| |
АРХЕОЛОГИЈА
Откритие на македонско тло кое ја возбуди јавноста
ОСТАТОЦИ ОД ПРАИСКОНСКО ЖИВОТНО
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- По една недела од откривањето на дел од вилицата на праисториското
животно, пронајден е и друг помал дел.
- Пронајдените остатоци од вилицата на мастодонтот наговестуваат дека
можеби тука се кријат и други остатоци од ова животно.
Ч етворицата рудари од РЕК Битола,
Љупчо Бачевски, Васко Јошевски, Божидар Божиновски и Пеце Трајковски,
минатиот вторник работејќи на одводнувањето на земјиштето, пронајдоа остаток
од заб на праисториското животно - мастодонт. Една недела по овој пронајдок
на само 5-6 метри оддалеченост од првата локација во истата ископана земја
го пронајдоа и вториот помал дел од вилицата.

Работниците се двоумеле дали да го остават забот во Заводот и Музеј во
Битола, бидејќи повеќе очевидци тврдат дека во шеесеттите години биле
пронајдени фосилни остатоци на прастара голема птица, кои не останале во
Македонија, туку веднаш биле префрлени во Белград. Денеска тој капитален
фосил од битолска Пелагонија наводно се наоѓа во музеј во Белград.
ПРОНАЈДОК
Но, како и да е, ова откритие крена голема прашина во јавноста, а особено
кај надлежните институции кои веднаш се "фрлија" на работа.
Според стручњаци од Природонаучниот музеј во Скопје долната вилица со
заби, што беше пронајдена во песочната зона на Рудникот за јаглен "Суводол"
во Битола, не е вилица од диносаурус, туку најверојатно станува збор за
мастодонт, претходник на слон, стар 10 милиони години. Во Заводот, музеј и
галерија во Битола по овој повод присуствуваа и директорката на
Природонаучниот музеј од Скопје, Тања Бошкова, како и геологот кустос Гуте
Младеновски кој истакна дека вакви фосилни остатоци првпат се среќаваат на
територијата на Македонија. Тој објасни дека првиот пронајден предмет е
тежок околу еден килограм, висок 15 сантиметри и широк околу 12 сантиметри.
Според него, дел од забот што се наоѓа во Рудникот при самото копање е
оштетен.

Валентин Соклевски со рударите кои ги открија
деловите од праисторискиот мастодонт
Тоа не е археолошко окритие, туку е остаток од животно, односно
палеонтолошки пронајдок. Станува збор за мастодонт од пред 10 милиони години,
а тогаш човекот не постоел, објаснува Гуте Младеновски,
геолог-палеонтолог од Природонаучниот музеј во Скопје. Пронајдокот е заб
од праисториското животно мастодонт, предок на слонот, кој живеел на оваа
територија пред од 8 до 10 милиони години. Тие животни се хранеле со
растителна храна, а имале огромни димензии. Биле високи три метри и тешки
околу 10 тони.
По една недела од првиот пронајдок работниците ангажирани за одводнување
на површинскиот коп на Рудникот "Суводол" на РЕК "Битола", при подигнувањето
на одложуваниот земјен материјал од копот, го пронајдоа делот што беше
откршен од забот на прастарото животно мастодонт, кој е една третина од
целокупниот катник од неговата долна вилица.
По ова откритие повторно се потврди дека нема сомнение оти станува збор
за мастодонт, животно кое спаѓа во пикермиската фауна стара 8-10 милиони
години, беше категоричен Гуте Младеновски, геолог - кустос во
Природонаучниот музеј на Македонија, кој престојувал во Заводот, музеј и
галерија во Битола.
Тој потврди дека толку зачуван дел од вилица на праисториско животно за
првпат се среќава во овој дел на државава, што не е случај за централниот и
источниот дел во кои имало наоди од ваков карактер. Новиот дел од забот на
праисториското животно има должина од пет сантиметри и е тежок околу 300
грама. Како што беше кажано, овој нов дел претставува природно и воочливо
продолжение на претходниот поголем дел, ископан минатиот вторник.
Младеновски истакна дека многу веројатно е на теренот со понатамошни
истражувања да се пронајдат и други делови од вилицата и евентуално од
черепот на ова праисториско животно.
Ова ново откритие има не само научно, туку и економско значење, зашто на
овој начин се откриваат слоевите на земјиштето, карпите од пред десетина
милиони години, каде што може да се предвиди и присуство на разни минерали,
глини, јагленосани парцели и слично, додаде Младеновски.
ПОНАТАМОШНИ
ИСТРАЖУВАЊА
Гуте Младеновски вели дека вилицата е во нивна надлежност, а не на
битолскиот Завод за заштита на споменици и треба да го земат пронајдокот, со
цел да го проучат и да ја одредат вистинската вредност и старост. Ова
откритие, според Младеновски, е очекувано, затоа што во песочната зона на
Рудникот и друг пат се откривале разни други остатоци од наведениот период.
Сепак, објаснува палеонтологот, ова е нешто ново, бидејќи досега не е
пронајдена и вилица. Исто така и археологот и кустос Енгин Насух изјавил
дека при првиот поглед заклучивме дека станува збор за заб или за дел од
вилица од некое праисториско животно со големи димензии.
Искрено, ние првпат среќаваме таков наод. Според логиката на нештата, би
требало да има уште остатоци, ако тие со претходната работа во Рудникот не
се веќе уништени или преместени, вели археологот Насух. Посакуваме да
најдеме уште нешто. Нашиот завод, за жал, нема стручен кадар од
областа на палеонтологијата. Во Македонија оваа гранка од науката е слабо
развиена.
Со вториот пронајдок катникот е комплетиран и ќе најде соодветно место во
витрината на битолскиот Музеј. Татјана Бошкова, директорка на
Природонаучниот музеј на Македонија, вели дека во разговорите со
раководството на Заводот во Битола, направен е елаборат за реализација на
целокупната програма за натамошно истражување на локалитетот во Рудникот "Суводол",
но и за начинот на презентирање на пронајдокот во битолскиот Музеј.
Директорот на Заводот, Валентин Соклевски, посочувајќи ја одличната
соработка што во овој поглед ја имаат со раководството на РЕК "Битола",
најавил можна финансиска помош од "Електростопанство на Македонија" заради
создавање услови за натамошно истражување на локацијата. Геолозите се
надеваат дека на тоа место ќе пронајдат уште делови од телото на огромното
животно мастодонт, претходник на слонот, кој бил тежок околу десет тони и
висок три метри.
Инаку во Природонаучниот музеј во Скопје постои друг вид материјал за
праисторијата, откриен во близината на Велес, кај Кавадарци, Неготино и
Дојран, каде што, пак, е пронајден дел од носорог. Ова ново откритие во
битолскиот регион ја дополнува картата на праисториски наоѓалишта во нашава
земја и претставува поттик за понатамошни истражувања. Стручната екипа што
ќе работи на истражување во рудникот "Суводол" ја сочинуваат археолози,
палеонтолози, геолози, конзерватори од битолскиот и скопскиот музеј и други
експерти. Соклевски соопшти и дека за ова откритие во Пелагонија старо 10
милиони години веќе се објавени податоци на веб-страницата на битолскиот
Завод, музеј и галерија, а во исто време се информирани 43 научни институции
во светот со цел и тие да се вклучат во расветлувањето на ова палеонтолошко
откритие. На овој повик на битолскиот Завод, музеј и галерија позитивно
одговориле научните институции од Словенија, Италија и Шпанија кои веќе
прифатиле соработка. Тие нудат свои совети за вистинска валоризација на
наодите и истовремено им сугерирале на македонските колеги да ги продолжат
истражувањата навестувајќи дека овој басен може да биде златен рудник за
европсклата и светската палеонтологија.
|