ајголемата опозициона партија во
државава, ВМРО-ДПМНЕ, уште со конституирањето на новиот состав на
Парламентот, се промовира како жестока опозиција, критикувајќи ги сите
потези на актуелната власт, нарекувајќи ги како комунистичко-балистички
методи. Иако ВМРО- ДПМНЕ предупреди дека актуелната власт врши упади, закани,
приведувања, малтретирања, отпуштања од работа на илјадници луѓе, заборави
дека и таа додека беше на власт го правеше истото. Вработувања по партиска
книшка, делење на отказни решенија за оние кои не ја сакаат партијата на "војводата"
Георгиевски, сомнителни приватизации, купување ранчови итн., беа методите на
екс-владата на Георгиевски. Оваа партија малку задоцни со патриотизмот. Или,
пак, ја доби пораката на народот, се сети на грешките што ги правеше додека
владееше, па сега бара прошка за своите гревови и враќање во власта.
Партијата во изминатите четири години имаше пропусти и грешки, состојбите
се анализираат и пред Конгресот на партијата ќе има пресек на работењето. Ги
добивме пораките од народот и ќе извлечеме поука. Резултатите од изборниот
пораз се прифатени, но планираме повторно да победиме на наредните избори,
истакна Влатко Ѓорчев, на Централниот комитет на партијата одржан на 22
декември.

Најголемата опозициона партија доцна сфати дека "секој терор раѓа друг
терор, а дека на секое насилство му се спротивставува друго насилство" и
порача дека ќе даде жесток отпор на, како што велат од оваа партија, "теророт
и насилството што ги врши комунистичко-балистичка коалиција", кои според
ВМРО-ДПМНЕ неминовно ќе доведат до дестабилизирање на севкупната безбедносна
состојба.
Комунистичко-балистичката власт, освен тоа, покажува и тенденција за
реставрирање на тоталитарен систем во кој се владее со терор и насилство врз
народот. И порачуваме на власта и на сите оние што посакуваат разнебитување
на Република Македонија и уништување на македонскиот народ да се откажат,
оти цената ќе биде превисока за сите. ВМРО-ДПМНЕ останува најрешителна во
заштитата на својот народ и на државата и јасно укажува дека сме подготвени
за големи жртви, се вели во заклучоци на Декларација на ВМРО- ДПМНЕ,
против загрозувањето на политичкиот плурализам, демократијата и човековите
права и слободи, која беше усвоена на највисокиот орган на оваа партија.
ОБВИНУВАЊА
Многу опасна игра е кога партија што има најмало морално право, како СДСМ,
се прикажува како борец против криминалот и корупцијата. Токму нивните
функционери се најкорумпираниот дел од општеството. Нашата определба да
дејствуваме како конструктивна опозиција не наиде на соодветен одговор на
власта. СДСМ го втемелува политичкиот реваншизам, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа партија смета дека инсистирањето на власта партијата, лавовите и
резервистите да се прикажат како криминалци е доказ дека СДСМ работи
партнерски со претставниците на ОНА за разнебитување на македонската држава.
Албанските терористи веќе ги сметаат за освоени Тетово, Гостивар и Дебар.
Следни на удари се Скопје, Куманово, Кичево и Струга, а потоа - Охрид,
Битола, Велес и Ресен, истакна Ѓорчев.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ "објасни" дека во земјава продолжува
дејствувањето на албанските терористи, а ЦК оценил дека минатогодишниот воен
конфликт се случил поради "насилно уривање на легитимно избраната власт по
договорот меѓу терористите на ОНА и на СДСМ".
Но, ВМРО-ДПМНЕ очигледно заборава дека заедно со партијата на Џафери
работеше на поделба на Македонија, а и во времето кога тие беа на власт се
случи минатогодишната војна.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини актуелната власт дека ги троши државните резерви.
Како што изјави Ѓорчев, во текот на своето владеење изминатите четири години,
ВМРО-ДПМНЕ отплатило 625 милиони долари, а девизните резерви на државата ги
зголемиле за три пати. Тие сега имаат информации дека актуелната власт
забрзано ги троши девизите, а доколку продолжи со тој тренд, најголемата
опозициска партија стравува дека ќе се загрозат виталните државни интереси.
ВМРО -ДПМНЕ го информирала ОБСЕ дека во Македонија се апси и се притвораат
поранешни државни функционери спротивно на законската процедура, а дека цели
семејства, заедно со нивните малолетни деца, се изложени на трауми кои ќе
доведат до трајни последици врз македонското општество.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, тврди дека со "притворените
се постапува нечовечки, добиваат понижувачки наредби 'стани-седни', им се
пушта вода во ќелиите, конспиративно ги селат од една во друга полициска
станица дури трае испрашувањето, а некои дури биле и физички малтретирани.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека од правен аспект, делата за кои се товарат обвинетите
завршуваат со месечни условни казни и оттука мерките притвор се правно
неиздржани.
Во изминатите два месеца власта, објаснува Марјан Ѓорчев, постапила на
непримерен начин, користејќи го правото на поранешниот монистички систем
кога се повикувале лица на информативен разговор до 24 часа, а тие се
екс-државни функционери.
И покрај доброволното прифаќање на понудата на инспекторите за полчасовен
разговор со Аврамски и со Митревска, за потоа да бидат пуштени, тие биле
држени во најнепримерни услови, со политички методи и принципи кои не
прилегаат на граѓанската демократија, истакна Марјан Ѓорчев.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ при тоа кажа дека овие лица биле приведени
без судски налог и дека дале искази без адвокат.
Ваквите методи мора да бидат спречени во старт и не треба да се повторат,
бидејќи не се предизвикани со ниту еден мотив, изјави Марјан Ѓорчев и
додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Македонците да бидат Курди на
Балканот.
Ѓорчев потенцираше дека граѓаните се исправени пред, како што рече,
перманентна стресна состојба и трауми и ја осуди атаката за "политички линч
и ликвидација на цела политичка структура на ВМРО-ДПМНЕ".
ДИСКРЕДИТАЦИЈА
Во јавноста проструија информации дека ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе ги обелодени
аферите на СДСМ тешки стотици милиони евра. Црвенковски не беше загрижен од
ваквите закани, а намерата на ВМРО-ДПМНЕ дури сега да ги обелодени аферите
од периодот на владеењето на СДСМ до 1998 година, според него, е
соучесништво на оваа партија во вршењето на кривично дело.
ВМРО-ДПМНЕ беше на власт од 1998 до 2002 година со можност да ги
искористи сите инструменти на правната држава. Доколку во тој период имале
сознанија за некои криминални активности од некој претходен период, а ништо
не презеле, јас ништо друго не можам да заклучам освен дека направиле
соучесништво и самите потпаѓаат под удар на Кривичниот закон, нагласи
премиерот Црвенковски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, појасни дека досега не
зборувале во јавноста за овие случаи, но поднеле многу кривични пријави кои
се уште се во Обвинителството.
Во најголемата опозициска партија тврдат дека располагаат со докази за
криминалот поврзан со шверцот со нафта во периодот на ембаргото врз Србија,
со шверцот на тутунот и аферите со "Стопанска банка", ТАТ, "Југохром" и
други.
Ние најавивме дека имаме многубројни аргументи за аферите од времето на
СДСМ. Планиравме тие прашања да ги отвориме подоцна, но во ситуација на една
колективна криминализација на цела политичка структура на ВМРО-ДПМНЕ, ние
мора да одговориме соодветно, рече Ѓорчев. .
Во меѓувреме, се одржа седница на парламентарната Анкетна комисија за
заштита на слободите и правата на граѓанинот на иницијатива на пратеничката
група на ВМРО-ДПМНЕ. Комисијата ќе побара точна информација од
Министерството за внатрешни работи за апсењата на Душко Аврамски, поранешен
директор на Агенцијата за приватизација и на Татјана Митревска, бивша
директорка на Катастарот на град Скопје. Најголемата опозициска партија,
преку координаторот на пратеничката група, Марјан Ѓорчев, најави дека ќе
поднесе барање до претседателот на Собранието за свикување вонредна
собраниска седница за овие прашања.
Инаку, Централните комитети на двете партии, односно и на СДСМ и на ВМРО-
ДПМНЕ, се одржуваа во исти денови. И на двата беа предвидени измени во
статутите на партиите и насоки за понатамошно дејствување. На Централниот
комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше прифатена оставката на Данило Глигоровски, како
член на Извршниот комитет. На Централниот комитет на СДСМ, пак, беше
одлучено Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како што изјави
портпаролот на СДСМ, Игор Ивановски, покрај генерален секретар, на
претстојниот 4. Конгрес на партијата, закажан за февруари 2003 година, да
воведе уште две функции - организациски секретар и секретар за меѓународна
соработка. Станува збор за професионални места во партијата кои ќе бидат
неспоиви со други функции, а ќе се избираат на Централниот одбор. Ова се
најзначајните новини од измените и дополнувањата на Нацрт-статутот на СДСМ
предвидени во делот на организациско функционирање на партијата.
Месните одбори на СДСМ веќе ја почнале постапката за предлагање кандидати
за партискиот лидер, како и за носителите на други партиски функции, кои
треба да бидат избрани на Конгресот во февруари.
Како и да е, препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како што стојат
работите, допрва ќе влегуваат во пожестоки фази. Целта е јасна: да се
дискредитира политичкиот ривал и да се добијат поени кај гласачкото тело.
При тоа не се бираат средства, ами се оди со фронтална борба. Сепак, ваквата
практика може да биде и плодотворна. Старите политички ривали ќе ги извадат
на виделина валканите алишта на противникот. Ќарот од ваквата политичка
прагматика може да го има само народот. Сегашните и идните владетели, по
ваквите "аферски" обелоденувања, добро ќе се замислат и ќе размислат кога ќе
"им дојде" да посегнат по народните пари!