итам и ми се бендисуваат форумот
и писмата во нашиот весник, иако има читатели кои премногу емотивно
реагираат и во занесот да ја одбранат Македонија употребуваат силни зборови.
Меѓутоа, си велам, а како се брани татковината, ако не со силни зборови
искажани од срце!?
Всушност, ние читателите и не ја браниме Македонија, туку повикуваме тие
што се должни да ја одбранат... Пред некој ден во една ретка прилика со умни
луѓе се отвори тема на разговор "Израел и Албанија".

Разговорот не беше ниту продлабочен, ниту продуховен, ами многу
прагматичен: што се случува во Израел и Албанија кога државите им се пред
голем испит? Погледнете ги последните влади на Израел и Албанија. Во нивниот
состав покрај актуелниот има најмалку по еден, а во една од нив дури двајца,
односно тројца екс-премиери!
Зошто се обединуваат необединетите кои во нормални околности се готови да
си ги "извадат очите" за да дојдат на власт, но во ненормални ги закопуваат
сите секири и заеднички работат за доброто на својата земја. Ај Израел, ама
замислете тоа го прави една Албанија со Пандели Мајко и со другите обединети
околу Фатос Нано!
Што ние правиме овде во Македонија? И во нормални и во ненормални
околности се однесуваме како "тетка да ни е Америка, вујна - Русија"... Од
никого да немаш страв, а да се плашиш најмногу од "блискиот свој". Да ги
поедноставам работите: се сеќавате кога прв пат Бранко беше премиер, Љубчо
не само што не влезе во владата, туку избега и од Парламентот. Кога Љубчо
стана премиер, Бранко просто "загина", го немаше никаде!
Добро ќе забележи некој ревносен аналитичар и ќе каже дека тогаш се беше
ОК и дека немаше потреба од обединување на лутиот македонски политички
корпус. Да, ама уште "пред да изгрее сонцето јасновидците го најавуваат
денот". Знаете што ни "претскажаа" ериниите кога го избиравме Борис
Трајковски!?
И тоа нека не биде важно! Што се случува сега? Реприза на катастрофата.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му даде поддршка на лидерот на партијата
Георгиевски да не учествува на лидерската средба, а премиерот пак Бранко
Црвенковски порача: "... И со ВМРО-ДПМНЕ и без ВМРО-ДПМНЕ, Рамковниот
договор ќе се применува!".
Тој што ја познава македонската психологија и нашиот инает, кој треба да
биде патентиран како "Маде Македонско", ништо не го изненадува. Затоа
Македонија ќе си остане каква што си била пред Турците, со Турците и по
Турците... Ама едно треба да ни биде јасно и чисто: Нас Македонците се
помалку не има!
Огнот овде е запален и силно гори, кој како сака нека мисли. Секаде во
оној "палежен" Западен Балкан, домашниот бруто производ расте, само во
Македонија бележи негативен економски пораст од минус 4,1 посто. Тоа не е
неважен податок, а причините ги знаат и врапчињата.
Да се вратам на Шарон и Нетанјаху, на Нано и Пандели Мајко... Тие не
расправаат кој ќе го егзекутира Израел или Албанија, туку како да се спречи
- егзекуцијата. Во теориските расправи, нам на Македонците полни ни се
устите со Македонија. Тие што не слушаат однадвор си велат: "...Види мајката,
овие какви патриоти се. Ирците не им се рамни!".
Зрелоста е врв на мудроста што треба да ја демонстрираат политичарите на
една земја. Светот е полн со убави и лоши примери токму од оваа природа.
Бранко е чесен, ама и горд човек. Велат со гордоста треба - внимателно... Да
сум јас на негово место, гордоста би ја оставил зад врата, и на Љубчо би му
понудил да бира место во Владата!