ИСТОРИЈА

Новата година со свое минато

ПРАЗНИК НА ЧОВЕШТВОТО

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Уште многу одамна, во најстари времиња, древните цивилизации на старите народи го славеле крајот на старата и почетокот на новата година, со надеж и верба дека Новата година ќе им донесе многу повеќе радост, среќа и бериќет. Дочекот на Нова година, без оглед на разликите во датумите, отсекогаш претставувал празник на човештвото. Некои народи овој празник го прославувале на први јануари, а други пак на лето, за време на жетвата.
  • Денешните народи по правило, во најголем број Нова година, ја слават на први јануари. Како и да е, на овој празник отсекогаш се славела радоста на животот.

Во Стариот Египет, и народот и фараоните со бројни свечености го одбележувале заминувањетона старата и доаѓањето на новата година, бидејќи за нив тоа претставувало еден од најголемите религиозни празници, во чест на божицата Изида.

За Старите Египјани, првиот ден на годината се совпаѓал со денот кога на источното небо ќе се појавела ѕвездата Сириус, што пак значело најава на поплавите на реката Нил. Обично завршната церемонија се случувала на 20 јули, кога низ реката Нил се пуштал запален брод кој симболично го одбележувал заминувањето на старата година.

РАДОСТ, СРЕЌА И БЕРИЌЕТ

Начинот на кој Персијците го славеле настапувањето на пролетниот, сончев стадиум, односно доаѓањето на Нова година, најдобро ни го опишува грчкиот историчар Херодот: "Централна личност е царот. Тој ја дочекува Новата година во својата палата. Свеченоста почнува со чукање на кралските порти… во палатата влегуваат момчиња со подароци. По нив навлегува толпата која ќе ги запоседне сите царски одаи. Во таа пригода, царот има вонредни права. Тогаш тој може да се напие, да танцува и да се "смеша" со народот. Штом заврши празнувањето, портите на царската палата повторно се затвораат и царот се повлекува во своите одаи.

Елката како најзначаен симбол на Новата година

Старите Римјани прославата на Нова година ја почнуваат уште на 19 декември и сето тоа траело до 31 декември. На први јануари свеченоста била завршена и започнувало доаѓањето на должност на новите конзули во Рим. На овој ден, тие оделе кај свештениците кои ја претскажувале иднината, т.н. сугури, за да ги советуваат како да владеат. Инаку, Римјаните ја прославуваат Нова година на први јануари од времето на императорот Цезар.

Ромејците практикувале различни обичаи при празнувањето на Нова година, а како нејзин почеток го прифатиле времето на полната месечина, в лето. За време на новогодишните празници престанувала севкупната нормална работа, посветувајќи му го празникот на жетвата и изобилието на богот Дионис и оддавајќи се на задоволства и уживање.

Тогаш, дури и должниците не биле прогонувани, а робовите имале право да учествуваат во сите ритуали на новогодишните свечености. По службеното завршување на свеченоста, животот се враќал во нормалниот тек.

Нова година за старите Словени претставувала ден на раѓањето на богот Сонце, а Божиќ се празнувал на денот на зимската краткоденица. Не можејќи да го определат точниот датум, го земале 25 декември. Тогаш ги извршувале најголемите верски обреди и принесувале жртви.

Многу интересни обичаи се забележуваат во некои краеви на Германија и Англија. Така, при прославата на Нова година во Германија, во минатото, се практикувало секој од членовите на семејството на полноќ да истури лажиче стопено олово во студена вода. Форамата на изладеното олово ја предвидувало иднината на годината што доаѓа.

Во Англија, пак, се верува дека оној што прв ќе го прескокне прагот на влезната врата во куќата, по настапувањето на Нова година, целата година ќе биде здрав и среќен.

ВО РЕЛАЦИЈА СО ВРЕМЕТО

Но, и прославата на Нова година има своја историја. Уште многу одамна луѓето се стремеле да го дефинираат почетокот на годината, односно да имаат календарска година. Тоа ни најмалку не било лесно, бидејќи обиколката на Земјата околу Сонцето трае точно 365 дена, 5 саати, 48 минути и 45,97 секунди, или 365 дена и 6 часа. Што значи дека Новата година секогаш би почнувала неколку часови порано, што во практиката е тешко изводливо.

Римскиот владетел Јулие Цезар се обидел да ги среди сите неправилности и непрецизности на постоечкиот календар. За таа цел ги повикал александрискиот астроном Сосиген и римјанинот Скриб Флавиј со задача да го прецизираат Стариот календар што го пресметувале свештениците според промените на Месечината. Така настанал денешниот Јулијански календар, според името на Јулие Цезар. Но, тоа не била ни најмалку лесна работа, бидејќи календарската година требало да се стави во релација со времето.

Она по што е карактеристичен Јулијанскиот календар е дека годината има 365 дена, а секоја четврта година се додава уште по еден ден. Овој ден, всушност, ги надоместува оние 5 саати, 48 минути и 45,97 секунди.

Сепак, Сосиген и Флавиј не можеле успешно да ја решат разликата од 12 минути годишно, која во период од 129 години, изнесувала цел еден ден.

Со текот на врмето разликата во денови се зголемувала. Расчекорот со реалната состојба се обидел да го надмине италијанецот Луиџи, на иницијатива на папата Гргур 13.

Недостатокот на Јулијанскиот календар бил исправен на следниот начин: биле укинати престапните години во секое целосно столетие кое може да се подели на 400. Така, на пример, 1600 година била престапна затоа што е делива со 400, а годините 1700, 1800 и 1900 не се престапни, иако според Јулијанскиот календар требало да бидат престапни.

Ова пресметување во голема мерка го прецизирало календарот, така што човештвото во тој поглед може мирно да живее уште 3000 години.

Така се случило 1582 година да биде најкусата година во историјата на човештвото, бидејќи за практично регулирање на состојбата биле исфрлени 10 денови од календарот, односно деновите меѓу 5 и 15 октомври 1582 година биле прешкртани во календарот. Така, тогаш место по 5 октомври да биде 6 се прескокнало директно од 5 на 15 октомври.

Бидејќи реформата на календарот била дело на папата, истиот го прифатиле само католичките земји, додека православните Христијани и преостанатите останале на старото сметање на времето. Затоа Нова година според овој календар се чека на 13 јануари.

Меѓутоа, по повеќе од сто години, во 1699 годна германските протестантски држави почнале да го применуваат Грегоријанскиот календар. Англија како поконзервативна земја, овој календар го вовела во 1752 година.

Православните земји многу подолго го применувале Јулијанскиот календар. Русија била најупорна во тоа. Таа го прифатила новиот календар дури по Октомвриската револуција во 1917 година.

Според астрономите и називот "Октомвриска" е погрешен, бидејќи Револуцијата избувнала во ноември, но во тоа време, времето во Русија се сметало по Јулијанскиот календар, па така настанал називот "Октомвриска револуција" кој се користи и денес.

Како и да е, денес многу обичаи за Нова година, своето потекло го водат од древноста. Во нив се наоѓаат многу елементи кои денешните жители на Средна Европа ги донеле од својата азиска прататковина. Силата на обичаите влијаела и врз Римјаните. Затоа набргу биле прифатени и од нив.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"