ПОЛИТИКА

АНА повторно се заканува

МОРЗЕОВ КОД ЗА "БУРНА АЛБАНСКА ПРОЛЕТ"!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • АНА им порача на македонските полицајци од кумановскиот кризен регион дека на пролет "ќе се сретнат со нив". Тоа е опасна порака која укажува дека албанскиот национален вулкан во секој момент може да еруптира.
  • Можеби засега етнички мешаните патроли немаат некои проблеми во извршувањето на своите работни задачи и активности. Но, затоа заканите не се наивни, туку лоши предвесници.

Припадниците на таканаречената Албанскатанационална армија (АНА), новото галеничеили милениче на Албанците во Македонија и на Косово, повторно се огласија. Т.н. АНА се закани дека набргу ќе преземе нови акции за довршување на идејата за создавање "Голема Албанија", односно "Големо Косово".

Колку и да звучи сувопарно нивната заложба, сепак информацијата мора да се сфати како сериозна закана по интегритетот на Република Македонија. Таа својата моќ ја покажа на неколку пати, но и извлече поука дека мора да го урне митот и популарноста на ОНА за да успее да го интегрира албанскиот потенцијал во земјава. Без поцелосна поддршка на Албанците во Македонија таа нема да се чувствува силна дека може да ја реализира зацртаната цел. Во меѓувреме очигледно добро ја научи лекцијата и привремено ја затаи својата артикулација на теренот, но продолжи да го гради сопственото ткиво така што организациски зајакна. Останува само неодговорено прашањето - дали АНА всушност е проформа на една иста организација или групација на луѓе кои истрајно работат на остварувањето на сценариото. Тоа зависи од нивната волја, но и од лоби-групите што работат во странство. Од нивната работа зависи надградувањето, но и продожувањето на процесот на разградување на институциите на системот во државава.

СЕРИОЗЕН СИГНАЛ

Очигледно, токму тука сега се кршат копјата, но и се намалуваат шансите за остварување на големата идеја. Имено, Западот, односно Америка, во моментов не е заинтересирана за поголемо влијание на Балканот и затоа не дозволуваат да се рашират крилјата на АНА. Меѓутоа, екстремните елементи на Албанците во Македонија и на Косово немаат повеќе време за чекање. Тоа неодамна го најавија некои косовски политичари кои потенцираа дека статусот на Косово мора да се реши во периодот 2003 - 2005 година. Ако овој предвесник, мал ултиматум, не го сфатија македонските политичари, тогаш навистина мора да се подзамислат, дали умеат да читаат меѓу редови. Такво нешто им беше протнато на свеченоста на примопредавањето на мандатот на т.н. мисија "Сојузничка хармонија". Дипломатскиот инцидент не е никаков кикс на "пониските структури на НАТО". Инволвираноста на албанската машинерија во Алијансата е длабока, а таа во последниве десетина години се поклопува со интересите на меѓународните моќници. Затоа овој дипломатски хир не може да биде преседан, односно утка. Тоа е осмислен атак врз македонското национално битие, односно обид да се испита пулсот за разнебитување на Република Македонија.

Во прилог на ова одат многу фактори - од општата хаотична безбедносна ситуација до разединетоста на македонскиот политички фактор. Затоа дури сега ќе престојат мошне сериозни инциденти кои ќе се обидат да ја уништат Македонија и да го дестабилизираат регионот. Пораката што неодамна припадниците на АНА ја упатија до македонската полиција и до јавноста, дека се стационирани во липковскиот регион, не е солена шега, туку сериозен сигнал до владејачката политичка гарнитура. Овие информации кои, иако се уште се во доменот на шпекулациите, сепак имаат одредена тежина. Не џабе терористите на АНА им порачале на македонските полицајци што патролираат во кумановскиот кризен регион дека напролет "ќе се сретнат со нив". Тоа не е морзеов код, туку албански национален вулкан што во секој момент може да еруптира. Можеби засега етнички мешаните патроли немаат некои проблеми во извршувањето на своите работни задачи и активности. Но, затоа заканите упатени до нив не се наивни, туку лоши предвесници за "бурната пролет". Ако старо-новиот портпарол на Министерството за одбрана, Марјан Ѓуровски, беше стамен и "кул" во своите изјави на прес-конференцијата дека македонската Армија во соработка со КФОР регистрирала одредени раздвижувања во задграничниот простор на македонско-југословенската граница во делот кон Косово и дека не треба да се тревожиме, тогаш би требало да извлечеме заклучок дека се е под контрола.

Во кумановско-липковскиот регион нема сериозни обиди за дестабилизирање на безбедноста. Во задграничниот простор на македонско-југословенската граница во делот кон Косово има одредени раздвижувања. Во координација со КФОР граничните единици на АРМ будно ја следат состојбата, која засега е стабилна, изјави Ѓуровски. Но, каде ќе ни е "алот" ако вака постојано ја анализираме безбедносната ситуација. Што значат пораките на Интернет-страницата на АНА?

Новата 2003 година ќе биде историска за Албанците затоа што ќе ја одбележи решавачката фаза за обединување на албанските етнички територии во национална албанска држава на Балканот, се вели во новогодишната порака до "читателите и посматрачите" во Македонија што ја потпишале извесен Албан Вјоса, кој се јавува во улога на политички секретар, и од Валдет Вардари кој се именува како претседател на оваа организација. Политичкиот секретар на т.н. АНА, Албан Вјоса, тврди дека од 12 јули 2002 година досега биле регрутирани 3.000 борци.

Ситуацијата е експлозивна, но ние ќе ја контролираме подобро во иднина и бидете сигурни дека огнот во БЈРМ ќе биде скоро, се вели во предупредувачкиот проглас на т.н. АНА.Според приштинскиот весник "Коха диторе", АНА планира да почне нова војна во Македонија. Весникот тврди дека АНА во моментов се организира и бара логистичка и друга поддршка од Албанците во Македонија. Во написот се наведуваат и други аргументи што одат во прилог на овие тврдења. Затоа најавите не се убава вест за новогодишните празници, туку се сигнал за македонските разузнувачки и безбедносни структури кои се наоѓаат во слична ситуација како што беа и пред настаните во Танушевци. Трансформацијата на АРМ и на полицијата не одат во прилог на лошата безбедноста ситуација, но и предупредуваат дека крајно време е соодветно да се одговори на заканите, односно огнот да се угасне на самиот почеток.

АЛБАНСКИ ТЕРИТОРИИ

За оваа терористичката организација (АНА) се врзуваат најкрвавите настани од минатогодишната криза - Карпалак и селото Љуботен на Скопска Црна Гора. Подмолните убиства на десетте македонски војници кај Групчин и подметнувањето на мините на Скопска Црна Гора беа поврзани со групата албански терористи што ги командуваше дрвосечачот, Џавид Асани. Оваа група, за време на преговорите за Рамковниот договор и по него, не го признаваше командантот на ОНА, Г'зим Острени. Таа дејствуваше самостојно и ја уживаше поддршката на т.н. Албанска национална армија (АНА). Крајна цел на оваа организација е создавање "Големо Косово", потенцираа полициски извори по повод нејзиното јавување и дејствување на теренот на Македонија. Во едно од соопштенијата на самонаречената АНА, испратено по електронска пошта до редакциите на неколкуте медиуми на албански јазик на Косово, се нагласуваше дека нејзините членови и припадници на т.н. ОНА го извршиле нападот "како одмазда за убиството на петте члена на ОНА во Скопје од страна на македонските безбедносни сили". Ова соопштение се поврзува на ликвидацијата на групата на командант Тели во скопската населба Чаир.

Истовремено оваа екстремистичка организација се закануваше дека ќе ги продолжи вооружените активности и оти нема да признае никаков политички договор што би го постигнале лидерите на албанските и на македонските политички партии. Тогаш македонските разузнавачки извори проценуваа дека не постои никаква суштествена разлика помеѓу АНА, ОНА, ОВПМБ и ОВК и дека активирањето на оваа паравоена формација на екстремните Албанци е форма за продолжување на вооружените терористички дејства заради исполнување на големоалбанската идеја за формирање единствена држава што ќе ги опфати сите подрачја населени со Албанци во регионот.

АНА за првпат се промовира во јавноста откако ја презеде одговорноста за нападот извршен во селото Муховец во Јужна Србија, каде што беа убиени тројца припадници на МВР на Србија, а еден припадник беше повреден. Во соопштението беше нагласено дека војните во т.н. "албански територии", Косово, Јужна Морава, Илирида и Чемерија не се завршени и дека ќе продолжат се до формирањето на една обединета Албанија. Таа по потпишувањето на Рамковниот документ ги повика сите Албанци на војна за обединување во една држава. Командата на таканаречената АНА им нареди на своите команданти да се поврзат со сите структури од ОНА што не се согласуваат со "охридскиот Договор" и жестоко да ги напаѓаат сите позиции на македонските безбедносни сили.

Главниот штаб на АНА им нареди на командантите на елитните единици да остварат тесни врски со сите структури на ОНА што не се согласуваат со договорот од Охрид потпишан од предавничката тројка Ахмети - Џафери - Имери, беше потенцирано во соопштението на оваа албанска паравојска, објавено на Интернет. Таканаречениот штаб на АНА им нареди на своите команданти "со молскавични акции насекаде да ги напаѓаат - како што се наведуваше во соопштението - воено-полициските формации на злосторничкиот славомакедонски непријател и славомакедонските воено-полициски пунктови". Наредбата беше потпишана од самонаречениот генерал-мајор на Врховниот штаб на АНА, со псевдоним Шарски Орел и политичкиот комесар, Ваљон Фљамури. Главниот штаб на оваа албанска паравојска, пред близу една година, на тајниот состанок во Скопје, не го призна мировниот Договор од Охрид.

Главниот штаб на АНА едногласно реши на состанокот одржан во Скопје, јавно да соопшти дека АНА не го признава Договорот од Охрид што го потпишаа некои претставници на Албанците и Словените во Македонија, беше потенцирано во соопштението на оваа организација што беше доставено до агенцијата "Франс прес" во Приштина. Во соопштението се наведуваше оти "штабот на АНА е сигурен дека тој договор не одговара на главните барања на Албанците и дека уште еднаш потврдува дека Албанците немаат ништо заедничко со Македонија". Оваа паравоена организација ги повика сите Албанци да се "борат за обединување со другите делови на татковината" кои, како што се потенцираше во прогласот, "пред сто години ги поделиле предците на европските политичари, а со верификацијата на Рамковниот документ во Скопје се гаранти на новиот договор за робовладетелство". Ако европските политичари сметаат дека треба да се жртвуваат чувствата на осум милиони Албанци за 800.000 словенски Македонци да имаат своја држава, се лажат. Албанците имаат право да живеат заедно на својот историски, географски и етнички простор и АНА ќе биде предводник во војната за национално ослободување, се наведуваше во прогласот на оваа паравоена организација.Тогашниот висок претставник на КФОР во Македонија, генерал-мајорот Гунар Ланге, по повод акцијата за собирање на оружјето наречена "Неопходна жетва", оцени: Оружјето ќе се собира само од вооружените формации што се под контрола на таканаречената ОНА, а не и од другите вооружени групи на Албанците во Македонија.

Тогаш Албанската национална армија (АНА) од КФОР побара да не ги вклучува припадниците на меѓународните сили од словенските земји во своите единици во јужниот дел на Косово, по должината на македонско-југословенската граница. Во соопштението, потпишано од "шефот на генералштабот" на т.н. АНА, "Шарски Орел", од КФОР се бара да ги повлече сите словенски војници, пред се Украинците, од "зоната во која дејствува АНА", со образложение дека тие "намерно ги провоцираат" единиците на оваа паравоена групација

Албанските терористи во Македонија нема да го предадат оружјето и ќе продолжат да се борат за освојување територии во западниот дел од земјава, за нивно отцепување и за формирање на таканаречената "Голема Албанија", тврдеа странски разузнувачки извори. Тоа и се оствари, бидејќи во Република Македонија ништо не е сменето. Од тогаш до денес се натрупува оружје, а се зголеми и интензитетот на притисокот за протерување на Македонците од своите одгништа. Оваа организација не згасна, туку длабоко се инволвира во македонското општество. Затоа претставува голема закана за опстанокот на нашата држава.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"