Изложби

Промоција и изложба

Скопје, 20 декември.

"Здружението на граѓани 359 - Мрежа за локални и субалтерни херменевтики" ја промовираше книгата на Томе Аџиевски и Љубомир Д. Фрчковски под наслов "Архитектура на агресијата - Колумни (проект 017)", а во исто време беше промовиран вториот дел на Проектот "Албанците како метафора" на Томе Аџиевски под наслов "Контекстуализација на субверзијата"(проект 008_г).

Њиндоњ Мацедониа

Скопје, 20 декември.

Изложбата на проектот Window Macedonia, кој според авторот Андреј Митевски претставува времена слика на реалноста што не опкружува, беше отворена во Музејот на современата уметност. На Митевски ова му е четврто самостојно претставување, а во неговата биографија е наведено учеството на шест групни и три меѓународни изложби.

Заедно - Дебар 2002

Дебар, 20 декември.

Во присуство на голем број гости, ликовни уметници и граѓани, во Домот на културата во Дебар беше отворена изложба на дела од ликовната колонија "Заедно - Дебар 2002", што беше одржана од 14 до 28 јули во организација на Домот на Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Поставени се 32 слики (дела) на дваесетина уметници од разни националности од Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово и од Дебар.

Нерешки мајстори

Скопје, 24 декември.

Во Музејот на град Скопје беше отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. На неа беа презентирани 137 автори со 152 дела во сите дисциплини и техники. Наградата "Нерешки мајстори" за сликарство му е доделена на сликарот Александар Симоновиќ, за скулптура на скулпторот и академик Боро Митриќески. Скулпторот Томе Бундовски е добитник на награда за скулптура, а пак наградата Димче Николов & е доделена на сликарката и графичарка Виолета Чауле.


Книги

Што по кого е наречено

Скопје, 23 декември.

Во Друштвото на писателите на Македонија, беше промовирано најновото издание од издавачката куќа "Ми-Ан" - Лексиконот на епоними, дело на Славимир Маринковиќ. Лексиконот на Маринковиќ е насловен како "Што по кого е наречено" и претставува единствено издание од ваков вид во Македонија. Во него по азбучен ред се подредени околу 2.300 епонимни форми од голем број области и човекови дејности, а секоја одредница е компонирана со намера концизно да ги објасни поимот и употребата, времето на настанувањето, значењата некогаш и сега оригиналното потекло на обработените епоними и епонимни форми.

Свечен собир

Скопје, 24 декември.

Во Македонската академија на науките и уметностите беше одржан Свечен собир по повод 100 годишнината од раѓањето на Васил Иљоски. За ликот и творештвото на познатиот автор, еден од основоположниците на македонската драматургија, кој ја напиша антологиската "Бегалка", зборуваше претседателот на МАНУ, академик Матеја Матевски. Фрагменти од делата на Иљоски говореше актерот Славко Нинов.


Театар

Клуб на старите лордови

Струмица, 24 декември.

Претставата "Клуб на старите лордови", беше премиерно изведена на сцената на Народниот театар "Антон Панов" од Струмица. Претставата ја напиша Мето Јовановски.


Музика

Солистички настап

Скопје, 23 декември.

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност, во Домот на армијата концерт одржа нашата пијанистка Ана Гацева. На програмата беа дела од Брамс, Дебиси, Франк и Гинастера.

Успех во Италија

Скопје, 23 декември.

Од 27 ноември до 8 декември годинава, студентките по пијано од Факултетот за музичка уметност во Скопје, Јасмина Трајческа и Марија Шамоска, земале учество на два натпревари за класична музика во Италија. Како единствени претставнички од Македонија, нашите пијанистки со себе понесоа значајни награди. На натпреварот "Дино Циани" кој секоја година се одржува во местото "Вербанија Интра", што е провинција на Милано, Шамоска ја освоила првата награда во категоријата - изведба до 20 минути, додека Трајческа, во етапната категорија, ја освоила втората награда. На натпреварот насловен како "Јупитер" пак, кој се одржал во црквата "Стела Марис" во Џенова, и двете пијанистки, исто така во различни категории, го освоиле четвртото место. Трајческа и Шамоска се претставиле со дела од Бах, Дебиси, Рахмањинов, Брамс, Бетовен, Скаловски, Бабиќ.

Трио Интерарт

Скопје, 24 декември.

Во организација на Културно-информативниот центар, во Салонот 19,19 концерт одржа триото "Интерарт" во состав: Емилија Ристевска - Стефановска, флејта, Александар Стефановски, флејта и Ана Вељановска - Стефановска, пијано. На програмата беа дела од Телеман, Кулау, Доплер и Дамас.

Новогодишен концерт

Скопје, 26 декември.

Традиционалниот Новогодишен концерт на Македонската филхармонија се одржа на сцената на Македонскиот народен театар. Диригент на концертот беше Лорис Вантолини од Италија, а настапи и Балетскиот ансамбл при МНТ. Програмата на концертот содржеше балетски композиции и валцери од Верди, Бизе, Понкиели, Сен Санс, Чајковски, Фауст, Сметана, Штраус и од Офенбах.

Тоше не запира

Скопје, 26 декември.

Музичката ѕвезда Тоше Проески по завршената турнеја низ државава, одржа и два концерта во Скопје. Овие два концерта беа под мотото "Со музика за живот" и се одржаа во Универзална сала.

По ова Тоше ќе замине за Црна Гора каде со многу познати ѕвезди Новата година ќе ја дочека со настап на плоштадот во Будва.


Филм

"Прашина" на видео формат

Скопје, 24 декември.

Филмот "Прашина" на режисерот Милчо Манчевски деновиве излезе и на видео. Во видео формат го издаде дистрибутерската куќа "С. В.- РСА". Дистрибутерот го подготвува филмот и за Ди-Ви-Ди (DVD) формат што треба да излезе во март идната година.


30-годишнина

Младинскиот културен центар со специјална програма ја одбележа 30-годишнината од своето постоење. На сцената во МКЦ продефилираа 200 луѓе и на едно место се собраа неколку генерации од изминатите 30 години. Тоа беше всушност круна во одбележувањето на овој јубилеј што се случуваше во текот на целата година, а интензивно во текот на цел декември. Овој мултимедијален настан беше замислен токму како завршница, но и како симбиоза на сето она што е карактеристика за Младинскиот културен центар.

Благодарница за "Македонско сонце"

По повод јубилејот кој го одбележува Сојузот на историчарите на Македонија, во ДУЦ "Орце Николов" се одржа свечена седница. СИРМ прослави 50 години од формирањето и седницата започна со реферат на д-р Васил Јотевски посветен на педесетгодишниот развој на Сојузот на историчарите на Македонија, а потоа беа доделени благодарници и признанија во знак на успешната соработка. Таква благодарница беше доделена и за нашиот неделник.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"