о селата беа организирани
вооружени единици ТЕА (баталјони за национална одбрана). ТЕА беа претворени
во мачители на внатрешноста и вооружени поддржувачи на крајната десница. ТЕА
воглавно беа формирани со цел да ја бранат безбедноста на внатрешноста на
егејскиот дел на Македонија што наводно & се закануваа од комунистичките
соседни држави. Од ТЕА најмногу настрадаа Македонците.
Грчките власти исходот на Граѓанската војна го искористија за етничко
чистење на егејскиот дел на Македонија. За постигнување на таа цел тие
презедоа повеќе репресивни законски и други мерки.
Покрај политичкиот, правниот и друг притисок со цел да ги принудат
Македонците да ги напуштат своите огништа, грчките власти ја стимулираа и
економската миграција што резултираше со емигрирање на повеќе илјади
Македонци од затворите и логорите. Пребегнатите во градските центри и оние
што беа присилно изолирани во градските центри по завршувањето на
Граѓанската војна беа принудени да го проследат патот на емиграција, бидејќи
нивните имоти беа конфискувани и доделени на Грци - колонисти.
КОНФИСКУВАЊА, АСИМИЛАЦИЈА, ЕГЗОДУС...
Покрај декретите М/47 и Н/48 по завршувањето на Граѓанската војна,
односно во 1953 година е донесен ПЗ 2536/53 "околу повторното населување на
пограничните подрачја и помош на населението".
ПЗ 2536 немилосрдно се пресметува со Македонците од егејскиот дел на
Македонија. Со овој Закон беа конфискувани и ограбени недвижните имоти на
Македонците (обработливо земјиште, шума, пасишта, станбени и други згради,
алати и слично) и доделени на Грци, подобни на режимот донесени од Грција и
од Кавказ.
Одредбите на Законот предвидуваа дека 60 км од границата кон внатрешноста
требало да се иселат "нелојалните" граѓани и на нивно место да се населат
Грци, "здрави" елементи, со јасна и потврдена грчка национална свест.
Во согласност со член 6 на овој Закон недвижниот имот, сопственост на
лице кое избегало во странство "нелегално", односно без пасош, се смета за
напуштен, дури и ако тој се обработува од роднини, претставници или од
наематели. По заминувањето на три години од бегањето на сопственикот, тој
губи секакво право на имотот кој се конфискува и поминува во сопственост на
државата. Дури и во случај да се јави сопственикот на имотот, тој не
стекнува право на сопственост на својот имот. И трето лице, односно роднина
или претставник што го користи имотот, нема право по судски пат да го задржи
имотот, односно да побара правна заштита. Истото важи и за случаите кога
имотите поминаа во сопственост на наследниците на првиот сопственик.
Законот 2536/53 и другите закони за конфискација на имотите, главно се
однесувале на Македонците.
На Законот 05/49 "околу националното првоспитување", донесен по
завршувањето на Граѓанската војна, односно на 9 октомври 1949 година,
грчките власти му обрнаа особено внимание. Главна цел на овој Закон беше
денацонализација на Македонците.
Во реализацијата на целите на овој Закон беа вклучени сите
административни, политички, црковни, културно-просветни институции, науката,
печатот, радио-телевизијата, односно целокупниот пропаганден и
административно-политички и воен потенцијал.
Законост особено внимание обрна на просветната пропаганда. Беа одобрени
огромни финансиски средства и беше користена помошта од меѓународните
хуманитарни и други организации за обнова на уништените училишта и за
изградба на нови онаму каде што не постоеја, изградба на простории за
целодневен престој на децата од предшколска возраст, целосно опремување на
училиштата и предучилишните установи со потребниот училишен и друг инвентар,
за бесплатна исхрана на учениците и дечињата, бесплатни книги и прибор за
пишување, цртање и слично.
Покрај училиштата и забавиштата, во секое македонско село беа
организирани детски градинки, во кои беа опфатени децата од најмалата
возраст и подготвителни одделенија во основните училишта. Назначувен е
наставнички, педагошки и воспитувачки персонал во секое населено место во
егејскиот дел на Македонија, без разлика на бројот на учениците, односно
децата. Во сите детски установи строго се забрануваше употребата на
македонскиот јазик. Се печатеа и бесплатно се делеа популарни книги,
списанија и слично со соодветна историска и слична содржина. Се доделуваа
бројни стипендии на македонските деца за школување во средни и високи школи.
Покрај горенаведените мерки, грчките власти за денационализација и
асимилација на Македонците, применија една од најнедемократските и
реакционерни мерки што е во дијаметрална спротивност со меѓународните
конвенции за елементарните човекови права. Имено, Македонците беа принудени
групно да изјавуваат, односно пред црковни и државни функционери да даваат
заклетва дека се откажуваат од својот мајчин јазик и ќе зборуват само на
грчки јазик.
Заклетвата подготвена и наметната од грчките власти, гласеше:
"Ветувам пред Господ, народот и официјалните власти на нашата држава дека
од денес ќе престанам да зборувам на славјанскиот идиом што дава само повод
за манипулирање од непријателите на нашата земја, од Бугарите, дека секогаш
и насекаде ќе зборувам на официјалниот јазик на нашата татковина, на грчки
јазик, на кој е напишано светото Евангелие на нашиот Исус Христос".
РЕПАТРИЈАЦИЈА НА ЕГЕЈСКИТЕ МАКЕДОНЦИ!?
За асимилацијата и денационализацијата на Македонците, грчките власти
презедоа и други мерки како што е економско стимулирање на мешани бракови,
односно стапување во брак на Грк со Македонка и обратно, мерка што даде
забележителни резултати.
По паѓањето на воената хунта, во 1974 година и процесот на
демократизацијата на Грција, преземени се мерки за национално помирување во
Грција, не само за Грците. Во врска со тоа преземени се повеќе законски и
политички мерки. На 16 април 1980 година по предлог на Владата е донесен
закон со кој вооружената меѓусебна војна која се третираше како "бандитска",
ја прогласи за граѓанска, ги амнестира сите дела извршени во текот на
Граѓанската војна, на побегнатите им призна статус на политички бегалци, ја
легализира КПГ, на 17 август 1982 година со посебен закон ја призна ЕЛАС за
патриотско движење, донесе прописи за социјално зголемување на борците на
ЕЛАС и ДАГ и друго.
Во рамките на тие процеси се постави прашањето на репатријацијата на
полтичките бегалци и враќање на конфискуваните имоти и друго.
Грчката Влада во рамките на својата политика за етничко чистење на
егејскиот дел на Македонија, презеде законски и други мерки да ја спречи
репатријацијата на Македонците политички бегалци. Оваа нејзина одлука,
владини министри и други функционери отворено ја истакнуваа. Така на пример,
при официјалната посета на грчка владина делегација на Романија во 1979
година, министерот за надворешни работи на грчката Влада, Ралис, оствари
средба со делегација на политичките бегалци од Грција во Букурешт.
Делегацијата побара од грчката влада слободна и безрезервна репатријација на
сите политички бегалци во Грција. Министерот Ралис категорички најави дека
Владата тоа не може да го прифати, бидејќи во никој случај нема да дозволи и
да овозможи македонскиот елемент да се врати во Грција.
Уште појасен и покатегоричен беше министерот на Претседателството на
грчката Влада, актуелниот претседател на Република Грција, Костис
Стефанопулос. Тој на седницата на Парламентот одржана во втората декада на
април 1980 година во врска со барањето на опозицијата за слободна
репатријација на политичките бегалци, меѓу другото, рече: "Познато ви е дека
во нашата земја има подрачја, во поблиската и подалечната историја, има луѓе
со намалена национална свест. Разумните сфаќаат. Не можам повеќе да говорам.
Се надевам дека сфативте што сакам да кажам, од чисто национален интерес и
од други причини не можам повеќе да ја образложувам темата, која повторувам,
на сите им е позната, а се преправаат дека ја заборавија. Ако дозволиме
слободна репатријација, ќе се создаде опасност во некои национални
чувствителни подрачја. Сите треба да сфатите дека се работи за околу 40
илјади лица кои живеат во една земја, што не ја именувам, а која секогаш,
дури при официјални посети на нејзини лидери на нашата земја, покренуваат
прашање кое во Грција не постои...".
Министерот Стефанопулос со цел да ја претстави како што поголема "опасноста"
по националните интереси на Грција, доколку се дозволи слободна
репатријација на Македонците политички бегалци и со тоа да ги убеди
пратениците, го предимензионира бројот на Македонците политички бегалци во
источноевропските земји и во Југославија.
Прашањето на репатријација на политички бегалци е решено на штета на
Македонците со Законот 106841 од 29 декември 1982 година донесен од Владата
на ПАСОК.
Законот потпишан од министрите Гениматас и Скуларикис во рамките на
политиката на тогашната Влада за таканареченото "национално спријателување"
на Грците, меѓу другото, содржи: "... Можат слободно да се вратат во Грција
сите Грци по род кои за време на Граѓанската војна ја напуштија земјата и
заминаа во странство како политички бегалци и на кои им е одземено
државјанството".
Како што се виде, спротивно на сите меѓународни договори и конвенции за
политички бегалци, на Македонците политички бегалци, кои од исти причини
заедно со Грци ја напуштија земјата, им е скратено правото да се вратат во
своите домови. Основната причина е јасна. Да не се обнови компактното
македонско малцинство во компактна македонска територија и не само тоа, на
Македонците политички бегалци не им се дозволува дури и посета на својот
роден крај. Во Грција која се рекламира како лулка на слободата и
демократијата уште се водат досиеја за Македонци и одлука да не им се
дозволи да го посетат својот роден крај само поради тоа што се Македонци.
На ист начин е решено прашањето на конфискуваните имоти. Грчкиот
Парламент на 10 април 1985 година го донесе Законот 1540 "за регулирање на
имотите на политичките бегалци". Законот од името на Владата го образлагаше
и го бранеше тогашниот министер за земјоделие и актуелен премиер на грчката
Влада, Костас Симитис.
Членот 1 од Законот гласи:
1. Политички бегалци за примена на овој Закон се сметаат Грците по род,
кои поради Граѓанската војна побегнаа во странство по 1 јануари 1945 година,
или беа затворени или интернирани.
Овој Закон се однесува на конфискуваните недвижни имоти, согласно
декретите М/1948 и Н/1948, законите 2536/1953, Законот 3958/1959, Декретот
Г/1946, Декретот ЛЗ/1947, Законот 1539/1538 и друго.
Овој Закон е еден од најнедемократските закони кој исклучиво е насочен
против Македонците, односно ја има истата цел: оневозможување на Македонците
политички бегалци да се вратат во својата земја и да ги обноват своите
домаќинства.
(Продолжува)