амбро Чолаков, член на главното
раководство на НОФ, во целост ја прифати Резолуцијата на КОЕМ и во посебни
изјави до Захаријадис и до ПБ на КПГ, покрај другото, тврди дека во
организацијата НОФ делува агентурска мрежа на југословенските известителни
служби, наведувајќи конкретни имиња кои ја обавуваа таа дејност.
Првиот член на НОФ Паскал Митревски во својата дискусија изнесе став дека
раководството на НОФ агенти имало и делува, како што беше Михаило
Керамитчиев, кој со својата агентурска - шпионска дејност на движењето му
нанесе голема штета.
И преостанатите учесници на активот безрезервно ја прифатија Резолуцијата
на КОЕМ.
На крајот на дискусијата во завршниот збор на Никос Захаријадис, се
напаѓа Југославија како предавничка и се констатира дека 90 отсто од
присутните ја прифатиле во целост предложената Нацрт-резолуција, дека во
раководството на НОФ имало агенти, дека дејствувала организирана агентурска
мрежа во корист на југословенските известителни служби и слично.
Од горенаведеното се гледа дека лидерот на КПГ Захаријадис се уште е
воздржилив да ја прогласи целата организација НОФ за агентурска, предавничка,
ограничувајќи се да прогласи за агенти поединци од раководството на НОФ. Тој
така постапи, поради тоа што НОФ се уште му требаше во претстојната
решавачка пресметка со противникот и поради тоа што македонскиот народ и
борците се уште не беа убедени во "предавството" на својата организација.
Захаријадис тоа го стори веднаш по поразот на ДАГ.
КАМПАЊА ПРОТИВ МАКЕДОНЦИТЕ
По одржувањето на активот на КОЕМ почна една без преседан пропагандна
кампања против КПЈ и раководителите на организацијата НОФ на Македониците од
Егејскиот дел на Македонија обвинувајќи ги за агенти на империјализмот за
разбивачка и поткопувачи на ослободителното движење се со цел да створи кај
народот и борците убедување дека за евентуалниот пораз на борбата виновни се
тие. Во акцијата беше вклучен целокупниот апарат на КПГ-ДАГ и другите
институции, печатот, радиото и друго. Беа објавени специјални публикации
како што е зборникот на статии за највисоки раководители на КПГ, под наслов
"Камата на Тито од грб ја удира народнодемократска Грција", монографијата
под наслов "Титовото предавство и негова агентура во Грција" и друго.
Грчките партиски раководители во наведените и други публикации тврдеа дека
Тито ги користи егејските Македонци во ударот против НОБ во Грција и за
негова агентура во Грција.
Во населените места, масовните организации и во институциите и во
единиците во ДАГ беа организирани собири во кои беше анализирана
Резолуцијата на КОЕМ. Собирите беа претворени во антијугословенски и
антинофитски манифестации. Во истиот дух провлада и во реонските и окружните
конференции и земската конференција на КОЕМ.
На земската конференција на КОЕМ која се одржа под режија на Захаријадис,
за организацијата НОФ е кажано следното, односно се дадени следните
карактеристики:
"... Во изразите спротивно од тоа што овде се одлучуваше, преостанатиот
дел на народот од Вардарска Македонија со своите борби и како резултат на
уништувањето на Хитлеровата Германија од ослободителната легендарна Црвена
армија, доби полна слобода, создаде свое национално и државно огниште и со
оптимизам ја гради својата иднина и својата национална култура. Македонскиот
народ за прв пат во својата историја доби и своја национална држава, за прв
пат стана стопан на местото, се здоби со право на живот.
И природно тој факт, таа голема придобивка на македонскиот народ на
Вардар не можеше да не повлијае кај нашиот народ, дотолку повеќе што во тој
момент кај нас завладеа џунглата на монархофашизмот, настапи катастрофата,
уништувањето. Нашиот народ отворено изрази ентузијазам кон придобивките на
народот на Вардарска Македонија и беше многу природно што се ориентира
натаму од каде очекуваше и исполнување на многу свои надежи...".
Во продолжение на документот се вели дека Тито ги искористи овие
благородни и свети стремежи на македонскиот народ од егејскиот дел на
Македонија за реализација на своите експанзионистички претензии, за
присвојување на Егејска Македонија итн. Во врска со тоа конкретно се вели:
"... Во функција на оваа големосрпска цел, на таа шовинистичка, антипартиска
и антимакедонска политика, го создаде НОФ како организирано настојување
политички да го кристализира благородното народно национално чувство на
нашиот народ што се изразува со ентузијазам и надежите што ги потпре врз
Скопје, НОФ потпрен на една благородна национална основа, политички
изразуваше една шовинистичка, големосрпска политика и интересите".
Според горенаведеното во документот се констатира дека Тито,
манипулирајќи со стремежите и желбите на Македонците од егејскиот дел на
Македонија, го создаде НОФ со цел да ги реализира своите експанзионистички
планови кон Егејска Македонија. Според раководителите на КОЕМ, НОФ беше
иструмент на туѓи интереси и планови. Горната оценка за НОФ е прифатена
неколку дена пред поразот на главните снаги на ДАГ, на Вичо на 2 август 1949
година.
Со дефинитивниот пораз на главните снаги на ДАГ на Грамос, на 29 август
1949 година проблемот за прогласување на виновникот за таквиот исход на
крвавата борба пред раководството на КПГ се постави како итна и непосредна
задача. Тоа е сторено на партиската конференција на борците на ДАГ и на
собранието на Македонците борци што се повлекоа од Вичо и Грамос во Албанија.
На партиската конференција и на собранието на Македонците што се одржа на
29 и 30 септември 1949 година во Бурели, Албанија, во присуство на целото
раководство на КПГ, за еден од решавачките фактори за поразот на ДАГ се
прогласени КПЈ и организацијата НОФ на Македонците од егејскиот дел на
Македонија и е донесена одлука за кривично гонење на "виновниците". Врз
основа на оваа одлука, органите на ДАГ на 7 октомври истата година уапси 11
членови на раководството на НОФ и други македонски активисти.
Шестиот пленум на ЦК на КПГ што се одржа на 9 октомври истата година ја
потврди горната одлука на партиската конференција во Бурели и донесе одлука
за распуштање на македонските организации НОФ, НОМС и АФЖ, прогласувајќи ги
за контрареволуционерни, агентурски и слично. Врз основа на таа одлука,
почна една акција на КПГ без преседан за ловење на Титови агенти во која
настрадаа многу Македонци и Македонки. Така трагично заврши организацијата
НОФ и поголемиот дел од нејзините основачи и раководители. Таа и тие беа
изманипулирани и жртви на спротивставени интереси и планови на
Комунистичката партија на Грција и на Комунистичката партија на Југославија.
По шест години од прогласувањето на НОФ за агентурска организација,
односно во 1956 година раковдството на КПГ што го смени Захаријадис, донесе
специјална одлука со која сите обвиненија и квалификации против македонските
организации ги анулираат, се прогласуваат за народноослободителни и
прогресивни, а настраданите Македонци под обвинението "Титови агенти" се
рехабилитираат. Меѓутоа, истата таа КПГ по 42 години повторно ги обнови
истите обвинувања против македонските организации.
ДЕФИНИТИВНА ПРЕСМЕТКА
Командата на владините сили и американската воена мисија на чело со
генерал Ван Флит, решија во 1949 година дефинитивно да се пресметаат со ДАГ.
На 20 јануари 1949 година грчката влада го донесе принудниот Закон 882 со
кој е обновена институцијата врховен командант на вооружените сили со широки
овластувања и ингеренции и на таа функција го постави генерал Александрос
Папагос. Согласно одредбите на овој Закон Папагос сам ги донесуваше сите
одлуки во врска со воените операции, составуваше планови за воени операции
кои сам ги раководи. Одлучуваше, исто така, за составот и формирањето на
воените единици, вршеше измени во персоналот на единиците и формациите на
владината војска, ги ставаше под своја команда сите поморски и полициски
сили што учествуваа во воените операции.
Оперативниот план на владините сили предвидуваше откако ќе се пресмета со
единиците на ДАГ во Пелопонез, Румели и Тесалија со употреба на сите
расположливи сили дефинитивно да се пресмета со главните сили на ДАГ во
подрачјето на егејскиот дел на Македонија.
Оперативниот план на главната команда на ДАГ предвидуваше главната битка
со непријателот ја даде на Вичо - Грамос каде со примена на тактика на
активна фронтална борба го собори непријателот и потоа помина во контранапад
и го совлада. Главната команда на ДАГ во своето настојување да & наметне на
ДАГ тактика на регуларна армија, повлекува поголем дел партизани од составот
на територијалните штабови на Олимп, Пиерија, Каракамен, Пајак, Тесалија и
Источна Македонија и Тракија и го концентрира на територијата на Вичо -
Грамос, каде се вршат утврдувања. Оперативниот план на Главната команда на
ДАГ е конципирана во духот на фамозната "Резолуција" - "Грција по патот кон
победата, пред решителниот пресврт" прифатена на 5-от пленум на ЦК на КПГ
одржан во јануари 1949 година, Захаријадис имаше илузии и истите настојуваше
да им ги наметне на сите дека Вичо е несовладлив, или како што велеше и
пишуваше: "Во Вичо непријателот нема да помине". Горните планови и цели, кои
беа нереални, раководството на КПГ ги потпираше и образлагаше со преземените
операции на ДАГ против владините сили во градовите Кардица, Његуш и
Карпениси во почетокот на 1949 година.
Оперативниот план на владините сили почна да се реализира со операцијата
на чистење против ДАГ во Пелопонез. Имајќи огромна надмоќност во луѓе,
оружје и друго, владините сили и покрај херојскиот отпор на борците на ДАГ,
успеаја да ги ликвидираат сите вооружени, полувооружени и невооружени (околу
7.000) доброволци.
По Пелопонез следеше операцијата на чистење на Румели-Тесалија.
Борците и старешините на ДАГ на Румели и Тесалија навистина покажаа
неверојатен хероизам и пожртвуваност. Но, пред надмоќната сила и
неограничените воени средства со кои располагаше владината војска, беа
издесеткувани. Од околу 7.000 борци и старешини заедно со невооружените
мобилизирани и стотици ранети и болни, се спасија само неколку стотици, кои
отсечени во помали единици и групи и борејќи се постојано и не знаејќи што
се случува во другите области во 1950 година ги минаа границите. Според еден
податок повеќе од пет илјади борци на ДАГ загинаа во Румели и Тесалија.
Таква беше положбата на Демократската армија пред почетокот на
дефинитивната пресметка со главните сили на ДАГ во 1949 година. Командата на
владините вооружени сили по пресметката на ДАГ во внатрешноста на Грција,
почна да ја пренесува и концентрира целата ударна сила на вооружните сили на
егејскиот дел на Македонија и да го стеснува просторот којшто го држеа
главните сили на ДАГ во Вичо, Грамос, Кајмакчалан.
(Продолжува)