ФОРУМ

ФЕНОМЕНИ НА ЕВОЛУЦИЈАТА - ГЕНЕЗА НА ИДНИНАТА

Симеон Иванов - Канго, дипломиран правник

Љубопитноста, желбите и соништата на човекот немаат крај. Од првиот грев на прамајка Ева, изгонета од Рајот со Адам, па до денес, проклетството на Севишниот со мака и крв не издигнало нас, децата на човештвото, до феноменален парадокс, до господари на фантазијата и имагинацијата.

На прагот на новата ера - третиот милениум, сведоци сме на фантастична експанзија на научни сознанија, технолошки прогрес, филозофско-културна еволуција на дедото Хомо сапиенс, така што денес неговите правнуци, уште во предшколска возраст, во своите раце ги држат уздите на некогашната научна фантастика и разгалено со неа си играат дома.

Свесни за предноста на високоразвиениот, организиран и богат живот во западните земји, надевајќи се дека патот на иднината и нас не води таму, остануваме разочарани од нашето кошмарно секојдневие. Се наоѓаме во една психолошка конфузија, не знаејќи да си објасниме што ни се случува, кому да веруваме, кому да му се молиме, од кого да се чуваме. Ние, возрасните деца на народот, талкаме бедни во место, оптоварени од хаосот на животот и немаштијата. Столчени од медиумската политичка машинерија и распнати од лудилото на перфидната пропаганда за власт и богатство, ништо не гледаме... Глобализацијата на светот е толку голема што со вешта измама и слатки ветувања во последните 10 години, системски сме лажени, ограбувани, убивани и пак ништо не сфаќаме, не преземаме. А и не знаеме како, каде и со што.

По кој редослед да почнеме да бидеме кратки и да ја кажеме универзалната суштина? Нека биде во ретроспектива, почнувајќи од нашите последни збиднувања, до изборната пратеничка кампања.

Човек да се "шекне", 31 партија во трка, со илјадници кандидати за пратеници, вистински маратон кон Парламентот... Вистина Ви велам, луѓе мои, тоа го нема никаде во светот. Како да е трка за Ел Дорадо, Дивиот Запад во времето на златната треска. Македонија е мала и ние немаме толку злато, ама затоа имаме богатство од лидери што знаат да трошат! Чии пари? Господ знае! Мноштво визионери, самобендисани полтрони, хохштаплери, психопати и глумци, но и нешто пострашно: криминалци, терористи и осведочени убијци. Ним, секако, би им завидел и Бин Ладен. Него пак, како терорист и убиец на невини луѓе, најдемократската земја на светот го бара и прогонува под дрво и камен, со најголемата воена сила што човештвото досега ја знае. Може само да претпоставиме што би му направила обвинителката Карла од Трибуналот во Хаг, правнука на Понтиј Пилат. Но, парадигмата е поголема, бидејќи неговите побратими, исламо-фундаменталистите кај нас, на Балканот, се привилегирани, парадираат на висока нога, рамо до рамо со елитата на НАТО, која уште треба и да ги одликува со ордени за херојски дела. Не е ни чудо ако им подигне и бисти, за "вечна слава и памјат"... Да се знае кој го уништи последниот остаток од најстарата држава во Европа, прва и најголема космополитска империја на светот. Да се знае кој го уништи духот и свеста за заедничко потеко на околу 400 милиони одродени (во Европа и Русија) и идентитетот на, барем 20 милиони етнички Македонци на Земјата.

Ќе прашате, што се оние дома? Ах, оние што мислат со "испран" мозок! Не, не е проблем за бедните, обезглавени 1 милион и 300 илјади "домородци". За нив "Вујко Сем" има испробана шема - ќе ги стави во резерват. Може, со помош на некое наше паметно мангупче, и да не продава, парче по парче, како туристичка атракција и сувенир... Зошто треба да се биде во тренд со еволуцијата.

Минато е времето на "Три синџири робје" и сите ропства што ги знаат и малите деца, а големите ги заборавиле.

Но, сега доста за другите, зашто и ние сме виновни. Зарем бива толку да сме слепи? Па, веќе поминуваат 1000 години од ослепувањето на нашите дедовци од Водоча. И не само дедо Самоил, дедо Филип и Александар, туку и Григор Прличев што пее за херојската смрт на Кузман убиен од Гега, да е жив би умрел пак. Од "ах"! Или од срцев удар, гледајќи што ни се случува денес. Сите се горди и се фалат ако имаат нешто наше, од нас Македонците, како да сме туристички сувенир, што веќе го споменав. Внуците на тие некогашни Геги, Арнаути, качачки банди или "башибозук" како што ги викале во турско, "еволуирале" во согласност со современите техничко-технолошки и научни сознанија. Па така, велат дека нивниот крал Лека Зогу бил вујко на нашиот Александар, зашто бил во роднинска врска со неговата мајка Олимпија, кој била илирка итн.

Што да речеме ние "простите"? Тоа дека пред 200 години Али Паша - Јанински, со истите тие башибозук-терористи ги запалил куќите, градовите, ги исклал и изгонил правнуците на жената на Филип. Да може нашиот Александар да воскресне, ќе му покаже добро на Џафери, одржувајќи му час по историја, од каде се дојдени тие башибозук-балисти-терористи.

Ние ја почнавме свадбата на световите, ние бевме творци на првиот официјален генетски инженеринг со хуман метод на природна селекција, ние личиме на сите луѓе на светот. Ние го почнавме обединувањето чиј заеднички симбол е Сонцето. Монетата "евро" не е само сублимат на културното и економското обединување на Западна Европа, туку реализација на прастарото пророштво. Според него, кралот на Вениките - Пелазгите, ги испратил своите три сина да ја бараат неговата ќерка Европа, кој била заведена од големиот џин на Олимп. Потрагата се уште трае... Во меѓувреме, вели легендата, таа изродила многу Европјани, Евро-дики, Евро-сими, принцови и цареви... Некои нејзини правнуци тоа го знаат. И го слушаат шепотот на иднината. Зашто блажен е оној што го знае минатото, оти ја разбира и ја гледа иднината.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"