Дефицит од 800 милиони долари

До крајот на годинава, дефицитот во надворешно-трговската размена на Македонија со странство ќе достигне 800 милиони американски долари, што е највисоко ниво досега. Во изминатите години, минусното салдо во размената се движеше меѓу 400 и 600 милиони долари годишно. Поттикнувањето на извозот е еден од приоритетите во нашава држава, дотолку повеќе што во 2003 година влегуваме во Светската трговска организација, што ќе ни донесе привилегии, но и обврски кои ќе мора да ги исполниме. Ова пред македонските извозници го истакна заменик-министерот за финансии, Димко Кокароски, нагласувајќи дека Владата нема да замижи пред проблемите со кои се соочува извозниот сектор во земјава.

"Југ сторитве" против Владата

Договорот за купопродажба на НИП "Нова Македонија", македонската Влада може да го раскине само по пат на судски процес. Каква било друга можност е бесправна. Ние ќе бидеме принудени да ги преземеме сите активности за да ги заштитиме своите легитимни интереси и права.

Ова на владиниот кабинет му го порача мариборската "Југ сторитве" која непосредно пред изборите во државава го купи мнозинскиот пакет акции на најстарата македонска издавачка куќа.

"Прв дојден - прв услужен"

Од почетокот на идната година, поточно од 8 јануари, кога е првиот работен ден по Нова година, Царината, како што изјави раководителот на Царинската управа, Златко Ветеровски, ќе применува нов начин за увоз на стоки за кои постојат царински контингенти, во согласност со спогодбите за слободна трговија што ги има потпишано Република Македонија со 10 земји. Ветеровски потенцира дека царинските квоти отсега ќе функционираат по принципот "прв дојден - прв корисник". Со цел да се избегне субјективизмот, отсега контингентите ќе бидат објавувани на веб-сајтот (Интернет-страницата на Републичката царинска управа) и потенцијалните корисници сами ќе се пријавуваат за добивање на ваква бесцаринска квота.

ЕСМ мора да увезе струја

Електростопанство на Македонија в година мора да плати 35 милиони долари за увоз на една милијарда киловатчасови струја, заклучи Одборот за енергетика при Стопанската комора на Македонија, кој на 23 декември го усвои енергетскиот биланс за наредната година.

Претставниците на Одборот, на ЕСМ и на Министерството за економија ги предупредија менаџерите на големите потрошувачи: кавадаречкиот комбинат "Фенимак", скопските компании "Макстил", "Балкан стил", "Топилница" и десетина други компании да ги платат долговите од 128 милиони евра, за да може ЕСМ да увезува струја. Ако тие не плаќаат редовно, ЕСМ ќе почне да ги исклучува. ЕСМ ги предупреди менаџерите в година редовно да ги плаќаат сметките за струја, бидејќи државното претпријатие е во лоша финансиска состојба.

Ревизија во "Царината"

Ревизијата во "Царината" ќе резултира со кривични пријави за повеќе цариници, а на одговорност ќе биде повикан и екс-директорот Даравелски, изјави новиот директор Михајловски најавувајќи нов концепт на работа на "Царината".

Освен пресметка со корумпираните колеги, Михајловски најавува и нов систем на организација на "Царината". Со корумпираните цариници ќе се пресметува внатрешна контрола, а легалноста во работењето на фирмите ќе ја контролираат таканаречени мобилни екипи кои ќе влегуваат во складишта на фирми, а ќе ги контролираат и граѓаните што ја поминале границата. Мобилните екипи, со широки овластувања ќе почнат да работат веќе следниот месец.

Продадени 4,27 отсто од "Скопска пивара"

На 23 декември на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност во три блок-трансакции беа продадени вкупно 4,27 отсто од "Скопска пивара". Во првата блок-трансакција беа продадени 1.172 обични акции на водечкиот производител на пиво кај нас, по цена од 35.143 денари по акција, во втората, 4.847 обични акции по цена од 35.143 денари по акција, а во третата - 1.681 обична акција на "Пивара", исто така по цена од 35.143 денари по акција. Во одделна блок-трансакција беа продадени и 160.080 обични акции на "Интернешнел хотелс"- Скопје по цена од 62 денари по акција, што претставува 30,17 отсто од основната главнина на Друштвото.

Поскапуваат нафтените деривати

Владата донесе одлука за поскапување на нафтените деривати за 3,37 проценти. Тоа значи дека од 24 декември на полноќ бензините во просек ќе поскапат меѓу денар и денар и половина за литар, а можно е од први јануари да поскапи и парното греење.

Поскапување на водата

Ако градските власти и Владата го одобрат барањето на "Водовод", скопјани по Нова година ќе пијат поскапа вода. "Скопски водовод" ќе бара дозвола за зголемување на цената на водата за 30 проценти. Тоа значи поскапување на еден метар кубен вода за околу 5 денари.

Освен ова, Јавното претпријатие најави дека ќе им ја исклучува водата на граѓаните и на фирмите за повеќе од две неплатени сметки.

Демант од Мешков

Обвинувањата дека сум ги злоупотребил парите и имотот на Пензискиот фонд се невистинити и затоа ќе поднесам кривични пријави за клевета против актуленото раководство на Фондот, возраќа екс-директорот Љупчо Мешков на обвинувањата за злоупотреба на функцијата и ненаменско трошење пари. Пред да ја напушти директорската позиција во Фондот Мешков тврди дека пред новата Влада дал отчет за своето двегодишно раководење. Годинава, според Мешков, Пензискиот фонд треба да ја заврши со баласнсиран буџет, а не со дефицит.

Оспорување на приватизацијата

И по две години од купувањето на 36 проценти од акциите во "ЕМО", во оваа охридска фабрика никаде ги нема претставниците на црногорската фирма "Арарат", чиј сопственик е Драган Марковиќ, партнер во тутунскиот бизнис на екс-директор на Царината, Драган Даравелски. Работниците акционери во "ЕМО" бараат ревизија на оваа, како што велат, сомнителна приватизација. Вработените акционери во "ЕМО Охрид" ја започнаа акцијата за оспорување на законитоста на трансакцијата со која никшиќката фирма "Арарат" во јануари минатата година со огромен попуст купи 36 проценти од акциите на 11 милиони евра вредниот "ЕМО".

Извоз на "буковка" во САД

Скопската фирма "Лабеко", прв индустриски производител на буковка кај нас, од неодамна почна своите производи да ги извезува во САД. Засега станува збор за пробни количества, а натамошниот пласман ќе зависи пред се од способноста на фирмата да ја задоволи тамошната побарувачка, велат во "Лабеко".

Престижна награда за "Мобимак"

"Мобимак" ја доби наградата од "Europian Market Research Center", насловена како "EuroMarket Award for management efficiency in Telecom services", за извонредните резултати постигнати на полето на Телекомуникациите. "Мобимак" беше номиниран заедно со други водечки компании, банки и индустрии од целиот свет. Оваа вредна награда беше примена од страна на господинот Јован Петровски за време на одржувањето на форумот "Еурофорум 2002" во Брисел, од 15 до 17 декември, во присуство на одбрани бизнис лидери од целиот свет, како и министри, амбасадори, височества и високи претставници на ЕУ.

"EMRC EuroMarket Award" е познатена бронзена статуа која на основата го има амблемот на ЕМРЦ околу кој орбитираат дванаесет ѕвезди и е специјално дизајнирана од Џорџ Унгвару, интернационален уметник. Ѕвездите ја симболизираат Европската унија , една од двете основи на кои се базира наградата. Заеднички сето тоа ја симболизира универзалноста и сестраноста на наградата. Наградата ги потврдува извонредните комерцијални резултати, водечката улога во бизнисот и постојаното истражување на нови и оригинални методи на работа на "Мобимак". Таа покажува дека и покрај сите потешкотии постојат се уште многу можности за развој на нашата економија.

Избрани членови на органите на Берзата

Собранието на акционери на Македонската берза изврши избор на членови на органите на управување на Берзата. За претседател на Собранието на акционери, како што се вели во соопштението до медиумите, е избран Трпе Трпески, генерален директор на "Тетекс - кредитна банка - Скопје", а за претседател на Одборот на директори на Берзата, Јадранка Мршиќ од "Комерцијална банка - Скопје". За извршен директор на Македонска берза е избран д-р Евгени Зографски, кој досега беше на оваа функција. Акционерите избраа и неизвршни членови на Одборот на директори, како и членови на Судот на честа и на Арбитражата на Берзата.

НБМ нема да ги спои празниците

Народна банка на Македонија нема да ги спојува новогодишните и божиќните празници и ќе работи на 3 и 6 јануари. НБМ им препорачува и на банките да го сторат истото со цел населението и претпријатијата непречено да го извршуваат платниот промет во земјата и во странство.

Наместо традиционалните новогодишни коктели, НБМ одлучи средствата за покривање на трошоците на овие настани да ги намени за децата чии родители го загубија животот во минатогодишната војна, како и за раселените лица.

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"