Ќе нема пролетна офанзива!?
На неодамнешната средба на двајцата министри за одбрана, македонскиот
Владо Бучковски и албанскиот Пандели Мајко, во Скопје беше потенцирано дека
не постојат релевантни информации за пролетна офанзива на терористи од
Косово во Македонија и Албанија. Албанската делегацијата на Министерството
за одбрана го усогласи текстот на Меморандумот за разбирање со
Министерството за одбрана на Република Македонија, но не го потпиша овој
документ. Причина - за содржината на Меморандумот се нема произнесено
Владата на Република Албанија, процедура што токму минатата недела беше
завршена од македонската Влада.
Средба меѓу Мајко и Ахмети
Албанскиот министер за одбрана, Пандели Мајко имал средба со Али Ахмети
во седиштето на Демократската унија за интеграција во Мала Речица. Покрај
тоа што разговарале за неколку актуелни работи, станало збор и за Рамковниот
договор.
Книги на македонски јазик објавени во Албанија
Изданијата "Нарадуч" од Миранда Шутина, збирка поезија и "Поговорки" од
Цветан Мазнику беа промовирани во Домот на културата "Григор Прличев" во
Охрид. На промоцијата што ја организирале Агенцијата за информации на
Република Македонија и Друштвото на Македонците "Мир" од Тирана, промоторот
Веле Митановски, директор на Агенцијата за информации, истакнал дека овие
две книги се мал чекор за издавачката дејност на "Мир" од Тирана, но се
гигантски чекор за македонското опстојување. За првата книга поезија на
Миранд Шутина, промоторот Стево Симски, прв секретар на македонската
амбасада во Тирана, рекол дека ова е само почеток на културната анимација
меѓу Македонците во Албанија и дека по повод одбележувањето на
десетгодишнината од формирањето на Друштвото на Македонците "Мир" ќе се
појават уште неколку изданија.
Предизвиците на Западен Балкан
Во најновиот извештај на Европската комисија е заклучено дека Западен
Балкан економски закрепнува. Меѓутоа, исто така констатирано е дека пред
петте држави од Западен Балкан стојат низа предизвици како борба против
корупцијата, завршување на процесот на приватизација и реформа на јавиниот
сектор.
Американска презентација за северната граница
Целта на престојот на четворицата експерти за изработка на гранични линии
во Скопје и во Приштина била компјутерска презентација на протегањето на
граничната линија меѓу Македонија и СРЈ во делот кон Косово. Презентацијата
се состоела од сателитски снимки на теренот и симулирано движење по
територијата каде што според договорот меѓу Македонија и СРЈ треба да се
протега граничната линија. Притоа американските картографи изјавиле дека
границата е професионално направена, дека има одредени изместувања и на
двете страни од сегашната неформална линија, а особено во реонот на Кодра
Фура, но дека сите тие се оправдани поради конфигурацијата на теренот.
Границата меѓу РМ и СРЈ не е дефинирана!
Изјавата на Ристо Никовски, сегашен државен секретар во Министерството за
надворешни работи и поранешен амбасадор на Македонија во Тирана, покажува
дека Договорот меѓу Република Македонија и СРЈ за дефинирање на граничната
линија е само обична фарса.
За албанскиот весник "Шекули" Никовски, меѓу другото, изјавува дека "...
овој Договор има многу флексибилни решенија и доколку на луѓето во
пограничнта зона им се чини дека им се прави неправда, тогаш границата може
да се поместува околу 300 метри во длабочина на едната или на другата страна".
Очигледно е дека одредени структури на новата власт се уште им оставаат
простор за дејствување на големоалбанските апетити.
Визи за романските државјани
На владина седница е донесено решение романските државјани за влез во
Македонија од идната година задолжително да поседуваат визи за престој во
земјава. Со одлуката што ќе се применува од 1 јануари 2003 година ќе бидат
изземени носителите на дипломатските и службените исправи.
Фалсификувани евра во Ќустендил
Според Ројтерс, бугарската полиција во Ќустендил запленила еден милион
лажни евра. Бугарската со помош на македонската и австриската полиција
уапсила седум мажи и една жена вмешани во фалсификувањето на банкнотите.
Пречистителна станица пред грчката граница
Со изградба на посебна пречистителна станица ќе се прочистат водите на
реката Вардар. Оваа станица ќе биде лоцирана на устието на Сува Река во
Вардар непосредно пред македонско-грчката граница пред преминувањето на
водите во соседна Грција. За овој Проект Владата на Грција доделила два
милиона евра, меѓутоа неусогласеноста на надлежните министерства во нашава
земја ја забави реализацијата.
Косово и Албанија - ризични подрачја
Според британското Министерство за надворешни работи, Косово и Албанија
се наоѓаат на списокот "Б" на ризични подрачја за патување. На Британците
низ светот им се препорачува поради опасност од терористички напади и
внатрешни судири да не патуваат во 30 земји во светот.
|