За сето свое шестдецениско уметничко живеење, Александар Сариевски испиша
богати биографски страници, остави над 400 трајни звучни записи за Музичката
продукција на МРТВ и за други дискографски продукции, кои вечно ќе
припомнуваат за една неповторлива уметничка личност која даде огромен
придонес во негувањето и афирмирањето на македонската фолклорна уметност кај
нас и насекаде во светот.
Многумина се обидуваа да ја испеат легендарната песна "Зајди, зајди јасно
сонце", но никој од нив не може да ја надмине интерпретацијата на
генијалецот Александар Сариевски. Секако и песните "Дејгиди луди млади
години", "Зајко кукурајко", "Абер дојде Донке од кулата", "Митро, Митро мори",
"Абреј невесто, око калешо", "Седна баба да вечера"... ќе не потсетуваат на
него како врвен естраден уметник кој со песна на цел свет му раскажуваше за
неговата Македонија.
Неодамна во издание на "Дирекцијата за култура и уметност" сосема
заслужно беше промовирана монографијата "Од Галичник до легенда - Александар
Сариевски" од авторот Кирил Тодевски во која на мошне убав начин е
претставено што значеше Сариевски за Македонија, особено во музичкиот свет.
Книгата изобилува со бројни "исповеди" на Сариевски инспирирани од неговите
патешествија поткрепени со фотографии од почетокот на неговата музичка
кариера, па се до денес.
НЕГОВАТА ПЕСНА
Авторот Кирил Тодевски монографијата ја започнува со изреката:"Ако
сакаш поблиску да го запознаеш еден народ - чуј ја неговата песна".
Понатаму во својот предговор вели дека "песната е најверен регистратор и
толкувач на социјалните и историските премрежја во животописот на
Македонецот. Таа е сенароден продукт, со децении и децении нејзината
мело-поетска порака се пренесувала во устен пат, се збогатувала со
инветивната дарба на анонимните песнопојци, кои заокружувајќи го овој
природен процес, во аманет на својот народ му оставија непресушно духовно
богатство”.

Многубројни ЛП плочи испишани со неговото име

Сариевски со Кирил Тодевски, автор на монографијата
Тој аманет Александар Сариевски го почитуваше и достојно го пренесуваше
насекаде особено кај Македонците во Австралија, Канада, Америка... Авторот
Тодевски инспириран од кажувањата на Сариевски ни го приближува чувството на
македонската легенда вво дијаспората. Тој вели дека Сариевски првата средба
со нашинците во далечната Австралија во 1966 година посебно ја паметел. Но,
секоја средба со нашите иселеници каде и да се во светот завршувале со песни
и солзи радосници.
СЕСТРАНА ЛИЧНОСТ
Покрај забележаните кажувања на Сариевски, авторот Кирил Тодевски, инаку
познат етно-музиколог, во монографијата го има претставено и репартоарот кој
опфаќа опус од над триста песни во кои се опфатени песни со најразлични
содржински пораки односно песни во духот на традиционалната македонска
мелодија. Посебно место во репертоарот на Сариевски заземаат песните за
неговиот роден крај Галичник. Така започнувајќи го својот чекор по врвиците
на фолклорната уметност од родното село Галичник, тој застанува од првите
денови пред микрофонот на Радио Скопје, а исто така застана и во челните
редови на првата генерација на Ансамблот "Танец". Во неговиот професионален
период тој ја има и функцијата - раководител на Оркестарот на народни
инструменти на тогашната Радио-телевизија Скопје. Сестраниот уметник работи
и како рецензент продуцент за дискографската продукција на Радио-телевизија
Белград со што го заокружува својот работен век во 1984 година, но како што
повеќето го познаваат тој беше човек со немирен дух, човек со голем пејачки
елан кој продолжи и понатаму да твори. Последните години од неговиот работен
век Сариевски ги помина во знакот на самостојната уметничка дејност.
Минатата година во негова чест беше организиран концерт како едно големо
признание за неговата долгогодишна музичка мисија.
“Е, години, години, летнавте
како сиви галаби, но, остана
песната, таа леснокрила
убавица, што цел живот ќе биде
мојот сопатник, ќе ја грее мојата
душа”
Александар Сариевски
(Извадок од монографијата
"Од Галичник до легенда - Александар Сариевски")