ИСТОРИЈА

"Македонија 1945 - 1991, државност и независнот" од д-р Новица Велјановски

"ЗЛОТО" НАРЕЧЕНО КОМУНИЗАМ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Станува збор за релативно долг период од поновата историја на македонскиот народ, кој не е доволно проучен и по многу нешта е доста контроверзен. Авторот дефинира три основни периоди на историскиот развој на Македонија во југословенската федерација. Секој од нив го обработува како посебен дел на кој му дава наслов што соодветствува на неговата содржина.
  • Авторот разгледува и некои меѓународни аспекти што во современиот период се значајни за нашата држава и влијаеја врз нејзиниот внатрешен развој. Има примери кога таа се појавува како субјект во тие односи. Ставајќи го под критичка "лупа" обработуваниот период, оценката е дека во него е реализиран извесен автономен развој во културата и образованието, минимален развој во економијата, но и тоа дека ова е период на крупни промашувања.

Неодамна, Институтот за национална историја и Матица Македонска ја издадоа книгата "Македонија 1945 - 1991, државност и независнот" од д-р Новица Велјановски. Овој научен Проект во првичните истражување и анализи беше насловен "Политичката и правната положба на Македонија во Југословенската федерација 1945 - 1991 година", но работата покажа дека овој педесетгодишен период е всушност изодениот пат кон самостојноста, сувереноста и независноста на Република Македонија остварена во 1991 година.

Создадена во текот на Втората светска војна, како резултат на нејзиното учество на страната на антифашистичките сили во Европа, на Првото заседание на АСНОМ, на втори август 1944 година, Македонија беше прогласена за држава - членка на демократска федеративна Југославија. Основата на тоа се решенијата на Второто заседание на АВНОЈ, од 29 ноември 1943 година, на кое Југославија се конституира како федеративна држава со шест федерални единици.

СТАНУВА ЗБОР...

... за релативно долг период од поновата историја на македонскиот народ, кој не е доволно проучен, а по многу нешта и доста контроверзен.

Авторот, д-р Новица Велјановски, дефинира три основни периоди на историскиот развој на Македонија во југословенската федерација. Секој од нив го обработува како посебен дел на кој му дава наслов што соодветствува на неговата содржина. Во првиот дел, насловен како "Централизирана 'народна демократија' (1945 - 1950)", констатира период на административно централиситичко управување на федерација со југословенските републики под раководство на единствената партија во државата, КПЈ. Во овој систем на партиски монопол државата беше управувана од одреден број луѓе, а изразот "народна демократија" многу повеќе беше експлоатиран, отколку што се применуваше.

По судирот на југословенското со раководството на СССР и другите земји во 1948 година, во историјата познат како Информбирото, Југославија се најде на еден сериозен крстопат: да се приближи кон западните земји, а да не се оддалечи од источните. Се наметна неопходната потреба од прагматизам да се зачува независноста загрозена од СССР, а да се оправдаат средствата што на Југославија & се даваа за да служи како штит од "злото" наречено комунизам.

Затоа, вториот разгледуван период, односно вториот дел од книгата е со наслов "Самоуправна дезориентација (1951-1970)". Карактеристично за овој период е што се напушти советски модел, а југословенскиот пат продложи кон работничкото самоуправување, кое доби таква неприкосновеност што се подигна на ниво на државна идеологија. Но, вистинското самоуправуање, со слободна иницијатива и пазарна економија, не постоеше.

Без оглед на сопствените промашувања, Македонија која беше економски послабо развиена ги следеше процесите и институциите кои доаѓаа до федералниот врв.

Во овој дел од книгата, авторот разгледува и некои меѓународни аспекти што во современиот период се значајни за нашата држава и влијаеја врз нејзиниот внатрешен развој. Има примери кога таа се појавува како субјект во тие односи. Како и да е, ставајќи го под критичка "лупа" обработуваниот период, оценката е дека во него е реализиран извесен автономен развој во културата и образованието, минимален развој во економијата, но и тоа дека ова е период на крупни промашувања.

НАЈБУРНИОТ...

... дваесетгодишен период во Македонија и во југословенската федерација во целина е периодот 1971 - 1991, кој авторот на овој труд го насловуваа како "Децентрализација и распад". Тој е исполнет со многубројни политички, економски и други активности и мерки, со цел да се спречи распадот на СФР Југославија. Во голема мерка е нагласен и меѓународниот фактор кој има различни мотивации и интереси за судбината на Југославија. Тоа е период на многубојни реформски зафати и значајни уставни промени.

Поголемата самостојност што ја добија југословенските републики резултираше со појава на "либералистички" тенденции кои во поразвиените северни републики беа далеку поизразени, иако за вистински либерализам не можеше да стане збор ниту во една од нив.

Се расправаше и на долго и на широко за целината на системот и за иднината на федерацијата и републиките во неа. Се нудеа решенија, многу од нив неостварливи, но кога беа во прашање барањата со кои се заговараше напуштање на водечката улога на Сојузот на комунистите, тие секогаш беа отфрлани на компромисно решение во општествено-економските односи беше воведувањето на "доброволната економија" и на "делегатскиот систем" во општествено политичките односи, што не донесе резултати, бидејќи тие не излегоа од глобалните рамки на "самоуправувањето".

Неостварениот стопански развој резултираше со политичка нестабилност и со појава на меѓунационална нетрпеливост, која предизвика националистички струења особено кај албанското малцинство на Косово и во Македонија. Тука се направија историските грешки по ова прашање, кои тешко се поправаат, бидејќи последиците ги чувствуваме денес.

Тогашните власти не ги бараа вистинските причини за појавата на национализмот и го објаснуваа како "застој во самопуправувањето". Национализмот беше задушуван и запретуван со цврстата рака и авторитативната власт на творецот на Југославија, Јосип Броз - Тито, така што наместо по причините се удираше по последиците.

За надминување на економските тешкотии, кои произведуваа политичка нестабилност, југословенските економски "теоретичари" применуваа некои облици на економско организирање што не беа познати никаде во светот, па претставуваа своевиден експеримент. Во стопанските области тоа се реализираше преку воведување на "организациите на здружен труд", што беше комбинирано со нелогично цепкање на стопанските претпријатија и нивно разбивање на помали и непродуктивни целини.

Во политиката се воведе непроверениот "делегатски систем" кој беше оценет како највисока фаза на социјалистичкото самоуправување.

Според д-р Новица Велјановски, карактеристично за овој период по осумдесеттите години, беше определбата, правците на идниот разој да не се бараат во суштинските проблеми на политичкиот и на економскиот систем, туку во политичките акробации и вербалните манифестации што ги измислуваа идеолозите на Сојузот на комуниситите. Нивната водечка улога во државата или даваше право, гарантирано и со уставниот акт, да можат да се мешаат во сите области на животот. Тоа некако му успеваше на Тито, кој почина во 1980 година. Немајќи идеја што понатаму, тогаш југословенското раководство се определи за девизата "И по Тито, Тито". Тоа траеше десетина години, период во кој кулминираше економската и политичката криза која доведе до крвав распад на Југославија. Конечното распаѓање не беше попречено од меѓународниот фактор, кој формално го поддржуваше интегритетот на СФРЈ преку премиерот Анте Марковиќ, но исто така и го потпомагаше осамостојувањето на републиките во посебни држави.

Во 1991 година Македонија се конституира во самостојна, суверена и независна држава и ги исполни условите за нејзино меѓународно признавање.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"