и беше еднаш една репрезентација
која учествуваше на европски и светски првенства и која си ги победуваше
светските и европските шампиони, која беше страв и трепет за сите и сите не
гледаа со респект, но....
Но, сонот наречен македонска женска репрезентација, гордоста на
Македонија, сонот кој сите не држеше пред малите екрани и со кој се
гордеевме кога по светските метрополи го гледавме како се игра "Македонско
девојче" се распрсна во Азербејџан, во Словачка, во Турција, во
катастрофалните квалификации за Светското првенство кога се распродаваше
тешко стекнатото реноме, кога на најболен начин ги уочивме грешките на
нашите премногу почитувани суети да се биде некој и нешто, па макар и се
немало квалитети.
КОШМАР
Бродот почна да тоне уште на првенството во Италија кога за прв пат се
виде дека Македонија не произведува таленти кои достојно би ги замениле
претходните играчи кои ги постигнаа најголемите резултати. И наместо да се
преземе нешто со коешто би се елиминирало тоа што недостасува, наместо да се
реагира навремено и да се поправат грешките кои беа воочени на првенството
во Италија, ние продолживме во ист правец и типично на наш својствен
македонски - живеевме на стара слава, се вадевме со старите успеси и не
правевме нешто за да ја надминеме разликата во квалитет која беше воочлива
меѓу генерацијата која доаѓа и таа која си оди.
Кошмарот продолжи на бараж-натпреварот за Европското првенство кога бевме
елиминирани од репрезентацијата на Чешка која дотогаш беше само еден тотален
анонимус на која & претставуваше чест да одигра некој натпревар со
Македонија. Како морална одговорност ја добивме оставката на селекторот
Зоран Кастратовиќ. Неизвесноста за нов селектор траеше многу малку. За нов
селектор беше избран спортски работник кој дваесет години немал работено со
екипа и кој самиот истакна дека дваесет години бил надвор од тренажниот
циклус, но самиот се фалеше дека иако дваесет години нема тренирано, сепак
следи многу повеќе од сите активни тренери во Македонија!!!
Резултатот од таквоит контроверзен, катастрофален избор беше понижувањето
кое го доживеавме од Азербејџан и воопшто од сите кои учествуваа во овие
квалификации. Едноставно бевме топовска храна за сите, како воопшто да не се
игра ракомет во Македонија. Навистина беше жално да се гледа како селекторот
кој следел се, а ништо не работел, упорно спроведува тактика со која примаме
триесет голови. Тактика со која нашите бекови не можеа да дојдат до слободна
позиција за удар. Тактика која направи на следните квалификации на нашиот
тим да гледаат како на аутсајдер, а не како на репрезентација која треба да
претставува страв и трепет за сите. Едноставно, тренерскиот тандем не
профункционира - секој влечеше на своја страна, а трпеше македонскиот
ракомет.
КАДАР
Што треба да се направи во иднина за да не се повтори ова понижување кое
сега го доживеавме? Најпрво, треба да се искритикува комплетното раководство
на РСМ. Имено, само заради задоволување на одредени суети се даваат
одговорни функции на тотално некомпетентни лица, а и самиот факт дека
најголемите успеси ги постигнавме во период кога нашата репрезентација ја
водеа тренери од странство треба малку да не замисли за тоа каков е
тренерскиот кадар во Македонија и дали во Македонија имаме доволно
квалитетен стручен кадар кој достојно би го носел името селектор. Тука треба
да се искритикуваат и мерките кои се преземаат во РСМ за помагање на
клубовите за производство на квалитетни кадри. Тука треба да се задржиме и
на селекцијата како и начинот на кој таа се врши во клубовите зашто
навистина жално е, но вистинито, дека ако не натурализираме ракометарки од
странство, нашите немаат квалитет да го продолжат она што им остана како
завет од генерацијата која беше во осумте најдобри во светот и во Европа.
Мерки треба да се преземат и тоа да се преземат итно. Не смее да се
дозволи овој тренд на назадување кој сега е очигледен во македонската
ракометна репрезентација. Треба сите заедно да работиме и да ја вратиме
репутацијата на нашиот репрезентативен ракомет. Одолговлекување не треба и
не смее да има, а мерките треба да бидат ефикасни. Прв чекор е да ја добиеме
оставката од селекторот Куновски и да избереме кадар кој знае да работи.