторинг-мисии за местата во кои живеат Македонците, организирање Попис на население по примерот на Пописот организиран во Р. Македонија, враќање на одземениот имот и оштета за користење на истиот, права еднакви за сите малцинства на Балканот според сите меѓународни закони. Во оваа фаза Досието ќе биде преведено на неколку светски јазици и поединечни случаи преку светските медиуми ќе бидат презентирани на пошироката европска и светска јавност.

Сите информации околу и за Проектот ќе ги најдете на Интернет страницата: www.nepokor.org Вашите прашања, предлози, сугестии, поддршка може да ги доставите на е-маил адресата: nepokor@hotmail.com

Доколку сакате активно да се вклучите во Проектот за креирање на Досие за кршење на човековите права на Македонците ве молиме обратете се на нашата е-маил адреса.

Здружение на граѓани "Непокор", Скопје


Венцо Арсов не е парадигма

(Повод: формирање огранок на ДУИ)

Деновиве прочитав дека во македонската јавност се наметнало прашањето: Кој е Венцо Арсов?

Дали тој е земјоделец или интелектуалец, дали е етнички Македонец или нешто друго, дали сам отишол во Мала Речица или го испратиле, дали е чесен граѓанин или мафијаш, дали акцијата ќе застане тука или ќе се прошири во Струмица, во Делчево, во Кривогаштани, па дури и до родното место на националистот Георгиевски!?.... и ред дилеми.

Токму поради овие дилеми, ја почувствував потребата од испраќање на ова писмо се со цел да ја потсетам јавноста на едно блиско и слично минато, односно на случајот: Џеват Арслани етнички Албанец, директор во училиштето во Жировница каде 400 ученици се етнички Македонци.

Човекот ни крив и должен го именуваа за директор, бидејќи тогаш времено се зачлени во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Велам времено, зашто до тогаш беше член на ПДП, а на 27.11. 2002 година се обиде да формира огранок на ДУИ во Општината Ростуше, ама "за жал" одзивот бил сосема слаб, односно на основачкото собрание присуствувале само неговите двајца браќа, што се вели - двајца без тројца.

По стапките на Џеват Арслани, Бајрам Сули, Амзо Идризоски и други што се офајдија во времето на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Арсов, а ќе има и други, ќе се обидат да ќарат во ДУИ.

Мислам дека Венцо и сличните на него дебело ќе извисат, зашто Буџаку, Теута, Положани и Ахмети не се: Флороски, Димоска, Новковски, Георгиевски и Ѓорѓи Илиески, кои слепо им веруваа на оние кои кратенката ВМРО ја разбираа со значење: Внатрешно муслиманско револуционерна организација.

Можеби и господинот Арсов кратенката ДУИ ја разбира како унија за интеграција на Македонците од ВМРО-ДПМНЕ со Македонците од СДСМ и ќе успее да ги интегрира за што тогаш посебно ќе му честитам.

Во оваа прилика "искрено" му честитам на Џеват Ѓулиоски кој предвреме уште од позиција на власт како началник на Општа Управа за Дебар обелодени дека треба да се напушти ВМРО-ДПМНЕ и треба да се бара чаре за влегување во новата власт.

Вакви и слични досетливци ќе ги има ширум Македонија, а мене како нејзин елемент не ми преостанува ништо друго освен да Ви препорачам да се чуваме и од самите себе и ќе потсетам дека гората се исплашила од дршката на секирата зашто била дрвена.

Венцо Арсов не е парадигма, но треба да му се застане на пат.

Абдула Оџески - Жировница,

учител во пензија


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"