"Вие знаете од каде и зошто сте дошле во оваа словенска земја, знаете
дека овде не сте пожелни.... И започнаа со камшици... да ме шибаат по очи,
по глава, по грбот" - зборува измачениот од германските мисионери,
некогашниот затвореник, некогашниот продаден роб, големиот македонски
светител Свети Наум Охридски. Роден и живеејќи во Македонија, тој на себе го
почувствува маченичкиот живот на македонскиот народ и неговите страдања и
стоејќи пред Христовиот престол продолжува да ја чува неговата и наша
татковина Македонија од секакво непријателство и самостојноста на нашата
Света МПЦ.
СТОЖЕР НА МАКЕДОНШТИНАТА
Живееше во она тешко историско време кога непријателите на нашиот народ
сакаа да го германизираат и елинизираат. Но, длабокомислениот, надарениот,
мудриот Св. Наум и преостанатите "Свети Седмочисленици" (во кои спаѓа и тој):
Св. рамноапостолни Кирил и Меодиј, Св. Климент Охридски, Св. Сава, Св.
Горазд и Св. Ангеларија, не дозволија македонскиот народ да пропадне во
нечистото море на туѓинските влијанија, го отфрлија незнабожното учење и го
благовестија Триединиот Бог, проповедувајќи ја христијанската вера при
Богослужбата на црковномакедонски јазик. И во таквото тешко време, кога
целиот наш народ бил измачуван, поробуван и обесправен, Св. Наум заедно со
преостанатите "Св. Седмочисленици", твореа и оставија дела кои се толку
важни, што се камења на темелот на нашиот живот, дела кои влегуваат во
темелот на она што се смета дека е корен на секој народ. Овие Богомудри
просветители, втемелувачи на писменоста и верата, мисионери, основоположници
на самобитната македонска писменост, книжевност и култура, ги чувствуваат
тешките искушенија на нашиот народ и продолжуваат да живеат како опомена и
совест во душите на луѓето од целиот свет, како неуморни заштитници на
македонскиот народ низ сите векови, како вечни и вистински сведоци за
самостојноста на Македонија и автокефалноста на МПЦ. Св. Наум, талентираниот
ученик на Светите браќа Кирил и Методиј, е чудотворен лекар, познавач на
многу јазици, преведувач на многу дела. Превел голем број црковни книги на
црковномакедонски јазик. Учествувал во преводот и проповедот на Светото
Писмо. Ги составил каноните за Свети Архангел Михаил, Свети апостол Андреј и
за пренесување на моштите на Свети Јован Златоуст. На југоисточниот брег на
Охридското Езеро, на висока карпа, на изворот на Црн Дрим, тој изградил
манастир и го посветил на Свети Архангел Михаил и на Свети Архангел Гаврил.
Епископот Св. Климент Охридски го извршил осветувањето на манастирот.
ТАТКО НА МОНАШТВОТО
Светителот со непоколеблив дух го основал и го раководел монаштвото во
Македонија и станал татко на монаштвото во просторите во Македонија и
Балканот. "Околу Свети Наум се собрало множество монаси од секаде од
Балканот".
Чудотворецот и исцелителот од секакви болести, и на иноверните и
муслиманите, на оние што му приоѓаат со вера, силниот Светец на збор и перо,
трпеливиот и издржливот во страдањата, заштитникот на бедните, сиромашните,
сираците и вдовиците, духовниот втемелувач на Христовата вера во срцата на
луѓето, со примен монашки чин, го претчувствувал крајот на својот живот, се
повлекол во својот манастир и во него останал се до 910 година, кога го
предал својот Свет Дух на Господа. Неговиот гроб се наоѓа во тој манастир и
е извор на чудотворна сила. На 5 јануари по нов календар (кога се раздели од
земниот живот), камбаните на Христовата Црква ќе заѕвонат громогласно и
свечено во Македонија и во сите континенти на светот каде се наоѓаат
Македонците и ќе го најават празнувањето на некогашниот продаден роб, "бесмртниот
великан кого вековите не го раѓаат", македонскиот светител, Св. Наум
Охридски.
Нашиот народ од цела Македонија, од Европа и од прекуокеанските земји,
доаѓа да му се поклони во светиот манастир на Св. Наум Охридски, на Светиот
гроб и чудотворните мошти и да побара Божја помош преку Светецот. Овој
манастир кој има свое историско значение е "најголемиот чудотворен сад на
овие македонски и балкански простори ".
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд