Ајде слушај, слушај ... народе македонски. Ми се собрале апашиштата крај
елката да слават Нова година, која како и секоја за нив е посреќна од
претходната. Ми се собрале апашиштата крај билјардото, оти сакаат отчет да
даваат што азно собрале од народецов. Ми се собрале апашиштата чалам да
прават, арно ама нигде не гледаме дека се чаламџии. Освен ако во виното не
го "виѓаваат". Ми се напиле апашитата, а од чаламот не вџашуваат.
Се прават комити и кон непријателот што го внесоа во Парламентот, фрлаат
со празни чаши и шишиња. Белким не се предаваат. Ех, што ти е македонски
чалам. Вистински егзибиционизам.
ТРОШКИТЕ ГИ ИЗЕДОА
На политичарите можеби им е среќна и бериќетна Новата година, ама нам,
ако се вратиме наназад, во сите 365 дена ни беше ужас. И тоа неверојатен,
бидејќи немаше ден да зинат, а да не излажат. Не лажеа и во 2001 година. Не
лажеа и многу години претходно. Ако се се собере... залудно изгубивме една
деценија од животот од нивното лажење. Тоа е ѓурултијата што ни ја направија.
Не успеавме да куртулиме од нив. Затоа елката ни е убаво накитена. Да не
потсетува зошто трпезата ни е празна! Да не потсетува на маката што си ја
тргаме. На маката што си ја сркаме.
На софрата денес ги нема ниту трошките. Зошто? Дозволивме се да ни се
случи, само не убавото. На него заборавивме како и македонските политичари
кои прво заборавија на македонскиот народ, а потоа и на државата. Бевме
краткоумни и лесноумни што им верувавме дека ќе имаме блескава иднина. А,
таа ....се дави во грабежот, во националното предавство. Бесперспективноста
е нашата иднина.
ХАРИКИРИ
Лампионите ни светат како очи на ѓаволот. Од горниот до оној долниот сите
ни ја цицаат крвта. Не можат без нас, а како што ни тргнало, и ние без нив.
Здодевни се како пијавици. Не можеме да ги симнеме од елката и да ја
украсиме Македонија со нешто убаво, ајде да речеме со една стројна мома од
која очи не можеме да извадиме. Од убоста да умреме, а не од стравот што в
коски ни го всадија и од пепелта што ни ја оставија. Нашата душа може да се
крепи само од убавина. Од убави вести да не куртулиме. Ајде еднаш да чуеме
дека сите работиме. Ѓоамити сме Јапонци. Ајде да чуеме дека социјални
проблеми немаме. Ајде да чуеме дека работникот зема, барем приближно 1.000
евра плата. Ајде да чуеме дека Македонците од задоволство "ги умираат"
своите жени в кревет. Па, ајде на крај да чуеме една многу убава вест.
Премногу убава. Прекрасна. Некој наш политичар од срам, од доблест, со свест,
направил харикири за работниците. Харикири за македонскиот народ, харикири
за Република Македонија. Да речеме се самоубил во слепоочница. Се обесил на
дрво. Да речеме, на пример, ја зел ортомата и се обесил на Плоштадот во
Скопје. Да видат сите што е голем Македонец за Македонија. Тоа ќе ти биде
комита. Тоа ќе ни направи чест. Тоа ќе ни ја исполни душата. Што јунаци
тогаш ќе имаме? Што политичари ќе имаме? Ем свесни, ем совесни. Ама...
чиниме, се тоа е илузија. Во илузија ние живееме десет, а можеби со илузија
не хранат со стотици години. Со векови ни ги мачкаат очите, оти биле големи
Македонци. Вистински патриоти. Затоа, браќа Македонци, браќа сиромашни,
колку сме, многу сме. Очигледно прво ние ќе извршиме харикири отколку нашите
"лампиони". Затоа да не живееме во илузија!!
УЌУМАТОТ
Ајде да ни даде Господ здравје, па да ги засукаме ракавите и да пробаме
да работиме оти светските крвопијци од ММФ и СБ ќе ни ја вадат маста. Затоа
да го затвориме чекмеџето да не капе за лошите и да почнеме да го полниме од
сопствената пот. Само така можеме посреќно да живееме во 2003 година. И во
неа чекор по чекор ќе дојдеме до целта. Да бидеме богати како што сме добри,
богати и чесни во душата. Неа никој не може да ни ја купи. Затоа мораме на
неа да работиме, а мораме и да ја градиме Македонија. Неа мораме да ја
исчистиме, бидејќи се повеќе мафијашите и другите екстремни шовинисти ни ја
загадуваат. Партал ја прават. Со неа си играат како што сакаат. Затоа, прв
подарок што би сакале да ни се оствари во наредната година е да бидат
казнети - неказнетите. Да бидат фатени и одведени во "уќуматот", а таму
кадијата да им суди и да им просуди долг живот во апсана. Само така можат
многу работи во државава да се средат и да се врати насмевката кај обичниот
паталец. Многу време потрошивме во сплеткарството на македонските политичари.
Чергари не направија и затоа мораме да се соочиме со реалноста која ни
оддалеку не е убава. Чинело не чинело, тоа е. Во овој луд свет се снајдоа
само политичарите, а време е и ние да се подсредиме.
Долго време бевме слепо црево на овој болен организам којшто е нападнат
од опасни вируси. Затоа лекот е во екимот од чиј иљач зависи судбината на
Македонија. Закрепнувањето е долг и макотрпен процес, но е неминовен,
бидејќи многу трутови имаме во кошницава. Нивното елиминирање ќе биде
долготрајно, но се надеваме и ефикасно оти зулумот и хаосот што го направија
во дворот е голем. Тој тешко дека ќе може да се реши со еден потег, но мора
континуирано да се притиска. Затоа од оваа кожа нема бегање. Сите сме "шворц".
Не треба да се помириме со сегашнава судбина. Треба постојано да се имаат
ширум отворени очите и постојано да им се удираат "чврги" на
непринципиелните политичари. Бидејќи, ако се занесат од власта, пак ќе
тргнат по старото. Не дај Боже и оваа гарнитура да е таква. Но, со иста
финта не не лажат. Затоа нека се мислат во 2003 година. За нас треба и мора
да е среќна и бериќетна.