ЕКОНОМИЈА

Премиерот и првиот синдикалец ги ставија своите потписи

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ ИЛИ ВИСТИНСКИ ПОТЕГ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Ова е прв документ од ваков вид во земјава кој содржи конкретни активности (задачи) за двете страни во наредниот период, кои треба во рамките на социјалното партнерство да се одвиваат и да се решаваат.
  • Меѓутоа, овој Договор можеше многу порано да се склучи, но ниту кај Синдикатот ниту кај поранешните политички гарнитури немаше слух за соработка и издејствување на конкретни обврски што произлегуваат од социјалното партнерство.
  • Преговорите постојано некој ги кочеше, односно Владата настојуваше да ја оддолжи задолжителната комуникација при реформите во стопанството, а всушност немаше достоен противник кој ќе им ги врзеше рацете при грабежот на општествениот (државен) капитал.

Владата и ССМ конечно ги усогласија ставовите околу изгледот, односно околу "костимот" на Социјалниот договор. Главните играчи, премиерот Црвенковски и лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Муратовски, некогаш кандидат за амбасадор во владата на сегашниот прв министер, на работниците им ветија помирна социјална пролет, но битката за загубарите не е започната. Зошто? Дали се во прашање суети или немоќ да се победи ММФ и СБ? Во прашање се и едното и другото. Но, арно е да се започне од нешто, па макар и тоа да биде од нула. На тој начин социјалците - (без)работници конечно барем малку ќе се чувствуваат заштитени, бидејќи возот го испушти Живко Толевски. Никој до сега не излезе на улица да ја спречи ерозијата на синдикатот и на работничкото движење во Република Македонија. Приватизацијата мина, а работниците остана на улица. Кој е виновен за тоа?

Нели имавме синдикати? Онакви или вакви, зависни или независни, сепак ја утнаа работата. Затоа социјалниот договор е прв чекор за враќање на самодовербата. Но, најмногу зависи од играчите. Од нив зависи дали некој ќе биде пишман-аџија или ќе се јавува во улога на "натурализиран повереник на работничкото движење".

СПОРЕДБА

Ако ССМ навреме преземеше акција за заштита на правата на работниците, до сега ќе имавме нормална држава во која ќе имаше пари, благостојба и голем број вработени. Вака и работниците и пензионерите и нивните семејства се на прагот на сиромаштијата. Но, таа слика можеше да се промени доколку се применеше германскиот рецепт за преговарање кој и денес мошне чисто функционира. Имено, откако разговорите помеѓу претставниците на германскиот синдикат и Владата на канцеларот Герхард Шредер не вродија со плод, Германија во почетокот на јануари 2003 година, ќе се соочи со целосен штрајк на работниците, јавуваат светските агенциите. Разговорите биле окончани по 13 часови бесцелни разговори, откако барањата на штрајкувачите за зголемување на платите од три отсто беа неприфатливи за германската Влада. Изгледите таков штрајк да се случи се зголемуваат од ден на ден, особено по штрајковите на аеродромите и другите видови на јавен сообраќај, како и во градинките и болниците. Причина за незадоволството кај работниците од цела Германија, според претседателот на синдикатот Франк Бсирск, е лошото владеење на канцеларот Шредер. Бсирск оценува дека во последните економски извештаи на земјите-членки на Европската унија се наведува дека во моментов Германија има убедливо најлоша економска состојба. Тој изјави дека од извештајот може да се види вистинска слика за штетата која ја прави Владата во економијата.

Воведувањето на поголеми даноци и зголемувањето на буџетскиот дефицит, кои ги предложи владата, само ја влошуваат состојбата, констатира Бсирск.

За разлика од таму, во Македонија речиси по едномесечни преговори, Владата и Синдикатот го потпишаа Социјалниот договор. Ова е прв документ од ваков вид во во земјава кој содржи конкретни активности (задачи) за двете страни во наредниот период, кои треба во рамките на социјалното партнерство да се одвиваат. Договорот, двете страни го оценија како историски, со оглед дека прв пат се воспоставува ваков вид соработка. "Социјалецот" го потпишаа премиерот Бранко Црвенковски и лидерот на ССМ, Ванчо Муратовски. Тој содржи прецизните обврски и активности за Владата и за Синдикатот од сферата на економско-социјалните прашања за кои е потребен консензус, а со цел порамномерно да се подели товарот на реформите меѓу сите општествени субјекти. Она за што допрва треба да се преговара и да се преточи во конкретен одговор, е донесувањето на законот за загубарите кој и досега беше едно од клучните прашања за Синдикатот. Но, социјалните партнери го пролонгираа потпишувањето на договорот, односно на законот за крајот на февруари идната година, по преговорите за аранжман со ММФ и Светската банка.

АЛТЕРНАТИВНО РЕШЕНИЕ

Нема никаква дилема дека е тоа приоритет за државава која мора да се врати во нормален финансиски колосек. Не е битна само кредитната поддршка што & е неопходна на Македонија за затворање на платниот биланс, туку аранжманот е значаен и заради средствата од донаторската конференција кои се условени со него. На крајот на краиштата, онаа земја која нема регулирано односи со овие меѓународни финансиски институции важи за високоризична. Од една страна е Синдикатот со своите барања, меѓутоа од другата страна се ММФ и Светската банка со својата позиција по ова прашање. Сепак, тоа е оставено за дискусија по два месеца кога ќе знаеме што е дефинитивниот договор со нив, а во секој случај ќе се најде алтернативно решение за загубарите, изјави премиерот Црвенковски по потпишувањето на Договорот.

Според Муратовски, Синдикатот активно ќе се вклучи во реализацијата на Договорот и ќе ја поттикнува Владата доследно да ги спроведува утврдените активности според прецизираните рокови. Во Социјалниот договор, меѓу преостанатите прашања, е прецизирано дека сите загубари ќе се решат до крајот на 2003 година, а тоа ќе се прави со целосна транспарентност на процесот, во што активно ќе учествува Синдикатот во посебните комисии, како и во Телото за структурни реформи.

Покрај ова, во февруари 2003 година ќе се формира управен комитет за имплементација на владината Акциона програма за вработување, во кој ќе учествува и Синдикатот со цел да се спречи долгорочната невработеност и да се донесат конкретни мерки за вработување. Владата и ССМ во првиот квартал од идната година ќе треба да ги започнат преговорите за завршување на процесот за склучување колективни договори во јавниот сектор и за почнување активности за еднакви критериуми во системот на платите во овој сектор, како основа за примената на колективните договори.

Во рамките на заштитата на правата на работниците што произлегуваат од заснованиот работен однос, во Договорот е дадено дека Владата во првите месеци од идната година ќе ја разгледа иницијативата за основање судови за работни спорови, а Синдикатот ќе е подготвен за соработка со Трудовата инспекција при откривањето и спречувањето на нелегалните вработувања.

Во контекст на ова се очекува Владата да преземе мерки за запирање на порастот на сиромаштијата, а нејзиното намалување ќе се темели врз комплексни и координирани мерки, при што економскиот развој се оценува како најзначаен фактор за спречување на сиромаштијата.

ГРАБЕЖОТ

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ванчо Муратовски, по потпишувањето на Договорот оцени дека социјалните партнери заеднички ќе ги решаваат прашањата од областа на економскиот и социјалниот развој .

Се надевам дека македонските граѓани конечно ќе дочекаат подобри денови и оти текстот на Социјалниот договор, кој третира прашања од социјалната и од економската сфера, ќе успееме да го реализираме заедно со Владата. Ќе направиме се за реализацијата на Социјалниот договор да биде реална, а не само на хартија, потенцираше Муратовски по свечениот чин на потпишувањето.

Тој истакна дека ССМ нема да биде блед набљудувач на остварувањето на Договорот, туку активно ќе се вклучи и ќе ги поттикнува членовите на Владата и Премиерот да ги почитуваат роковите.

Со потпишувањето на Социјалниот договор и Владата и Синдикатот се обврзаа на конкретни задачи кои треба да придонесат за намалување на негативните економски состојби во Република Македонија. Меѓутоа, овој Договор можеше многу порано да се склучи, но ниту кај Синдикатот, ниту кај поранешните политички гарнитури немаше слух за соработка и издејствување на конкретни обврски што произлегуваат од социјалното партнерство. Преговорите постојано некој ги кочеше, односно Владата настојуваше да ја оддолжи задолжителната комуникација при реформите во стопанството, а всушност немаше достоен противник кој ќе им ги врзеше рацете при грабежот на општествениот (државен) капитал. Приватизацијата мина без конкретна акција на Синдикатот. За тоа вина мора да понесат сите од пранешното синдикално раководство до членовите, односно работниците кои беа пасивни набљудувачи на процесот на обезвреднување на претпријатијата. Затоа сите политички структури што беа на власт успеаја да разграбаат што можат и да го доведат на коленици македонското стопанство. Токму поради ова илјадници работници се најдоа на улица, а листата на загубари постојано се надополнуваше и се зголемуваше. Во моментов поради целокупната отсутност за разбирање и меѓусебно комуницирање меѓу Владата и Синдикатот, односно повеќегодишната апстиненција, бројот на лицата што бараат вработување се движи близу 360.000. Бројката со години не се намалува, туку се повеќе и повеќе се зголемува, бидејќи долго време недостасуваа конкретни мерки за заживување на стопанството и целосна заштита при вработувањата на лицата. Затоа овој Социјален договор може да биде одличен одговор на лошата ситуација, но и истовремено последен чекор на Синдикатот, доколку не успее да ја притисне Владата за да ги реализира правата на работниците.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"