одината 2002 е веќе зад нас и
сите ги сумираат резултатите за тоа какви успеси се постигнати, што беше
пропуштено и што треба да се направи. Би сакале да кажеме дека македонскиот
спорт оваа година постигна повеќе успеси отколку што беше пропуштено, но
сепак кога на крајот ќе се сумира што се се случуваше оваа година, би можеле
да кажеме дека оваа година македонскиот спорт многу повеќе беше преокупиран
со банални проблеми кои континуирано ни се случуваат и се карактеристични за
македонското поднебје, наместо да се фокусира на постигнување на успеси и
сопствена промоција во светот.
Во вој број би сакале да направиме пресек на она што се случуваше оваа
година во фудбалот, ракометот, кошарката како три спорта кои се и
најпопуларни во Македонија.
ФУДБАЛ
Оваа година македонскиот фудбал ги доживуваше своите најтешки мигови од
своето постоење како самостоен Фудбалски сојуз. Фудбалската влада на Ламбе
Арнаудов не успеа да се снајде со своите дадени нереални ветувања и со
своите непромислени постапки успеа да го доведе македонскиот фудбал во многу
незавидна положба, па така за да се решат проблемите кои произлегуваа многу
повеќе од политиката отколку од спортот, требаше да интенвенира и УЕФА и да
се дозволи некој друг да ни ги решава проблемите во нашиот двор. Имено,
станува збор за периодот кога албанските клубови во Македонија формираа едно
координативно тело на албанските клубови и ултимативно поставија барање дека
доколку не се направи екипата на Шкендија да игра во Првата лига ќе се
формира паралелна албанска лига. Сето тоа беше поткрепено дека наводно Ламбе
Арнаудов им дал ветување оти по завршувањето на воената криза во Македонија
и кога во кризните региони ќе се создадат услови за играње фудбал, екипата
на Шкендија ќе биде вратена во Првата лига. Тоа најверојатно беа најтешките
моменти на македонскиот фудбал кога се закануваше да се формира паралелен
фудбалски сојуз и паралелна фудбалска лига, нешто што сепак се реши на начин
кој ја исклучи комплетно политиката која настојуваше да се наметне како
критериум по кој ќе се решаваат проблемите.

На Клупски план состојбата е полоша отколку минатата година. Минатото
првенство беше крајно контроверзно и отворено се лицитираше со износи со кои
можеше да се купи натпревар. Тоа досега се немаше случено во Македонија.
Нашите клубови на меѓународен план не успеаја да ги поминат ниту
квалификационите кола и уште една година беа само клубови кои само ја
пополнуваа квотата на УЕФА.
На репрезентативен план во оваа година го доживеавме најголемиот неуспех
и најголемиот успех. Имено, успеавме да изиграме нерешено со Лихтенштајн,
нешто што се смета како најголем неуспех досега на македонската
репрезентација, но исто така успеавме да изиграме нерешено и со велесилата
Англија, резултат кој го сврте вниманието на целокупната светска јавност кон
Македонија.
На крајот од ова година ја добивме и новата фудбалска влада на чело со
Хари Хаџиристески кој на почетокот рече дека ќе се залага за доброто на
македонскиот фудбал, а нејзините резултати ќе треба да ги очекуваме дури
идната година.
РАКОМЕТ
Ракометот за разлика од фудбалот оваа година постигна значајни успеси.
Најзначаен е секако успехот на екипата на Кометал ЃП која стана европски
шампион. Ова е прв пат една македонска екипа во некој екипен спорт да стане
европски шампион. Ја имавме цела Европа на дланка, ни се поклонуваше цела
Европа. Успехот на Кометал ЃП беше она кое го поткрена македонскиот дух,
македонската гордост. Навистина беше прекрасно чувството да се поздрави еден
европски шампион. Се надеваме дека така ќе се продолжи и во иднина. И
екипата на Вардар ватростална успеа да се натпреварува во Лигата на
шампионите, успех кој вреди да се почитува, а посебно ако се знае дека успеа
таму да ја победи и екипата на Кил која оваа година важи за еден од
најсериозните кандидати за освојување на титулата.

На репрезентативен план, меѓутоа, работите стојат лошо. Машката ракометна
репрезентација ја имаше таа судбина повторно да го добие Исланд за противник
во баражот и повторно не успеа да го помине и да се квалификува на едно
големо натпреварување. Но, ако резултатите кои ги постигна машката ракометна
репезентација беа очекувани, тогаш никако не треба да бидеме задоволни од
резултатите кои ги постигна женската ракометна репрезентација. Имено, истата
онаа репрезентација која некогаш беше осма во светот и во Европа сега не
можеше да го победи еден Азербејџан. Таквиот резултат исфрли многу отворени
прашања за работата на самата федерација и за состојбите во македонскиот
ракомет. Првиот обид за промена на раководството на македонската ракометна
федерација помина неуспешно, но по ваквите резултати сите се прашуваат уште
колку време ќе се задржи ова раководство.
КОШАРКА
Македонската кошарка минатата година беше во многу незавидна положба.
Имено, оваа година може да се оквалификува како најтешка за македонската
кошарка. На репрезентативен план доживеавме голем неуспех со тоа што не
успеавме да се квалификуваме на Европското првенство во Шведска. Но, многу
повеќе боли начинот на којшто играше нашата репрезентација и на кој се
пристапи кон решавање на актуелните проблеми. Навистина, да се изгуби од
Ирска и воопшто да се доведеме во ситуација да играме не за на ЕП, туку за
да ги избегнеме претквалификациите и притоа никој да не сноси никаква
одговорност, е крајно несириозно и недопустливо.

На клупски план, пак, работите стојат дури и полошо. Првенството ни беше
најслабо досега. А, пак, екипите кои излегоа во Европа служеа само
противниците да си ја зголемат кош-разликата. Навистина тажна беше сликата
на македонската кошарка оваа година. Беше чудно што на крајот од годинава
актуелното раководство на Македонската кошаркарска федерација доби поддршка
за својата работа - нешто ќе треба да се менува во нашата кошарка и тоа да
се менува под итно. А зошто промените не би почнале од самото раководство
кое ни ја води кошарката?