| |
За Лавовите од друг агол
(Повод: "Лавовите мистериозно гинат" статија на новинарот Стеван Шароски
во неделникот Старт, 20.12. 2002 година)
Сакам во целост да ги демантирам тврдењата дадени во горенаведената
статија, кои се однесуваат на тешкото труење со јагленород моноксид на брат
ми од 7 јануари 2002-та, несреќен случај во кој животот го загуби неговата
девојка. По скоро една година мачно боледување, брат ми е жив, а сега и
скоро здрав. Инсинуациите за какви било други елементи поврзани со овој
настан освен трагичниот сплет на околности, се сосема и целосно невистинити.
Веќе подолго време, како и целата македонска и меѓународна јавност го
следам огромното внимание што домашните и странските медиуми & го
посветуваат на специјалната единица на Министерството за внатрешни работи на
Република Македонија, Лавови. Меѓутоа, во овој случај се чувствувам
повикана да реагирам и како граѓанин на нашата земја, но и како сестра на
припадник на Лавовите директно споменат во неа.
2002-та беше најтешката година во животот на моето семејство додека
заедно со моите родители и со мојот брат се боревме за неговиот живот.
Нашата борба не беше само борба со трагичните последици на труењето заради
кои тој помина два месеца во длабока кома и уште шест месеци прикован за
болничкиот кревет. Нашата борба беше и борба со се што е суштински погрешно
и фалично во оваа земја која за нас е единствениот дом, земја за која брат
ми облече униформа и зеде оружје в раце. Во текот на оваа година моравме да
се соочиме со "полниот сјај" на нашиот корумпиран здравствен систем и со
нечовечноста и негрижата на луѓето што се заколнале дека ќе го вреднуваат
човечкиот живот над се. Видовме дека на униформата се гледа како на жиг на
срамот и дека не постои солидарност и сочувство за човекот што ја облекол,
пред се не од неговиот сопствен народ.
Уште потажно годинава беше тоа што се соочивме со опсесивната потреба на
нашата средина, во живо и преку медиумите, да се сити на човечката несреќа и
да наоѓа скриени мотиви и завери таму каде што ги нема. Додека моите
родители минуваа денови и ноќи по болниците, весниците беа полни со
шпекулации и невистини за карактерот, моралот, намерите и емотивниот живот
на брат ми. Најчесто главната мотивација за ваквите написи беше единствено
фактот што тој е припадник на Лавовите. Авторите на статиите никогаш
не се помачија да слушнат или да пренесат нешто друго освен измислиците што
имаа за цел да ја убедат јавноста дека Лавовите се луѓе со сомнителни
карактери. За таа цел, тие сурово и манипулативно ја злоупотребуваа личната
несреќа на моето семејство, и го влечкаа низ калта на невистините нашето име.
За жал, веќе цела година, ниту еден медиум не извести дека брат ми е не
никогаш осудуван, непартиски определен, чесен, храбар и совесен човек, сакан
и почитуван од своите пријатели и од своето семјество. Ниту еден медиум не
се запраша како му било додека мрзнел на тетовскиот снег наместо да се грее
на грчкото сонце. Ниту еден медиум не влезе во Државната болница во Скопје
за да извести за срамниот третман на институциите на оваа држава кон луѓето
кои се осмелиле да се обидат да ја одбранат. Ниту еден медиум не праша како
му беше на татко ми со пензија од 5.000 денари додека слушаше поплаки за
ниските плати во јавниот сектор наместо грижа за здравјето на својот син.
Нашата јавност конечно мора да научи да ја споделува нашата заедничка
одговорност за она што ни се случува. Мојот брат и неговите колеги ја
прифатија својата одговорност кога одлучија доброволно да се стават во
одбрана на татковината. Одговорноста на медиумите е многу поголема.
Единствена водилка на новинарот треба да биде потрагата по вистината.
Единствена задача на новинарот треба да биде откривањето и приопштувањето на
таа вистина на своите читатели и гледачи колку што е можно пообјективно.
Иако сме свесни дека само божјата рака го врати брат ми, јас овде сакам
да ја искажам својата благодарност и кон оние малкумина луѓе што ни помогнаа.
Со збор и со дело, со нас тука беа неговите колеги од единицата Лавови,
а пред се неговиот претпоставен Сашо Лазаревски. Заедно со нас тие никогаш
не се откажаа од вербата дека волјата за живот ќе го извлече од мракот. Сега,
кога видов колку е ретка човечноста, верувам дека никогаш нема да ги
заборавам оние лекари кои се уште не си ги поцрнеле белите мантили, како и
сите наши блиски, роднини и пријатели, луѓето кои не примија, не сослушаа, и
во наше име молеа, бараа и се надеваа.
Елизабета Баковска, сестра на Зоран Баковски, припадник на
специјалната единица на Министерството за внатрешни работи на Република
Македонија, Лавови
Висок (не)морал!
Со настапувањето на Новата 2003 година примете ја мојата голема
благодарност кон вашата Редакција, која ми го спаси животот не жалејќи ништо.
Знам дека целото раководство секогаш може да ми подаде рака и љубов без
карактеристичните пресметки и сметки.
За жал, вакви чувства немам кон сегашниот градоначалник и неговата
секретарка, на градот кој го носи името на мојот род - Делчево! Тие
направија се што можеа за да не ме примат на 22.11. 2002 година кај Никола
Поповски, претседател на Собранието на Р. Македонија. Во весникот "Нова
Македонија" беше објавено соопштение за долгоочекуваното доаѓање во Скопје.
Должна сум им на моите деца, а воедно и голема благодарност до службеникот
на општина Делчево, Круме Николовски и на неговата сопруга Душка. Тие
сопружници се израмнуваат со високиот морал на градоначалникот на Велес од
1996 година на кој дури ни името не му го знам со кој и не се сретнавме
лично. На пат за Костозглобната болница во Охрид, дознал и наредил (не знам
како се информирал), да ми биде сервирана свечена вечера во луксузен хотел,
средба со граѓаните, средба со ученците од гимназијата и учителот по
историја, со локалната телевизија која со моја дозвола ме придружи до
хотелската соба и сними интервју со мене.
Убедена сум дека градоначалникот на Делчево и секретарката Анета се
одговорни не само за приемот кај претседателот Поповски, но и за документите
од Охрид доставени кај нив. Мораше да ги барам во нивните домовите, но
градоначалникот Илчо Илиев и неговата секретарка Анета се сокрија и не ми
одговорија на прашањето каде е пакетот со документи потребни да ги приложам
до Собранието на Република Македонија.
Верувам во Македонците кои достојно ја градат Македонија, без партиски
пресметки, исто како кога нашата генерација се жртвуваше нашата држава да
биде рамноправна и достојна.
На сите граѓани им посакувам во новата 2003 година мир и многу успеси.
Со македонска љубов,
Катерина Трајкова - Нурџиева, Благоевград
Алчноста е пропаст, а не напредок!
Го читам вашиот весник од кога имам
интернет дома. Го ценам вашиот
весник и Ве почитувам сите што се залагате за што пообјективно да &
прикажете на јавноста се што се случува позади политичката сцена. Но, сепак
треба да се има на ум дека и овие овде таканаречени демократи, што се кријат
под лицето на демократијата, имаат цензура и кога ќе затреба за сопствените
интереси умешно ја користат.
Јас само сакам да испратам една порака до нашите политичари, а потоа и до
сите оние кои се инволвирани во политиката, во која спаѓате и вие новинарите.
Јас живеам во Шведска веќе 16 години. Роден сум во Битола, овде работам
како продавач. Пораката ми е следна:
Пари... пари... тоа е проклетство на светот од памтивек. За тие пари ја
напуштив Македонија, моите најблиски, се оставив за тие пари. Кога бев "долу",
мислев се да продадам за пари, и држава и се. Тоа е парата!
Имај ти пари колку што сакаш, ако си надвор не ти вредат. Секогаш во
очите
на тие каде што ќе живееш ќе бидеш втора класа човек, а ќе те сакаат толку
колку што ќе им дадеш пари. Се додека не го сфатат тоа нашите политичари,
нема да има мир во Македонија. Парите овде ништо не вредат. Живееме овде,
дишеме воздух, за џабе, ништо не ни е мило, се е пластично! Пластична љубов,
пластичен живот, се е пластика...
Затоа размислете убаво ако мислите дека ќе опљачкате и ќе имате сигурна
иднина некаде надвор од Македонија. Се лажете многу, а за да имате сигурна
иднина морате да престанете да крадете. Треба да мислите на Македонија и на
нејзинот народ. Тој треба да биде сигурен, мирен, најаден, напиен и
економски здрав. Тоа треба да биде вашата цел. Вистината е таа: алчноста е
пропаст, а не напредок!
Иван од Шведска
Македонската кинематографија во подем
Прекрасно е да се види дека во Македонија покрај сите глупости што & се
случуваат, се случуваат и прекрасни работи. Тие прекрасни нешта се развојот
и промоцијата на нејзината култура - пишувана, пеана, филмувана. Да, преку
културата светот може да не сознае што луѓе сме, каков народ сме.
На времето нашата култура се ширела преку делата на Светите Кирил и
Методиј и нивните ученици. Во денешно време нашата култура може да се
прошири преку кинематографијата. Та, нели преку холивудските филмови поголем
дел од светот ја запозна Америка прикажана на нивен специфичен начин. Па,
зошто да не ја запознаат и нашата Македонија преку нашиот филмски Холивуд.
Треба што повеќе културни производи да нудиме и тоа позитивно ќе се одрази
не само на комерцијалниот дел, кој несомнено е многу битен, туку и врз
светското сознание за нас како Македонци и Македонија како наша држава.
Македонската кинематографија била во подем, но во последно време доживува
уште поголем расцут благодарение на потегот на Милчо Манчевски со своите
филмови "Пред дождот" и "Прашина". Еве веќе се заврши и производството на
филмот "Големата вода", дојде и оној другиот филм од Митевска (насловот беше
нешто како или кога убив светец). Па се најавува и филм каде ќе пее Тоше, а
ќе глуми Ван Дам. Ништо поубаво не можеше да & се случи на Македонија и
нејзината култура од ова. Само нека продолжи вака и нека се развива.
Воопшто не би било лошо дури и да се направат понови изданија за
Солунските атентатори, Мис Стон, филм за Гоце Делчев, Ченто. Филмови за
целокупната македонска историја. Од контакти со сограѓани согледувам дека
постои потреба од прикажување на македонскиот менталитет, однесување во
текот на историјата.
Секако дека треба малку и да се прошират темите на обработка, да не се
задржуваме само на периодот за време на Втората светска војна, крајот на
Отоманската Империја. Добро би било да се отиде и малку подалеку во
историјата. На пример, еден филм за Цар Самоил или уште подлабоко филм за
Александар III
Македонски. Секако потребни се големи финансиски фондови за последната тема,
но верувам дека ако сите заедно смогнеме сили, сите вакви и слични филмски
проекти би завршиле успешно.
Или да не биде се со некаква конотација, нека се сними еден филм за
денешницава, како се живее, како не се живее итн. Мислам дека филмските
продуценти ме разбираат што сакам да кажам.
Атанас Стојаноски, Скопје, Македонија
|