КОМЕНТАР

Македонски плурализам

СТАРИ ИГРАЧИ ЗА НОВО ПОЛУВРЕМЕ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Обидите на официјалните македонски безбедносни ресори да ги минимизираат раздвижувањата на терористичките формации во нестабилните подрачја се разбирливи, затоа што никоја власт на почетокот не ги прикажува околностите во реалните рамки.
  • Локалното население како да го насетува истиот мирис на војната минатата година, па преку одредени анонимни преносни канали предупредува на опасноста која повторно демне.

Шеесетина изминати денови од востановувањето на четвртата владејачка гарнитура. На лаваринтот се уште не му се гледа излезот. Ходниците по кои чекориме се мрачни, неосветлени, исполнети со влага, кал, страшни звуци. Некој намерно не насочува во нив? Ние талкаме барајќи малку топлина и свеж воздух. Но, никој од релевантните не дава гратис. Сака и неопходното за живот скапо да го наплати.

Тежината на животот ги надмина сите тешкотии. Од една страна прегладнет, од друга страна небезбеден, од трета обезвреднет. Така живее денес македонскиот човек. Добро е што се уште е македонски - ќе речат напатените, добро е што се уште се држи и тврдоглаво не попушта пред предизвиците на новото време. Не попушта затоа што очекува работите да тргнат на подобро, барем малку да се помрдне бродот-танкер натоварен со проблеми од сите видови. Очекува од институциите, од луѓето во нив на кои им се даде довербата на есенските избори.

НАРОДОТ ЧЕКА!

Поставата на Црвенковски веќе не е нова, нема да & се остави временски простор за да ги консолидира редовите па да почне да работи. Стартот на работите во доменот на антикорупциските и антикриминалните активности досега, мора да се признае, даде одредени резултати. Радикалните мерки на судските органи кои завршија со притворање на неколку осомничени узурпатори на службените позиции даваат надеж дека враќањето на правната држава е на повидок. Темпото мора да се задржи исто доколку се сака опстојување на ставот за целосна разврска на замрсените криминогени случаи. Нештата во таа сфера течат онака како што на почетокот на овој владејачки циклус очекуваа народните маси, стечајните работници, пропаднатите земјоделци и административци, уништената младина. Затоа многу поголемо внимание и многу поголем притисок на јавноста врз власта треба да се изврши во рамките на безбедносната сфера и меѓуетничките корелации. Таму работите и по уставните промени и по преземените отстапки не стојат како што треба. Имплементацијата на Рамковниот договор е доведена во прашање. Се повлекуваат дел од потписниците и не сакаат да учествуваат во дејанијата на како што велат "комунистичко-балистичкиот терор" врз видни опозиционери. И однадвор и одвнатре многупати досега ни повторуваа колку охридскиот Договор е од пресудно значење за опстојувањето на државата. Сега процесите се сопираат и & се оставаат само на обемната владејачка коалиција која треба да ја сноси одговорноста од спроведувањето на постапките. Дуализмот продолжува и се заострува. Опозицијата комотно се однесува во просторот кој е одреден за неа удирајќи врз плеќите на социјалдемократските структури од двете провинции со обиди по којзнае кој пат да им докаже на македонските граѓани дека тие се патриотите, а оние од спротива предавниците и егзекуторите на македонштината.

Во сета оваа новонастаната констелација може да се констатира дека и опозицијата и власта се наоѓаат во незавидна ситуација. Експозитурата на Георгиевски не само што се најде под налетот на судските власти на Црвенковски, туку сега ризикува и нов меѓународен притисок за останување на позициите на Рамковниот договор. Во спротивно, на најголемата опозициона партија кај нас & се заканува политичка ликвидација за обезвреднување на нејзиното значење на политичката сцена. Барем така се пожалија гласноговорниците на Георгиевски.

Од друга страна, пак, владејачката коалиција, иако многучлена, сепак е оставена самата да ја понесе одговорноста од спроведувањето на реформите зацртани со уставните промени. И работите би оделе вака: меѓународната заедница ќе притиска за што побрзо имплементирање на ветеното, а опозицијата ќе го радикализира своето членство и незадоволните народни маси за да покаже дека она што го прави власта е спротивно на националните и државните интереси. Тоа јасно се покажува и со недвосмисленото предупредување на потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, дека доколу се продолжи со темпото на застрашување на членството од страна на новопоставените институционални структури, тогаш партиската номенклатура нема да била во можност да ги контролира неговите реакции. Каде би не водело сето ова?

На ваквата можна и извесна радикализација на внатрешните состојби во државата се надоврзуваат и најавите за почеток на нов нестабилен период во кризните региони кои, исто како и опозицијата со македонски предзнак, ќе ги осоколат радикалните албански елементи за елиминирање на Рамковниот договор, но со разлика што тој е премалку за албанските потреби. Обидите на официјалните македонски безбедносни ресори да ги минимизираат раздвижувањата на терористичките формации во нестабилните подрачја се разбирливи затоа што никоја власт на почетокот не ги прикажува околностите во реалните рамки. Обидите и на меѓународните претставници во земјава да ги спуштат топките и да ги ублажат реториките на балканските и западноевроските аналитичари, стратези и разузнувачи се разбирливи, бидејќи немаат веќе ниту сили, ниту идеи за да се справат со се уште постоечките терористички групи низ целиот јужен Балкан. Сепак, меките и оптимистички тонови на официјалните установи можат да се разберат само како затскривање на вистинската слика од очите на јавноста на идентичен начин како и нивните претходници кои ништо, ама апсолутно ништо не гледаа што се случува на теренот во северозападниот граничен појас. Или не сакаат да гледаат.

БАЛКАН СО НОВИ ГРАНИЦИ!?

А, денес нештата на теренот, според добро потврдените и домашни и меѓународни разузнавачки центри, стојат вака. Терористичките групи составени од криминогени структури од Јужно Косово, Јужна Србија и Северна Македонија, збогатени со остатоци од меѓународен исламски - фундаменталистички калибар се стационирани во кумановско-липковскиот регион. Станува збор за најнова единица на муџахедините во Македонија формирана на 15 октомври 2002 година во селото Слупчане, Кумановско, и е именувана како "Р.Иљази". Во неа членуваат исламски теолози - оџи, актуелни студенти и криминалци недофатни за органите на прогонот. На оваа се надоврзува и едницата на муџахедните "Скендербег" во Липково која се подготувува како уште еден ешалон за дејства против регуларните сили на МВР и одбраната. И нејзиниот состав е сличен со оној на "Р.Иљази" со таа разлика што "Скендербег" во своите редови има лица кои негуваат посебни врски со сомнителни структури во Јордан, Саудиска Арабија, Босна и Херцеговина и други земји со мнозинско муслиманско население. Нивното раздвижување во липковскиот регион во моментов е можеби незабележливо за кревките мешани политички групи на МВР, но тоа не значи дека тие не се присутни таму. Локалното население како да го насетува истиот мирис на војната во минатата година, па преку одредени анонимни преносни канали предупредува на опасноста која повторно демне. Сепак, теренското поставување на работите на овие две единици нема да биде толку успешно без соодветна логистичка помош и поддршка од соодветни наводно хуманитарни орагнизации и шпионски центри на странски земји, широко распоространети во речиси сите сегменти и пори во државата. Сето тоа значи дека поголемиот дел од функционерите во извршната и законодавната власт, како и повисоките структури во безбедносните ресори се активно следени во преземањето на чекорите и постапките водени во насока на стабилизирање на земјата. Службите на државната безбедност и контраразузнување добро оперираат со овие податоци. Само прашање е колку истите ќе бидат подготвени да ги искористат во процесот на елиминирање на опасностите кои ги продуцираат ветераните од балканските и блискоисточните војни. Разузнувачките служби на арапските земји и онаа на нашиот западен сосед тенденциозно ги шират мрежите на распространетост на овие простори со активна меѓусебна соработка и размена на информации. Агентурата солидно оперира во македонскиот северозапад користејќи ги податоците од локалното население како свидетел на секојдневните случувања. И она што е посебно загрижувачко, на шпионите, барем досега, никој не им се испречува на патот. Или некој само ги регистрира. Успешно собраните оперативни сознанија агентите на нашите "пријатели" ги доставуваат во нивните центри стационирани во соседните земји.

Редоследот би одел вака: базата за Кичево и неговата околина е Подградец, за Дебар е Пешкопеја, додека податоците за струшкиот регион одат во Тирана, тетовските случувања се регистрираат во Приштина, кумановските во Букурешт, сознанијата за скопскиот регион се доставуваат во центарот на албанската разузнувачка служба со седиште во Софија. На ова се надоврзува и следнава информација: Во Романија е основан клуб на албанските студенти од Косово и Република Македонија под покровителство на Тирана кој го носи името "Бајрам Цури" со солидна финансиска поддршка на неколку познати и еминентни политички личности од меѓународен калибар. Клубот треба да ги консолидира редовите на новопечените интелектуалци во пропагирањето на идејата за неопходно создавање големоалбанска држава доколку се сака мир на Полуостровот.

И што да се коментира и анализира по сето ова? Се е излишно, банално, веќе видено. Сознанијата и податоците сами говорат. Интерпретацијата на гласноговорниците на органите на домашната власт и оние на меѓународните институции дека станува збор за неорганизирани и финансиски непоткрепени банди кои самите себеси се залажуваат дека би го повториле филмот од лани, е обид да не му се даде посериозно значење на процесот. Можеби дипломатско оправдливо, но само во случај доколку овластените со замижување пред јавноста се справат со "малубројните" сејачи на страв и крв. Бучковски и Костов забрзано ги осовременуваат и реформираат своите безбедносни сили кои не само што треба да му се допаднат на Робертсон и да бидат компатибилни со стандардите на Северноатлантската алијанса, туку треба да дадат и конкретни резултати со стопроцентен успех, далеку понапреден од оној од минатата година.

Актуелните моменти и случувања налагаат итно забрзување на започнатите реформи без одложување, бидејќи секое пасивно и бавно одвивање на активностите би можело да биде искористено од единиците кои се уште се непознаница за официјалните институции. Очигледно е дека балканските драми се уште живеат во светлината на случувањата од минатиот век. Ниту меѓународниот фактор, ниту неколкуте републики на овие простори не најдоа или не сакаа да најдат модел кој еднаш засекогаш ќе ги дефинира позициите на народите и на националните малцинства. Од револуции за права на "загрозените" и обесправените малцинства полека се пристапува кон разработка на планови за територијални права на заедниците по чист етнички принцип. Тоа веројатно ќе биде последната епизода од крвавиот виор во кој десет години се дават Балканците. Балкан без граници или Балкан со нови граници? Браздите се уште ни ги делат нивите. Некој сака и на нив да стави колци и пирамиди.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"