ПОЛИТИКА

Задоцнета реакција за албанскиот галоп во Парламентот

ФИЈАСКО НА МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Политичарите од македонскиот блок попусто креваат прашина околу употребата на албанскиот јазик. Ним сега им пречи тоа што Албанците во Парламентот се обраќаат на својот јазик. За тоа требаше да мислат пред да го изгласаат Рамковниот договор и пред да го сменат Уставот и Деловникот во Собранието на Република Македонија.
  • За разлика од обичните граѓани, за актуелната владејачка гарнитура, појавувањето на Ахмети во Парламентот, не претставуваше проблем. Напротив, за нив Али Ахмети има легален верификуван мандат.
  • Македонските претставници на власта не само што не сакаат да го притворат Ахмети и да го стават зад решетки, туку тие се подготвени него да го симнат и од црната листа на Буш.

Али Ахмети, поранешен командант на терористичката ОНА и лидер на Демократската унија за интеграција на19 декември за првпат се појави во законодавниот дом на Македонија. Неговото појавување беше главна атракција, небаре во Парламентот влегол Господ, или пак како да станува збор за некоја филмска ѕвезда, а не за криминалец, терорист и воен злосторник.

Иако во центарот на вниманието требаше да биде годишното обраќање на претседателот Трајковски, главна "ѕвезда" беше токму Ахмети, човекот по чијашто наредба загинаа околу осумдесетина македонски бранители. Токму овој човек, главниот виновник за минатогодишното крваво сценарио, денес е среќен што имал можност да присуствува на седницата на која се обрати Трајковски. Парадокс е што човекот кој се наоѓа на црната листа на Буш ќе се грижи за мирот и безбедноста во државава.

Главната "ѕвезда" во законодавниот дом - Али Ахмети

Јас лично, но и партијата што ја претставувам, Демократската унија за интеграција, сме одлучни да учествуваме во процесот на создавање мир, стабилност и социјална благосостојба во Македонија за сите нејзини граѓани. Ние сме одлучни да учествуваме во работата на овој Парламент со тоа што ќе решаваме, а нема да создаваме проблеми, ќе ги зближиме, а не да ги оддалечиме заедниците и сите заедно да придонесуваме за демократијата и за доброто на сите граѓани, изјави Ахмети.

Иако поранешниот терорист Ахмети потенцира дека дошол за да ја искаже неговата почит кон Трајковски, се поставува прашањето дали тој воопшто има некаква почит и совест. Ако неа барем малку ја имаше, немаше воопшто да се појавува во јавноста или пак да влегува во власта. Неговата изјава дека нема да претставува проблем нивното учество во работата на Парламентот, не се совпаѓа со одговорот на прашањето за резултатите од Пописот во врска со бројот на Албанците во Македонија.

Секако дека нема да биде прашање дали се 19 или 20 отсто, дилемата ќе биде дали се тоа 30 отсто од населението. Не можеме да зборуваме за нешто ако претходно не ги видиме резултатите, изјави Ахмети на новинарското прашање дали би ги прифатиле резултатите од Пописот доколку тие покажат дека во Македонија има помалку од 20 отсто Албанци.

Шпекулациите велат дека тие не ја добиле бараната бројка, поради што се оправдани стравувањата дека ќе имаме нови проблеми.

ЦРНА ЛИСТА

За разлика од обичните граѓани, за актуелната владејачка гарнитура, појавувањето на Ахмети во Парламентот не претставуваше проблем, бидејќи за нив, Али Ахмети има легален верификуван мандат.

Македонските политичари не само што не сакаат да го заробат Ахмети и да го стават зад решетки, туку тие се подготвени него да го симнат и од црната листа на Буш. Дури и како што објавија некои македонски медиуми, македонската министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, за време на неодамнешниот престој во Вашингтон направила дипломатски гаф со тоа што дала "рецепт" како американската администрација може да го симне Али Ахмети од "црната листа" на Буш. Според дипломатите, гафот е направен кога Митрева одговарала на прашање по нејзиното обраќање во вашингтонскиот Институт за мир. Нејзе тогаш & било поставено прашањето за можноста македонската Влада да побара од американските власти да го симнат Ахмети од црната листа, бидејќи тој практично е во власта. Нејзиниот одговор бил дека "тоа е работа на Владата на САД". Но, одговорот, како што информираа некои медиуми, не завршил со таа јасна констатација, па Митрева ги потсетила домаќините дека и Швајцарија сакала да го покани Ахмети на конференцијата во Луцерн, па се решила за привремено укинување на забраната за Ахмети. Ваквото потсетување од Митрева дипломатите го толкуваат како "непотребно залетување", бидејќи никој не барал од неа совет што да прават Американците.

ЈАЗИЧЕН СПОР?!

Од друга страна, албанските политичари веќе на големо почнаа да си го применуваат албанскиот јазик во Парламентот. Македонската јавност е против ваквото однесување на албанските претставници на власта. Но, македонските политичари попусто креваат прашина. Тие заборавија дека со тоа што го изгласаа Рамковниот договор, го сменија Уставот и Деловникот во Парламентот, им дозволија на Албанците да прават ама буквално се што сакаат. Македонските парламентарци сега не се снаоѓаат добро со слушалките во Собранието. Но, за тоа требаше да мислат пред да го изгласаат охридскиот Договор.

Теута и Ахмети ќе се грижат за безбедноста на РМ?!

На македонските политичари сега им пречи тоа што Албанците сакаат да ги водат седниците на парламентарните комисии на албански јазик. Препукувањата дали треба или не Албанците да ги водат седниците на својот јазик започнаа кога Аднан Јашари, претседател на собраниската комисија за економски прашања и пратеник од Демократската унија за интеграција, ја почна седницата на албански јазик. Пратениците неалбанци се побунија. На претседавачот не му беше јасно на кој јазик треба да ја води седницата на која требаше да се расправа за измените на Законот за трговски друштва, па ја прекина. Истото се случи и кога претседателот на Комисијата за надворешна политика, Теута Арифи, инсистираше седницата да ја води на албански јазик. Седницата беше прекината поради несогласувањето на македонските членови. Арифи изјави дека сепак ќе ја почитува волјата на мнозинството да се одложи седницата и да се чека толкување од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, како релевантна Комисија која се занимава со прашања и од областа на Деловникот.

Во членот 3 од новиот Деловник на Собранието на РМ пишува: "Пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Р. Македонија може на седницата на Собранието и на седницата на работното тело да зборуваат на тој јазик". Бездруго и комисиите се работни тела на Собранието!

За Теута Арифи правото на користење на јазикот на заедницата со 20 проценти е право што може да се користи и на работните тела и во текот на седниците на Парламентот.

Воопшто не е потребно тоа да се проблематизира. Се работи за нов тренд, секако дека не е лесно да се создаде навика на користење на други јазици, за што очигледно треба малку време. Сепак, не треба да се губи време за поситни работи, кога пред нас се покрупни работи, рече Арифи. Ќе го почитувам Деловникот и моето деловничко право да ја водам седницата на мојот мајчин јазик, рече таа додавајќи дека Деловникот ја регулира употребата на јазикот, а не водењето на седницата.

ПРЕПУКУВАЊА

Неалбанските пратеници се побунија за ваквите како што ги нарекоа "политички спектакли" од работата на работните тела на Собранието, нагласувајќи дека комисиите треба да бидат водени на македонски јазик и притоа да се користат документи на македонското кирилско писмо.

Игор Ивановски од СДСМ смета дека не треба да се прават "политички спектакли" од работата на работните тела на Собранието. Според него, треба да се расчисти дуализмот во користењето на албанскиот јазик кога претседавачот ја води комисијата или сака да земе збор во својство на пратеник.

Комисиите треба да бидат водени на македонски јазик и притоа ќе се користат документи на македонското кирилско писмо. Сите други членови, вклучително и претседавачот на работното тело, но само во својство на пратеник или само како член на комисија, можат да го користат албанскиот јазик, истакна Ивановски.

Според првиот парламентарец, Поповски, пратениците можат во Парламентот и во комисиите да се обратат на јазик што го говорат повеќе од 20 проценти од пратениците. Спикерот вели дека водењето на седниците на работните тела ќе предизвика сериозни технички проблеми во поглед на собраниската документација и пишаните материјали кои, во согласност со Уставот, се само на македонски јазик и кирилското писмо.

Колку за потсетување, инцидентите со употребата на албанскиот јазик почнаа уште со конституирањето на новиот состав на Парламентот. Првиот инцидент се случи на свечената седница за изборот на пратеници. Иако Албанците најавија дека на свечената седница нема да зборуваат албански, тие го искористија своето право, па во Собранието отсуствуваше симултан превод. Во собраниската сала немаше ниту преведувачи, а на пратеничките клупи немаше слушалки по што тогашниот претседавач Стојан Андов рече дека ова било свечена седница, но "штом се инсистира, тогаш нека донесат слушалки", прекинувајќи ја седницата со пауза од петнаесетина минути.

Албанците не се задоволни што можат само на собраниската говорница да зборуваат на својот мајчин јазик. Тие сметаат дека "соодветно на уставните измени" треба да им се овозможи на малите екрани да се слушаат оригиналните обраќања на тие што ги застапуваат во Парламентот, а не да се емитува симултаниот превод на македонски јазик. Неодамна портпаролот на ДУИ, Агрон Буџаку, изјави дека во партијата немаат став за тие прашања, но тој лично смета дека би било добро третата програма на МТВ да ги пренесува оригиналните обраќања на пратениците. Во Македонската радио-телевизија велат дека тоа е неизводливо.

Покрај ова, Албанците побараа превод на албански јазик и на заедничките седници на НАТО, ОБСЕ и ЕУ. Тројцата претставници на меѓународните заедници изјавија дека немаат намера да внесуваат промени во организирањето на своите заеднички прес-конференции и да воведуваат превод на албански јазик. Ставот на трите меѓународни организации е дека македонскиот јазик е официјален и нема потреба за политизирање на прашањето со преводот на албански на прес-конференциите, но неодамнешниот инцидент со "Килибарните лисици" потврдува дека не ќе да е така. За жал, само прашање на време е кога Албанците ќе го добијат и ова право. И пак за жал, сакале ние или не, треба да ја сркаме чорбата што ни ја подготвија потписниците на Рамковниот договор, односно полека да се навикнуваме на албанскиот јазик, а подоцна можеби и задолжително да го изучуваме во училиштата?!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"