ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Македонскиот Светец Преподобен Нектариј Битолски

СИЛНА ЖЕЛБА ЗА ПОВОЗВИШЕН БОГОУГОДЕН ЖИВОТ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Чудотворните мошти и денес почиват во Света Гора, во ќелијата во која под тешки услови вршел дела за да се приближи кон Бога. Во Света Гора на негово име има посветено Црква-ќелија во Кареја. Во истата ќелија, во иконостасот се наоѓа икона со ликот на Св. Нектариј од 1819 година.

Македонскиот светец од 15 век, преподобниот Нектариј се родил во Битола. Неговите родители биле набожни и праведни луѓе. На крштевањето му го дале името Никола. Кога бил мало дете, на мајка му & се јавила Пресвета Богородица и & рекла веднаш да побегне со децата и сопругот од своето место и да се сокријат на друго место. Веднаш целото семејство ја напуштило Битола и се скрило на погодно место. Турците дошле, ја зазеле Битола, и на христијанскиот народ му нанеле зло. Откако турската наезда донекаде поминала, тие излегле од скривалиштето живи и здрави, благодарни на Бог и Богородица за нивото спасување, но и тажни заради поробувањата на своите христијански браќа и сестри и својата татковина.

Кога татко му на Никола остарел, се договорил со својата сопруга да отиде во манастир. Заминал со своите два сина (од кои едниот бил Никола) и се населил во манастирот "Св. Бессребреници Козма и Дамјан" до Битола, каде се замонашил и го добил името Пахомија. На празникот на манастирот, тој заедно со своите два сина видел чудо. Испразнетото буре со вино (заради големиот број гости), го нашле повторно наполнето. Тогаш Никола се сетил и на јавувањето на Пресвета Богородица на неговата мајка. Во неговата душа се разгоре огромна љубов кон Христа и силна желба за повозвишен богоугоден живот. Го оставил светот и заминал во Света Гора, Атонска, на Кареја, каде бил раководен од искусните и благородни водачи Дионисиј (роден во Цариград) и Филотеј, во ќелијата на Светите Архангели. Тие набргу го замонашиле и му го дале името Нектариј.

МОЛИТВИ

Тој духовно напредувал. Но, во срцето на еден млад сподвижник, влегол духот на злобата и завист кон Нектариј. Тој барал Нектариј да го отстранат оттаму. Преподобните водачи го советувале овој несреќник: "... твојот духовен брат Нектариј...многу брзо ги совладува Божјите тајни. Тој само се труди да се доближи до Божјата чистота и совршенство... Во Светото Евангелие пишува да се сака ближниот свој". Но, овој безумник се заканувал: "Или истерајте го... оттука или ви кажувам дека ќе го убијам".

Тогаш овие духовни водачи му советувале на Нектариј да се оддалечи за извесно време од нив: "Нектариј, чедо наше, знаш дека те сакаме и во тебе гледаме праведник и чиста душа.... Но... гледаш... во него има само гнев и омраза кон тебе, а може да направи некоја беља...". Нектариј им рекол: "Татковци мои, учители во Божјото дело,... мора да одиме по најтрнливите патеки за да дојдеме до Божјото совршенство". Тие го испратиле кај светогорскиот Прота Данило во Кареја. Тој со љубов го примил кај себе за свој послушник. По извесно време умрел Филотеј. Данило останал сам. Не можејќи да го поднесе несреќниот завидливец, го напуштил и отишол кај Нектариј. Прота Данило им го доделил малото манастирче на Св. Архангели, наречен Кофа, каде Нектариј и Данило живееле заедно во мир, тишина, испосништво, молитви. Завидливиот несреќник ја напуштил Света Гора и ја изгубил својата душа, зашто тргнал по патот на ѓаволот. Набргу умрел и духовниот водач Дионисиј. Нектариј чесно го погребал својот учител и останал сам, но ги проширил своите подвизи кои само на Бога му се познати.

МОШТИ

Св. Нектариј тешко се разболел. Победувајќи ги демонските напади, човечката завист и тешките телесни болки, мирно и достоинствено се преселил во вечното Христово Царство во 1500 година на 5 декември/18 декември (кога и го славиме). Неколку години по неговата смрт, неговите последователи го отвориле гробот за да му ги пренесат моштите. Неговите свети мошти биле нераспадливи и испуштале пријатен мирис во воздухот. Ги положиле во ковчег, на којшто бил направен релјеф на неговиот лик. Неговите чудотворни мошти и денес почиваат во Света Гора, во ќелијата во која под тешки услови вршел дела за да се приближи кон Бога. Во Света Гора на негово име има посветено Црква-ќелија во Кареја. Во истата ќелија, во иконостасот се наоѓа икона со ликот на Св. Нектариј од 1819 година, овде илустрирана. Претставен е во монашка облека со Крст во десната рака. Веруваме дека МПЦ ќе покрене иницијатива за посветување на Црква или манастир на неговото име во Република Македонија. Во манастирот "Св. Георгиј Победоносец", во с. Рајчица, параклисот е посветен на Св. Нектариј Битолски, Св. Григориј Палама и Св. Јован Кукузел. Бдение во чест на Св. Нектариј ќе се одржа во очи празникот, под раководство на мудриот игумен Архимандрит Партениј.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"