Трета опција дури на пролет

Создавање на коалиција на политички партии што се декларираат како "трета политичка опција" може да се очекува на пролет. Според најавите, најизвесно е дека во овој нов блок ќе влезат Социјалистичката партија на Македонија, Демократска алтернатива и Демократски сојуз.

Шемшевци повторно кај Положани

Иницијативниот одбор на родителите на учениците-Македонци од Шемшево бараат од министерот за образование, Азис Положани објаснување зошто место два-три дена како што беше договорено, нивните деца се уште учат во Сиричино, а бистата на Јумни Јонузи не е помрдната од место. Учениците поради перипетиите учебната година ќе ја "претрчаат" за само сто дена.

Ѕвездите во МВР

Естрадните ѕвезди Калиопи и Сузана Турунџиева, актерот Димче Мешковски, новинарот на МТВ Слободан Томиќ и родителите на Маријан Стојановски, како што тврди скопски "Дневник", лани и годинава склучиле договор со МВР "за кревање на моралот на полицајците и за други услуги" и добро заработиле од тој бизнис.

Сите "инволвирани" во случајот, на свој начин ги потврдуваат ваквите сознанија на "Дневник".

Изгоре локалната самоуправа во Дебар

Монтажниот објект на локалната власт во Дебар, каде што просторно беа сместени и подрачните единици на министерствата за одбрана, за правда, за земјоделство, за транспорт и врски, за економија, како и други институции, целосно изгоре во голем пожар. Полицијата не нашла за потребно веднаш да му се јави на градоначалникот и да го извести за случајот. Од пожарот речиси ништо не беше спасено.

Мајка Тереза - светица

Папата Јован Павле Втори во пресрет на божиќните празници донесе одлука за прогласување на Мајка Тереза за светица. Тој на утринската служба во Ватикан преку посебна молитва го објавил чинот и големиот ден за бетификацијата на скопјанката Гонџа Бојаџиу, признавајќи ја нејзината хумана и добротворна работа за помош на болните, несреќните и безнадежните луѓе, а тоа било сторено и во сите католички цркви во светот.

По повод нејзиното прогласување за светица, ќе се одржат чествувања кои ќе започнат во Ватикан, ќе продолжат во родниот град Скопје и ќе завршат во Калкута, градот во кој таа почива.

Сто години од смртта на Миле Поп Јорданов

По повод јубилејот сто години од смртта на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов, на неговиот гроб, во Велес, членовите на неговата фамилија, претставници на политичките партии и на локалната власт положија свежо цвеќе во знак на спомен на овој истакнат Македонец.

Неизвесна изградбата на спортските сали

Минатата власт не го реализира во целост Проектот на Агенцијата за спорт и млади за изградба на 35 сали низ Македонија. На повеќе локации предвидени за изградба на салите се поставени само темелите кои сведочат за предизборниот маркетинг на ВМРО-ДПМНЕ која не успеала да обезбеди пари и легални градежни дозволи за изградба на салите.

Ослободување од концесија

Советот за радиодифузија побарал од Владата на Република Македонија на радиодифузерите од кризните региони да им се прости концесијата. Станува збор за 15 радио и ТВ-станици во Тетовско и Кумановско кои, поради ланската војна, паднаа во голема финансиска криза и сега не можат да го платат надоместот за концесија.

Хуманитарна донација

Лотарија на Македонија по повод триесетгодишнината од основањето донираше 700 илјади денари во хуманитарни цели. Управниот одбор на ова Друштво за организирање игри на среќа одлучил средствата планирани за одбележување на годишнината да им ги подели на Сојузот на слепите на Македонија, Домот на незгрижени деца "11 Октомври", Здружението на граѓани со посебни потреби "Полио плус" од Скопје, Домот за доенчиња и мали деца од Битола, Центарот за специјално средно образование и воспитување "Искра" од Штип и на Посебното основно училиште "Маца Овчарова" од Велес.

Излезе "Кумановски булевар"

Неодамна излезе од печат првиот број на новиот локален неделник "Кумановски булевар". Според изјавата на главниот и одговорен уредник, Зоран Божиновски, овој неделник треба драстично да се разликува од локалните весници "Наш весник" и "Кумановски весник" кои почнаа да излегуваат во минатата година, меѓутоа досега не успеаја да се ослободат од стегите на политиката и да го разбијат таканаречениот "информативен мрак".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"