о Шемшево перипетии со месеци, во
Куманово труење без покритие, а сред-ношколците ги имитираат возрасните и
организираат протести со радикална конотација. Образованието наше насушно
забегано во недоумие!
На Положани во новата година ќе му биде потребна и помошта на Дедо Мраз
за да го среди образовниот систем и да ја спушти топката на земја. А, во
новогодишното образовно пакетче, се наредиле еден куп проблеми!

Дали денешнава наша младина е толку огорчена од сето ова што ни се
случува и реагира како што реагира, или пак некој се обидува да им кумува, а
пак некои се обидуваат да глумат некакви си политичари кои со штрајкување со
глад догураа до завидни функции и позициии?!
ЕКСПЕРТИ
По настанот со двесте средношколци - Албанци кои имаа или симулираа
симптоми на труење во Куманово, наеднаш епидемијата замре. Светската
здравствена организација прифати да учествува со експертска помош во
расветлувањето на случајот со труење на учениците - Албанци од Куманово по
барање на министерот за здравство, Реџеп Селмани. Како жртви на наводното
труење четиринаесет ученички и еден професор биле хоспитализирани и на
Клиниката за токсикологија во Скопје. Лабораториските анализи на биолошките
материјали што се направени на Клиниката за токсикологија и во Медицинскиот
центар во Куманово биле предадени во Институтот за судска медицина, кој
треба да ги соопшти крајните резултати.
Овие случувања мошне потсетуваат на оние од 1996 година во Тетово кои
останаа нерасветлени и во кои исто така беше вклучена и СЗО. Тогаш
експертите од странство, според утврдените медицински наоди, не најдоа
објективни показатели за интоксикација. Нивните анализи во ништо не се
разликуваа од она што го утврдија домашните медицински тимови. Во доцните
осумдесетти, масовни труења се забележани во Приштина и во Рачак на Косово.
Во секој случај оставен е простор за многу сомневање. Не е во ред ако
некој навистина ги труе учениците, но исто така не е во ред ако некој
манипулира со учениците за тесно национални или слични цели!
Ваквите случувања во случај да има трујач или наведувач на труења треба
да имаат санкции за истите, потенцираат од Владата на Република Македонија.
Според последните резултати, настанот со труењето во Куманово останува
мистерија која остава широк простор за шпекулации!
БИСТА
Случајот "Шемшево" никако да дојде до среќна завршница. Ако ништо друго,
од постојаното споменување на учителот "Јумни Јонузи" многу повеќе дознавме
за него и за неговата биографија отколку за "Даме Груев". По три ипол
месечен бојкот, учениците - Македонци од Ратае, Жилче, Шемшево, Туденце и
Прељубиште се најдоа во училишните клупи, но во подрачното училиште во
Сиричино.
Сиричино е привремено решение, истакна владиниот портпарол Сашо
Чолаковски, во врска со одлуката учениците да почнат со настава во ова
тетовско село. Тој потенцираше дека наставата во Сиричино ќе може да се
реализира се додека не се исполнат компромисните решенија на Владата. Според
Чолаковски, министерот за образование и наука, Азис Положани, им пренел
порака дека претставниците на месните заедници дале согласност да се
дислоцира бистата и дека во меѓувреме се подготвува терен каде што ќе биде
преместена.

Засега само привремено решение за Шемшево
Децата се инструментализираат. На родителите - Македонци им укажав дека
не смееме да се делиме според етнички принцип. Децата треба да посетуваат
настава таму каде што им се наоѓа нивното матично - во Шемшево. Не е проблем
да се направи училиште на друго место, но тоа значи напуштање на средината
во која живееле и учеле нивните родители, а сега нивните деца ја посетуваат
наставата. Во крајна линија, може да се покрене прашањето на улогата на
родителите кои со закон се должни да ги пуштаат децата во основно
образование кое е задолжително со уставот, вели Тале Герамитчиоски,
заменик-министер за образование и наука на новинарското прашање за оценката
во јавноста дека со наставата во Сиричино се доаѓа до создавање на чисти
етнички училишта, а со политизацијата проблемите пак се прекршуваат врз
децата.
Во ова интервју на Герамитчиоски дадено за "Утрински весник" во врска со
случувањата во Куманово, е потенцирано дека албанските паралелки во овој
град не сакаат да учат во средини каде има доминантно македонски ученици,
бидејќи, наводно, не се чувствувале безбедни.
УНИИ
А, средношколците помеѓу себе се испокараа, испотепаа и се поделија на
неколку унии, вежбајќи како е да се биде политичар и да се манипулира со
масата и како да се презентира насилничко однесување на јавни места.
Последните случувања во образованието претставуваат мултидимензионален
одраз на пошироките општествени ситуации и односи карактеристични за
македонското општество во последната деценија. Тие се одраз на најдлабоките
превирања кои се одвиваат на планот на меѓунационалните односи и глобалната
насока на делење на етничка линија и злоупотреба на етноприпадноста од
страна на партиските и раководните структури. Младите стануваат неспособни
да се соберат околу кој било заеднички проблем, да застанат во одбрана на
кој било заеднички интерес и да се испречат на патот на потполната ерозија
на средината во која живеат. Тие претставуваат јасен сигнал за отсуството на
елементарна грижа за новите генерации, за изградбата на новиот вредносен
систем и за такво насочување на развојот на младите кое ќе го обезбеди
постоењето на иднината. Целокупниот образовен систем е свртен кон минатото,
затворен за радикални промени и е во функција на изградба на нови партиски
војници (послушници и диктатори), наместо на слободни луѓе свесни за своите
права, констатира д-р Мирјана Најчевска, социолог, претседател на
Хелсиншкиот комитет за човекови права.
За средношколските протести од кои последните имаа и несакани моменти, со
претепување на недолжни граѓани, претседателите на униите на средношколци
имаат различни видувања.
Проблемот со средношколците е премногу исполитизиран. Нас средношколците
Албанци никој не не гледа, не се согледуваат нашите проблеми, ние секогаш
остануваме на страна, маргинализирани. На пример, бројот на гимназиите во
Скопје за Македонци е голем. Ние ја имаме гимназијата "Зеф Љуш Марку" и тоа
доколку сме запишани во таа гимназија принудени сме да одиме на часови во
уште пет училишта. Кога побаравме да учиме во гимназијата "Цветан Димов" се
создаде проблем. Македонците не сакаа да не видат во тоа училиште. Лично
сметам дека тие наши врсници кои излегоа да протестираат беа изманипулирани
од поранешната директорка во гимназијата "Цветан Димов" која не сакаше да
види Албанци во своето училиште. Но, јас мислам дека со доаѓањето на
министерот Азис Положани проблемите ќе се решат, вели Фатон Круези,
претседател на Унијата на средношколци Албанци.
Според него, значи, целата работа е во рацете на министерот - Албанец и
се ќе се среди.
Мислам дека тоа што младите излегоа на улица, што протестираа на начин на
којшто протестираа, создадоа за себе еден неповолен имиџ, па сега во
јавноста за средношколците се зборува како за хулигани, констатира
Јована Базеркова, претседател на Унијата на средношколците на Македонија.
Би рекле доста разумна констатација со оглед на фактот дека доаѓа од
сосема млада личност која очигледно сака да ги отстрани или барем сокрие
националните нетрпеливости кај младината.
Мора да се сфати дека младите беа сведоци и поминале низ многу негативни
работи во последниве две години. Младите беа сведоци на потпишувањето на
Рамковниот договор кој е понижувачки за еден дел од населението во
Македонија, немаше официјални реакции, целата фрустрација беше во кругот на
семејството. Учениците Македонци беа напаѓани од нивните албански врсници,
кулминацијата беше достигната со убиство на Македонец средношколец. Тоа ја
прелеа чашата. Младите чувствуваа гнев и омраза. Не би ги нарекол тие
протести националистички. Младите со протестите испратија сигнал дека
нештата мораат да се решаваат, дека некои работи не можат да се премолчуваат.
Не сум задоволен од тоа како течат настаните. Иако сигнализиравме, никој не
ги решава проблемите. Не се сфаќаат пораките на младите. Проблемот со името
на училиштето во Шемшево се уште е присутен. Ако проблемот не може да се
реши, дали тоа значи дека се уште не се знае кој ја контролира ситуацијата
во регионот? Протестите се крајна варијанта на искажувањето на младите, но
ако вака продолжи, ние повторно ќе мора да излеземе на протести. Верувам
дека има и подемократски решенија во рамките на институциите, но во
образованието мора да се создаде критична маса, од универзитетски професори,
социолози, педагози, кои ќе се пресметаат со екстремните структури во
образованието, убеден е Александар Николовски, претседател на
Средношколската унија на Македонија, под чие раководство беа протестите пред
извесно време.
Навистина преамбициозно и фрустрирачки звучи една ваква изјава. Сепак,
насилството не се искоренува со друго насилство, ами создава ново, уште
поопасно и со вакво темпо каде ли само оди и каде ќе заврши денешнава
младина?! Дали денешнава наша младина е толку огорчена од сето ова што ни се
случува и реагира како што реагира, или пак некој се обидува да им кумува, а
пак некои се обидуваат да глумат некакви си политичари кои со штрајкување со
глад догураа до завидни функции и позициии?
Сепак, не е на арно кога во државава гледаме премногу радикализам токму
кај најмладите во чии раце е и иднината на нашата земја!