Халими заговара нова војна

Дали ќе има офанзива или не, тоа ќе зависи од радикалните промени што треба да се извршат во државата, во поглед на подобрувањето на положбата на Албанците. Лани имавме војна, а целта беше да се унапредуваат правата на Албанците. За овие 100 дена имаме доста примери дека тие права не одат напред, туку назад што значи треба да има уште една војна, можеби пожестока за да се поправи положбата на Албанците во Македонија, изјави Илјаз Халими, потпретседател на ДПА, коментирајќи ја најавата на западни дипломати дали ќе има нова пролетна офанзива.

Вкупно 8.433 протерани Македонци

Според последните согледувања на Владата, во Македонија како внатрешно раселени лица се уште се водат 8.433 лица, од кои 4.874 лица се уште немаат каде да се вратат, бидејќи домовите не им се реконструирани.

Владата ги очекува ветените средства од Донаторската конференција во Брисел во износ од 50,38 милиони евра, кои се наменети за поправка на домовите на раселените. Тие не можат да се префрлат во Буџетот поради несклучениот договор со ММФ, па дотогаш пари за оваа намена се обезбедуваат од Буџетот на државата, вели Чолаковски.

Владата си го бара џипот од г.г. Стефан

Владата на Република Македонија, како што пишува "Вест", од Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, си ги бара назад двете возила, "мерцедес" и "џип", што Кабинетот на екс-премиерот Георгиевски му ги дал на користење на неодредено време. Иако од Владата ги демантираат ваквите информации, извори од Кабинетот на Поглаварот за "Вест" изјавиле дека г.г. Стефан рекол оти нема ништо против да го исполни барањето, но додал "добро ќе биде Владата да е толку доследна и доблесна и да си го побара и врати украденото 'ауди' од Али Ахмети".

САД бараат дозвола за македонското небо

САД бараат од Македонија дозвола за користење на воздушниот простор при евентуална воена интервенција во Ирак, а одлуката која по се изгледа ќе биде позитивна, Владата ќе ја донесе, најверојатно, оваа или идната недела. Ова е шанса Македонија конечно да побара нешто за возврат од меѓународната заедница, односно конкретно од САД. Но, искуството покажува дека Македонија не ги користи шансите кои & се нудат.

Петковски противкандидат на Црвенковски?

Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Тито Петковски, се уште не знае дали ќе му биде противкандидат на Црвенковски за лидерското место на партијата. На новинарското прашање дали доколку стигне предлог од Централниот одбор тој да се кандидира за лидерската функција ќе го прифати, одговори: Имајте трпение до 24 јануари, па ќе видиме.

Притворен екс-директорот на Геодетскиот завод

На 24 декември на Мирче Ѓорѓовски, поранешен директор на Државниот геодетски завод, истражниот судија во Основниот суд 1 во Скопје, кој го води предметот околу малверзациите во Скопскиот катастар, му одредил мерка притвор од 20 дена во Истражниот затвор во Шутка. Ѓорѓовски е осомничен дека учествувал во фалсификувањето на документите за куќата на Водно која ја градеше екс-премиерот Георгиевски.

Луксузите на Војо

Фондот за здравствено осигурување, како што информираа повеќето медиуми, поради луксузите на Војо Михајловски и набавките на производи по повисоки цени од реалните, само за период од 1 јануари до 15 ноември оваа година, е олеснет за повеќе од 600 милиони денари.

На пример, во 10 организации биле набавени околу 10.000 пара пиџами по цена од 900 до 7.800 денари, кломпи - повеќе од 3.000 пара по цена од 580 до 1.400 денари, свинско месо - 3.800 килограми по цена од 820 денари за килограм, компјутер за 333.000 денари, сирењето по 853 денари за килограм, потоа едно компјутерско глувче по цена од 69.000 денари или печка на струја по цена од 3.403.400 денари итн. Чолаковски не одговори колку изнесува финансиската дупка во Фондот, бидејќи се уште се чека да заврши ревизијата во оваа установа, но најави дека поради ваквите матни зделки Владата ќе побара кривична одговорност.

Државата - должник на фирмите

Стопанствениците во државава велат дека во последниве неколку месеци, особено во периодот по изборите, никој никому не плаќа така што фирмите имаат наталожено огромни побарувања и долгови едни кон други, но не располагаат со доволно парични средства што им се потребни и за исплата на плата на сите вработени. Според неофицијалните информации од бизнис- круговите, како голем должник кон фирмите се јавува државата, што поради огромната дупка во Буџетот во моментов не е во состојба да го исплати поголемиот дел од своите обврски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"