ЕКОНОМИЈА

Конференција на тема "Стратегија за намалување на сиромаштијата"

ЗОНА НА МИЗЕРУВАЊЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Некој гради палати, некој брчка по контејнери - парадокс на македонски начин.
  • Четвртина од населението во Република Македонија живее во сиромаштија.

Се поголем е бројот на оние кои немаат каде да преноќат, се помногубројни се бригадите на невработени и гладни кои пребаруваат по контејнерите, народните мензи се преполни, а официјално ни соопштија и една гола вистина - дека живееме во зоната на сиромаштијата.

Во светот има посиромашни и од нас, како за утеха, но сепак не сме за да ни се завидува оти сме етикетирани како сиромашна земја. Токму тоа и беше темата на неодамна одржаната конференција на тема "Стратегија за намалување на сиромаштијата" која ако остане само на зборови, не им се пишува добро на армијата луѓе кои живеат во беда. Ако се земат предвид последните скандали презентирани во јавноста кога некои сега веќе екс-функционери се расфрлале со пари - само за кафе трошеле по 70.000 денари, а можеле за ручеци да трошат и по неколу илјадници евра - животот станува уште посуров и поироничен за сиромашните и бедните граѓани на Македонија.

Според Петар Гошев, министер за финансии, мерките што ги предложиле на споменатата конференција се одговор на тешката економска криза во земјава чија последица е сиромаштијата.

Народните кујни стануваат претесни за масата сиромашни и гладни

Очекуваме резултати во борбата против овој феномен кој го урива достоинството на животот и предизвикува многу несреќни луѓе, нагласи Гошев.

Но, Владата не треба само да изготви, туку да ја имплементира стратегијата, што е потежок проблем, потенцираше Ерика Јоргенсен од Светската банка.

Директорот на Светската банка за Македонија, Кристијан Портман, истакна дека во земјава се преземени некои чекори од оваа стратегија.

На сиромашните и несреќни луѓе им останува само оптимизмот.

СТРАТЕГИЈА

Речиси една четвртина од населението во Македонија е сиромашно, според домашни критериуми. Според параметрите за сиромаштија во светот, пак, иако има и многу посиромашни земји, целата наша држава влегува во зоната на сиромаштијата. За македонската Влада борбата против сиромаштијата е врвен приоритет. Причините за овој проблем тој ги лоцира во еднодецениската воена криза во поранешна СФРЈ која ја зафати и Македонија, како и системот на полупазарна економија и политичка некомпетенција, но и потезите на некои од лидерите во овие држави. Дел од овие причини се надминати, но уште не се довршени процесите на воспоставување ефикасна пазарна економија, владеење на правото, парламентарна демократија и непристрасност на државните институции, истакна министерот за финансии, Петар Гошев, на конференцијата посветена на Стратегијата за намалување на сиромаштијата во Македонија, спонзорирана од Светската банка, а финансирана од холандската Влада.

"Очекуваме резултати во борбата против овој феномен кој го урива достоинството на животот и предизвикува многу несреќни луѓе", Петар Гошев

Како виновници за сиромаштијата министерот Гошев ги посочува: недостигот од странски инвестиции, отсуството на реформи како и несоодветната бизнис-клима.

МЕРКИ

Меѓу мерките кои Владата ќе ги преземе за борба против ова зло, Гошев ги наведе создавањето услови за одржлив динамичен стопански раст и отворање нови работни места, засилување на фискалната дисциплина, поголема ефикасност на приватниот сектор, контролирана инфлација и стабилен девизен курс, структурни и институционални реформи, а сето ова ќе се постигне преку подобрување на ефикасноста на државната администрација и судството, борба против корупцијата, подобрување на конкуренцијата како и развој на мали и средни претпријатија. Во мерките министерот исто така ги споменува и условите за нивно поволно кредитирање, за што се очекува формирање банки за микрофинансирање и гарантни фондови, склучување на спогодби со соседните држави за бесцарински проток на стоки, како и социјална заштита на човечкиот потенцијал и сиромашните слоеви.

НЕВРАБОТЕНОСТ

За заменик-министерот за финансии, Димко Кокароски, кој ја доби улогата на координатор за операционализација на стратегијата, главна причина за сиромаштијата во Република Македонија е енормно високата бројка на невработени. Кокароски не е прецизен кои конкретни мерки ќе се преземат се додека не се конципира макроекономската политика на Буџетот за идната година. Во секој случај, акцентот ќе се стави на економскиот развој, односно на планираниот пораст на бруто-домашен производ од три отсто во идната година ( наспроти 0 до 0,5 отсто годинава), што ќе создаде подобри перспективи за 2004 година.

Во поглед на примањето на социјална заштита потенцирано е дека неа треба да ја примаат само оние кои навистина ја заслужуваат. Со оглед на моментната социјална катастрофа, армијата на социјални случаи е се помногубројна, а со тоа и потребата од добивање социјална помош. Стратегијата за намалување на сиромаштијата ќе се финансира од домашни извори, но и од странски донации за чија распределба во иднина ќе мора да се води повеќе сметка.

НАРОДНИ КУЈНИ

Граѓаните кои се "социјално ситуирани" најчесто избегнуваат да гледаат или да размислуваат на темата "сиромаштија и глад" и за таквата грозна судбина која може еден ден и нив да ги снајде. Подзамижуваат на подадената рака на просјакот кој моли за денар и се оддалечуваат од контејнерите во кои "оперираат" гладните. За жал, има и такви луѓе кои се хранат единствено и благодарение на народните кујни, местата како што е "Света Петка" во Скопје каде од човечност на сиромашните им се дели бесплатен топол оброк. Но, вакви или слични народни кујни би требало да има повеќе за да ја задоволат потребата на се поголемиот број гладни луѓе.

За народните кујни постои мислење дека тие постојат за некои луѓе колективно или поединечно да имаат "почиста совест". Една народна поговорка пак вели дека "ситиот на гладниот не му верува", а оттука многумина во чија надлежност е благосостојбата на граѓаните, подзамижуваат на мизеријата и бедата која како чума се шири на македонската почва. Теоријата за Стратегијата за борба против сиромаштијата во Македонија би била навистина добра кога истата ќе се примени и во практиката.

Приказните на луѓето-посетители на кујните се повеќе од трагични. Тие ја водат големата битка со голиот живот која е особено тешка во студениот зимски период. Тие не го живеат, ами го преживуваат животот!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"