КУЛТУРА

Маријан Стојановски со "Подарок" за новогодишните празници

КВАЛИТЕТОТ СЕКОГАШ ИЗЛЕГУВА НА ПОВРШИНА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Албумот првенец на Маријан насловен како "Подарок" содржи 12 хитовски песни, а "виновници" за издавање на овој албум се "Сенатор рекордс".
  • Маријан Стојановски, иако е фестивалски човек, сепак кај него постои големо разочарување поради начинот на кој се реализираат сегашните фестивали.

Маријан Стојановски долета и цврсто се приземји на македонското естраднотло. За прв пат се појави на "Скопскиот фестивал" во 2000 година со песната "Дали ти си ова небо", потоа следуваше настапот на "Охридски трубадури", а дуетот со Андријана Јаневска му донесе прва награда и популарност.

Иако љубителите на неговата песна го чекаа подолго време неговиот албум, сепак ова скромно момче работеше постојано и редеше хит до хит, а неговиот квалитет го докажа и надвор од Македонија од каде што не се врати без награда.

ХИТ ДО ХИТ

Стрпливоста на неговите обожаватели конечно е наградена со појавата на неговиот прв албум "Подарок" кој беше промовиран во ресторанот "Финестра" во Скопје. Тоа е и вистински подарок за неговите обожаватели кои чекаа неговите песни да се најдат на носач на звук.

Сакав да заокружам еден период што значи дека на албумот не се наоѓаат само нови песни, туку има и од постарите, почнувајќи од 2000 година кога и за првпат јавно запеав на Скопскиот фестивал со песната "Дали ти си ова небо", вели Стојановски. Потоа доаѓаат "Како сокол", "Го напуштам овој град", "Го молам небото", "У чекању једне жене"... вкупно 12 композиции од кои само три се нови. Една од новите композиции која малкумина ја знаат е "Подарок" со која настапив на "Макфест" годинава, а и самиот албум е насловен како "Подарок". Работен е во соработка со "Браво продукција" и "Сенатор рекордс", застапени се авторите Петре Илиевски, Бранко Попчевски, Глигор Копров, а како автор на песната "Го молам небото" се јавува и познатиот пијанист Симон Трпчески. На мојот албум се наоѓа и дуетот со Андријана Јаневска затоа што сметам дека заслужува да биде дел од "Подарок", иако се наоѓа и на албумот на Андријана.

Секоја од песните е закитена со понекоја награда.

Многумина ме прашуваа зошто се уште не сум го снимил мојот прв албум, но сите знаеме каква е ситуацијата во Македонија, вели Стојановски. Требаше одреден човек да вложи во мене, да побара одредени спонзори кои тешко може да се добијат. Сега работам со Божидар Кошча кој ми помогна и ми помага околу овие работи. Овој албум беше печатен во "Сони" во Австрија, така што не е направен само за македонскиот пазар. CD-то содржи и видео-запис за секоја песна како и една кратка биографија за мене.

Нешто подоцна албумот ќе биде издаден во Србија, потоа во Босна и Херцеговина како и во Бугарија. На CD-то наменето за српскиот пазар ќе се најдат само две-три песни на српски јазик, а во преостанатите спомнати земји ќе си остане CD-то на македонски.

По промоцијава на албумот планирам можеби за седум-осум месеци да направам уште еден албум, додава Стојановски. И понатаму ќе работам со сите оние автори за кои ќе сметам дека ми понудиле добра песна, не сакам да се врзувам само за еден автор.

ФЕСТИВАЛИ

За првпат македонската публика за Маријан Стојановски слушна на "Скопскиот фестивал" во 2000 година со песната "Дали ти си ова небо". По пауза од 4-5 месеци Маријан повторно се јави на "Охридски трубадури" со "Како сокол". Потоа на "Макфест" на кој заедно со Андријана Јаневска ја отпеаја "Љубов ти е адреса" и освоија прва награда. На Маријан освоената награда му послужи како отскочна штица и оттогаш неговата кариера продолжи по нагорна линија. Потоа следуваше "Еврофест", а се редеа и победите на српските фестивали во Будва и Зрењанин.

Маријан со Аце Сенатор

Пред неколку години постоеја само два, "Скопскиот фестивал" и "Макфест", и тие беа во вистинска смисла на зборот фестивали, вели Стојановски. Меѓутоа, денес не станува збор за фестивали, туку потплатувањето, подмитувањето кои се вообичаена слика направија да опадне квалитетот на фестивалите и рејтингот на добрите пејачи. Многу сум разочаран, но не само јас, туку и повеќето мои колеги. Затоа и не настапуваат на фестивалите. Разбирам дека секој млад човек посакува да биде барем еден миг на сцена, затоа што и јас бев анонимен, сум сакал некаде да настапам, но ова навистина е премногу. Многу им се дава простор на оние коишто не знаат да пеат.

РЕЈТИНГ

Според Маријан, треба повторно да постојат само два фестивала и да се одбираат само квалитетни композиции и пејачи.

Имав можност да настапам на српските фестивали и за жал можам да констатирам дека во никаков случај не можат нашите фестивали да се споредат со нивните, додава Стојановски. Тие фестивали слободно можам да кажам дека работат европски. Таму секој пејач е заштитен, а тука никој не те прашува дали имаш пари да направиш песна итн. Кај нив многу пари се трошат, се во знакот на квалитет, додека кај нас фестивалите се прават со 5.000 евра од кои 70 отсто се ставаат во нечиј џеб. Понатаму не би сакал веќе да настапувам на фестивали, мислам дека ми е доста. Доколку јас би се прашувал, не сакам погрешно луѓето и медиумите да ме сфатат, но навистина се пушта се и сешто. Би требало да се направи селекција не само од народот, туку и од страна на медиумите затоа што тоа влијае и на нивниот рејтинг.

Професијата пејач секако дека го променува животот на секој од нив. Меѓутоа, Маријан Стојановски како личност не се промени. Се уште другарува со пријателите со кои бил и порано.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"